ДУИ ќе гласа за Законот за антидискриминација

ДУИ ќе гласа за Законот за антидискриминација
Дали средбата на вицепремиерот Бујар Османи со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние или, пак, реакциите во јавноста имале пресудно влијание, но ДУИ сега ќе го поддржи Законот за антидискриминација.  Османи по средбата со Тимоние изјави дека немаат задршки за законот и дека ќе го поддржат. Само до пред два дена Османи тврдеше дека нивниот отпор бил поради „ЛГТБ-заедницата и други категории“. Вообичаено, сопствените изјави неколку дена подоцна се толкуваат дека биле извадени од контекст.

„ДУИ го поддржува овој закон и ќе гласаме за поддршка на законот“, рече Османи. За изјавата која пред само два дена ја даде во Топ-тема, а која предизвика реакции кај невладините организации  дека во ДУИ има дилеми за законот „за ЛГБТ-заедницата и други спорни категории“, Османи вели дека била извадена од контекст.

„Точно е дека реков дека сѐ уште има предрасуди во партиите, вклучувајќи ја и мојата партија поради некои мислења дека можеби електоратот има предрасуди. Јас мислам дека и електоратот и луѓето созреваат во однос на ова прашање и ДУИ го рефлектира тој став и дава подршка“, рече Османи демантирајќи ја сопствената изјава на Телма.

На средбата присуствуваа и француските пратеници Лилијана Танги и Жак Мер кои работат на подготовка на македонскиот тим за почеток на преговорите со ЕУ. „Оние што го блокираат донесувањето на законот го блокираат патот кон ЕУ“, вели Тимоние.

Лани во јули минатата година пратениците ја усвоија потребата од донесување на Законот за антидискриминација, но оттогаш е заглавен во комисиските тела – за труд и социјална политика со која претседава Влатко Ѓорчев и за европски прашања, која ја води Артан Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се против секаков вид дискриминација, но законот за нив бил неприфатлив затоа што во него е исклучена дефиницијата за брак како заедница на маж и жена, што е вовед во хомосексуални бракови и посвојување деца. Она што, исто така, не им се допаѓа е што се воведува нов термин „родов идентитет“, па со тоа билошката детерминанта станува флуидна.

Според собраниската процедура, Законот мора да биде разгледан на двете комисии за да стигне на гласање во Собранието.

Законот веќе има добиено позитивно мислење од Венецијанската комисија и е дел од пакетот закони според кои ЕУ ќе ја оценува Македонија во делот за унапредување на човековите права. (П.Р.)

Споделување со вашите пријатели: