Спа

Спа
Лејла Сабит

Звучи скапо, ама разгалувањето на душата и на телото нема цена.

Им треба на млади, на стари, на вработени и невработени, на уморни, на одморени, на пушачи и непушачи, на богати и на тие што штедат, на сеирџии и тие што тераат ќеф, на тие што молчат, на тие што се фалат, на тие што озборуваат, на тие што им е  гајле, на тие што им е важна јавноста, на тие што ја ценат приватноста, на тие што не можат без мобилка и на тие што ја исклучуваат мобилката.

Во странство, во Македонија, со семејството или со пријателите, без да знае никој, или сите ќе ве дознаат ако се фотографирате со Лила.

Спа ве открива дале сте активни или пасивни, дали скијате или се шетате на чист воздух, дали пиете топол чај, или нешто пожестоко, дали спиете по цел ден, или го фаќате раното утро кога живо пиле нема, дали сте спортски облечени или по последна мода.

За некого спа е пливање, за некого масажа, за некого турска или руска бања, сауна или ароматерапија, за некого шетање по бањарка, за некого пиење кафе покрај камин, за некого поглед во белината и во планините, за некого поглед кон храбрите и неустрашливите, тој што нема - поглед кон тој што има, тој што има – поглед кон тоа што го изгубил во трчањето по пари.

Спа на некој начин е бегство од дома и од работата, од здодевноста и од навиките, од свои и туѓи проблеми, од своја и туѓа политика, место кај што можеш да бидеш ти, со сите свои мани и доблести, со фит или несовршено тело, те загледуваат ако си во топ-форма, ама никој не ти забележува ако имаш вишок килограми, целулит или брчки.

Спа ве зближува како семејство, ви открива кои ви се пријатели, знае да ве спои со дамнешни пријатели, ама да сретнете и ваши непријатели.

Некогаш на спа, бегате од познати и јавни личности, а ги среќавате токму нив. Или мислите дека сте во странство, а насекаде слушате муабети на македонски јазик.

Тоа е, всушност, тоа европско семејство за кое се залагаме со децении, не ни успева во политиката, ама ни успева во животот. Наводно, некој бега од Европа, а се фали со патувања од Европа или се слика со европски државници за спомен.

Велат, најубаво е да се бањаш во надворешен топол базен додека паѓа снег.

Па, време ви е за спа!

 

Споделување со вашите пријатели: