Тевдовски: Се дигитализираат услугите на УЈП и Царина за фирмите

Тевдовски: Се дигитализираат услугите на УЈП и Царина за фирмите
Навремен и неселективен поврат на ДДВ преку модул за автоматски поврат, електронско следење на плановите за јавните набавки, како и електронско обработување на царинските декларации и акцизните документи. Министерството за финансии заедно со УЈП и Царинската управа минатата година работеше на дигитализација на процесите сѐ со цел подобрување на услугите за граѓаните и фирмите.

– Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање даноци кон сите даночни обврзници. Главната цел е прецизно и навремено извршување на повратот и пребивањето даноци кон даночните обврзници, информира министерот за финансии, Драган Тевдовски

Модулот за автоматски поврат и пребивање, како што соопштува Министерството за финансии, ќе стартува во текот на оваа година.

Паралелно, во насока на подобрување на услугите за фирмите, минатата година Министерството заедно со Царинската управа работеше и на Системот за управување со царински декларации.

Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проект царински испостави, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински испостави во земјава.

– На овој начин, за фирмите, значително се скратуваат трошоците и се намалува времето во подготовка и поднесување на документите. Сите документи ќе се поднесуваат електронски од која било точка во која било царинска испостава. Наша цел е да се автоматизираат процесите и со тоа да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите, вели Тевдовски

Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример, со Управата за јавни приходи при поднесување ДДВ пријави кон кои се поднесуваат царински декларации или со Заводот за статистика и Народна банка за податоци за увоз и извоз.

Споделување со вашите пријатели: