Ѓорчев за „Независен“: Ќе победам, како и на сите избори досега

Ѓорчев за „Независен“: Ќе победам, како и на сите избори досега
Не сакам да изгубам ниту на кошарка во маало, а камоли на претседателски избори“, вели Влатко Ѓорчев од својата пратеничка канцеларија на првиот кат од Собранието. Иако во парламентот вчера беше вообичаен ден со активности, за него е, сепак, посебен: првпат во законодавниот дом влезе како кандидат за претседател на државата. Телефонот постојано му ѕвони, прима пораки и поддршка за кандидатурата.

Во канцеларијата влегува неговиот партиски колега Антонио Милошоски. Срдечно се поздравуваат и се прегрнуваат.

Со среќа“, му вели Милошоски.

Заедно ќе победиме“, му враќа Ѓорчев.

Ексминистерот за надворешни работи практично до последен момент фигурираше како потенцијален кандидат на опозицијата за наследник на Ѓорге Иванов.

Таа одлучност, мотивираност и волја ја има само кај Влатко“, коментира Милошоски.

Тој објаснува дека со Ѓорчев споделуваат блиски гледишта за надворешно-политичките приоритети на Македонија потенцирајќи го Договорот за стратегиско партнерство со САД од 2008 година, како и оној со Турција, партнерските односи со државите членки на ЕУ и определбата за проактивна мултилатерална дипломатија во ОБСЕ, ОН и Советот на Европа. Тие се познаваат добро уште од студентските протести во 1997 година.

Го ценам тоа што Ѓорчев како личност цврсто се залага за промоција на семејните вредности како темелна основа во општеството, а како пратеник одлично знае што значи да се биде непосредно избран од граѓаните, како темелна вредност во демократијата. Негласањето на незаконскиот референдум, каде што мнозинството Македонци јасно беа против октроираниот проект на Зоран Заев за менување на уставното име на Македонија, беше правилен став и на Влатко Ѓорчев, но и став на најголемиот број на гласачи во цела држава. Од 2006 година наваму Ѓорчев успешно го потврдува неговиот изборен легитимитет, а довербата од гласачите со победнички резултат ја има потврдено како во третата, така и во шестата изборна единица“, вели Милошоски.

Тој му ветува дека како делегат на партиската конвенција на 16 февруари во Струга ќе му го даде својот глас.

Партискиот оглас трае до 31 јануари, па возможно е да се пријават други кандидати, при што никој не му гарантира на Ѓорчев дека тој ќе биде кандидат на опозицијата за изборите закажани за 21 април, односно 5 мај.

Не размислувам за тоа. Убеден сум дека ќе победам и меѓу своите во партијата и меѓу граѓаните на Македонија. Не би ме задоволил пораз со освоени, на пример, 400.000 гласа. Ја познавам секоја педа од државата, знам како дишат граѓаните, знам што им треба и им ветувам дека никогаш нема да ги изневерам“, нагласува.

Тој е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година. Кратко време лани, по доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на партијата, беше координатор на пратеничката група. За време на владеењето на Никола Груевски со ВМРО-ДПМНЕ и со државата, главно беше носител на изборните листи, но никогаш не беше поставен на некоја раководна функција. Јавноста го запозна за време на средношколските протести во 1997 година кога беше еден од најактивните демонстранти. Беше еден од ретките пратеници од власта што реагираа за време на случувањата на 27 април 2017 година, кога ги бранеше тогашните опозиционери од нападите на разулавената толпа, поради што добиваше благодарност од актуелната власт, како и од странските дипломати.

Сметам дека Мицкоски одлично ја води партијата и тоа во услови кога беше најтешко за нас. Верувам дека новата влада ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а тој ќе биде премиер. Што се однесува до случувањата за 27 април, не би сакал тие да се користат за ситни поени. Помирувањето не може да се случи преку политиката, а власта не смее да продолжи со шиканирање на неистомислениците“, вели тој.

Има завршено политички науки. Беше стипендист на фондацијата „Конрад Аденауер“, учесник на програмата на „Харвард“, особено е горд на добрите контакти што ги има во Брисел, Берлин (редовен гостин на конгресите на ЦДУ на Ангела Меркел) и Вашингтон. Пред две децении му беше асистент на Борис Трајковски во комисијата за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, кога почнаа контактите со Европската народна партија.

На 26-27 години убедливо го победив Никола Поповски од СДСМ како носител на пратеничка листа на изборите во 2006 година, а две години подоцна и Тито Петковски. Всушност, на пет избори - 2006, 2008, 2011, 2014 и 2016, кога противкандидат ми беше Петре Шилегов, никогаш не сум доживеал пораз“, забележува Ѓорчев.

Тој вели дека допрва ќе се екипира тимот за кампања. Напоменува дека ќе води позитивна кампања, но оти нема да може да ги премолчи сите „фаули“ на оваа влада.

Секако дека прв таргет ми се членовите и симпатизерите на партијата, но не само тие. Разочараните и излажаните од СДСМ, оние што ќе ја препознаат мојата енергија, Македонци, Албанци, Турци и сите што живеат тука. Зарем не се изневерени нивните очекувања? Имаме иселувања, безидејност, катастрофална економска политика, ужасен избор на кадри... Очекувам сите заедно да помогнеме Македонија да се исправи на нозе“, праќа порака до гласачите.

Ѓорчев е оженет со Американка и има четири деца. Вели дека од нив добил поддршка да се кандидира за претседател на државата. На прашањето дали е подготвен да тера кампања, а потоа и да се нафати на одговорната функција земајќи им го времето на најблиските - одговора низ смеа: „Навикнати се и тие и јас“.

Горан Адамовски

Споделување со вашите пријатели: