Денови на исчекување

Денови на исчекување
Ерол Ризаов

Граѓаните на Македонија се повторно во исчекување. Со децении чекаме нешто што сите ќе нè израдува, иако тоа не е можно од проста причина што за едните е добра вест, а за другите е лоша. Многу лоша. Не постои таква вест што сите ќе нè направи среќни, дури и кога има причина за тоа, да бидеме ептен радосни. Во Македонија делбите се толку силни што среќата за едните е трагедија за другите. Овој пат чекаме да се радуваме, или да тагуваме, за тоа дали грчкиот парламент ќе го ратификува Преспанскиот договор што ќе ги отвори вратите кон Европа кои беа блокирани со децении. Или, може да се случи во последен час сè да пропадне поради еден глас, поради еден човек, што може да направи многумина кај нас многу среќни. Гледаме во живо драма под Партенон, која ја гледавме со месеци во македонското Собрание. Балкан.

Сега античката трагедија се игра на сцената во грчкиот театар, која, исто така, е во три чина: прво гласање за доверба на владата, па пауза, па гласање за прифаќање на Договорот, па пауза и гласање за негова конечна ратификација, прва Грција од 29 членки на НАТО. Спуштање на завесата. Поради ова осмо светско чудо, во кое до вчера никој не веруваше, дека е можен компромис, во двете соседни земји наместо олеснување дојде до високи тензии. Додека светот го поздравува историскиот договор и храброста на политичките лидери, премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, до предлог за Нобелова награда за мир, опозицијата и во Македонија и во Грција бара предвремени избори да го поништи договореното и да направи нов подобар договор, кој никогаш не го направија во долг период на нивното владеење ниту, пак, некогаш ќе го направат ако дојдат на власт. Какво проклетство - како да е казна на боговите од Олимп преземена од античката митологија.

Стоењето во место на европскиот пат, најголема и ненадоместлива штета за Македонија, му служеше на Никола Груевски и неговиот режим да се одржува цели 11 години како најсилна поддршка да владее без контрола и отчет. Тврдиот став на Грција беше одлично оправдување дека друг е виновен за сите наши неуспеси. И за блокадата на евроатлантските интеграции, но и за сè друго. Ова истото ни го ветуваат неговите наследници, со таа разлика што Христијан Мицкоски е во улога на лидер на опозицијата, кој сака да ја освои власта со тоа што ќе ја врати Македонија на истите позиции каде што ја остави Груевски, со добри изгледи и многу поназад, до распад. Тоа би било спасувањето на Македонија од капитулација, од промената на името, од губењето на идентитетот, на јазикот, од бришењето на историјата и славното минато, од понижувањето да се влезе без достоинство во ЕУ и во НАТО.

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пресметал дека ќе извојува сигурна победа на изборите ако им вети на граѓаните враќање назад, па затоа по трипати на ден тоа гласно и јасно го соопштува дека штом ја освои власта ќе направи нов подобар договор од овој предавнички и понижувачки. Притоа е доволно мудар да не ги употребува, барем засега, зборовите дека ќе го поништи Договорот. Мицкоски, исто така, ќе направи нов подобар закон за јазиците, без да го укине, или поништи, овој што сега е донесен без потпис на претседателот на државата Ѓорге Иванов, но, бидејќи на претседателските избори ќе победи неговиот кандидат, ќе нема никаков проблем да бидат потпишани сите закони за подобри договори - и со Грција, но и дома за спорниот закон за јазиците и за надополнување на законот за амнестија кои беа само половични, а не една целосна и здрава амнестија на сите кои беа изложени на политички прогон и невино осудени. Тоа сè ќе биде спроведено од новата влада и новиот премиер, озаконето од новиот парламентарен состав со двотретинско мнозинство и уредно потпишано од новиот претседател на државата.

Неговиот колега во Грција, Кирјакос Мицотакис, кој, исто така, им приопштува секој ден по трипати на своите следбеници дека нивната земја е понижена со Договорот, дека владата на премиерот Ципрас го подари под сомнителни околности светото грчко име Македонија, дека со предавничкиот договор е признаена непостоечка македонска национална припадност на негрчки народ и непостоечки македонски јазик накалемен на словенски јазик, што е нешто страшно дури и за еден обичен Грк, а не за патриоти какви што се речиси сите вистински Грци. Ете, така како што е вообичаено и нормално на Балканите, Преспанскиот договор, без оглед дали ќе биде прифатен или не од грчкиот парламент, ќе биде главна тема на предизборната кампања и во двете земји на наредните избори - било редовни, било предвремени парламентарни, било претседателски.

Е, сега сето ова што ви изгледа како голема драма и неизвесност прифатете го сепак спокојно. Договорот од Преспа ако го усвои грчкиот парламент, за што има добри изгледи, бидете сигурни дека никој ни во Македонија, ни во Грција, нема да го промени. Мицотакис веќе призна дека членството на Македонија во НАТО е завршена работа, ама во преговорите со ЕУ од неговата влада ќе има сериозни пречки за соседот. Христијан Мицкоски, пак, е убеден дека неговиот блеф дека сака избори нема да помине, оти пресметал дека власта ќе го послуша Брисел и ќе избере датум за преговори во јуни наместо предвремени избори што е во интерес на државата. Христијан Мицкоски нема резервна варијанта како да ги одбегне изборите ако СДСМ одлучи да не се послуша себеси и не го послуша Брисел, па ја прифати ракавицата на ВМРО-ДПМНЕ, кога веќе има редовни претседателски избори во вториот круг да бидат и вонредни парламентарни, па наместо во јуни преговорите со ЕУ да почнат во септември по сигурната двојна победа. Може да изгледа примамливо овој домашен есап ако во СДСМ не се пресметале и ја загубат власта во добиена позиција. Тоа што ќе ја загубат власта и нема да биде некоја голема штета во споредба со тоа што ќе загуби Македонија.

Не знам дали паметат во СДСМ како е создадено мнозинството за соборување на режимот на Никола Груевски по последните предвремени парламентарни избори. Ако не паметат, нека се потсетат. Слобода, влез во НАТО, преговори со ЕУ, владеење на правото, па сè друго. Сега, кога се пред отворена врата да ги соберат плодовите, тие сакаат избори.

 

 

 

Споделување со вашите пријатели: