Секој север има свој југ

Секој север има свој југ
Ерол Ризаов

Расправите во македонскиот и грчкиот парламент за „македонското прашање“ и тензиите во двете земји, кои имаат длабоки корени, повторно нè враќаат во минатото и предизвикуваат нови делби и омрази меѓу граѓаните и во Грција и во Македонија. Затскриени зад патриотизмот, во суштина се водат битки за власт, во обиди со примитивен популизам и национализам да се уништи едно одлично решение прифатено од демократскиот свет и кое носи мир и добрососедство и го отвора европскиот пат на Македонија, а Грција ја ослободува од една тешка дамка на попречување на иднината на една мала балканска држава која не претставува опасност за никого. Тој чин со Преспанскиот договор ја прави Грција лидер во регионот и пример како треба да се решаваат проблемите на Балканот, но и пошироко.

Текстот објавен во „Утрински Весник“ со наслов „Секој север има свој југ“ и поднаслов „Националниот идентитет не се означува спрема страните на светот“ пред 10 години, на 13 февруари 2009 година, покажува дека Грција и Македонија можеле да го решат ова прашање уште пред една деценија, многу веројатно и порано на истиот или сличен начин како и сега. Кој колку загубил поради тоа е непресметливо, особено за Македонија, која одамна ќе беше членка на НАТО и на ЕУ. Главните актери, кои тогаш немале храброст и политичка волја да ја завршат работата, сега се главни попречувачи на сопствените идеи, што јасно покажува дека се работи за битки за освојување на власта и тогаш и сега, наспроти државните интереси и интересите на граѓаните на двете земји. Во Грција главната улога ја одигрува семејството Мицотакис, најнапред таткото Константинос Мицотакис, поранешен премиер, кој прво јавна на бранот на популизмот, а потоа кога се одлучи за компромис беше сменет во партијата од лидерска позиција. По него, ќерката Дора Бакојани, позната во Европа и светот како поранешна министерка за надворешни работи, го понуди истиот сегашен компромис Северна Македонија, а сега нејзиниот брат Кирјакос Мицотакис, по многу проценки следниот премиер на Грција, е најголемиот противник на компромисниот договор од Преспа. Ете како политиката која се сведува само на освојување на власта ги профилира личностите на едно од најпознатите и највлијателни грчки семејства.

Во Македонија целиот овој период од десет години највлијателна е „фамилијата“ на Никола Груевски, која ова прашање го третираше како извонредна тема само за предизборни кампањи и кревање на тензиите во јавноста. Блокадата на Македонија беше оправдување на сите неуспеси во ерата на груевизмот. И сега неговиот чувар на престолот, Христијан Мицкоски, продолжува во истиот стил кревајќи патриотски вознес во одбрана на името и националниот идентитет, македонскиот јазик и историја, по кои плаче како изгубени и подарени на Македонија неговиот пандан во Грција, Кирјакос Мицотакис.

Еве дел од тој текст објавен во „Утрински“ пред десет години:

„Првпат откако е наметнат спорот за уставното име на Република Македонија од страна на Грција, еден официјален претставник на грчката влада, во случајот министерката Дора Бакојани, јавно спомна име со географска одредница. Таа двапати за неколку дена при својата балканска турнеја како претседавач на ОБСЕ ни кумува, како што вели, со, на пример, ‘северна Македонија’. Македонската анемична дипломатија нема никаков одговор. Таа во Њујорк преку новиот преговарач ги дозакопува преговорите во рамките на Обединетите нации со јалови обиди за повторно враќање во игра на веќе напуштената двојна формула.

Македонија може да го изненади својот сосед и светот ако примени креативна дипломатија. На ‘кумата’ Дора Бакојани дипломатски може да ѝ се одговори дека заслужува внимание оваа нам добро позната од Нимиц географска одредница која постои уште од антички времиња. Северна Македонија е интересен предлог во случај ако се прифати логиката која е присутна во светот. А тоа е секој север има свој југ. Па, Северна Македонија е можна ако преостанатиот дел на Македонија го добие името јужна Македонија. Тоа прилично би ги збунило Грците, а светот би го примил како подготвеност на Македонија за фер компромис. На овој начин Македонија би презела активна улога во преговорите. А Грција, веројатно, ќе го одбие сопствениот предлог. Вториот куриозитет е што никаде националниот идентитет не се означува спрема страните на светот, туку онака како што се чувствуваат граѓаните во земјите каде што живеат. И во Северна и во Јужна Кореја живеат Корејци, и во Северна и во Јужна Дакота живеат Американци, а во Северна Ирска живеат Ирци.

Вториот чекор што може да ги врати симпатиите на научниот свет кон Македонија е таа да ја понуди најпознатата максима при спорови, за историското наследство, особено кога некој ги има сите адути на своја страна, и историски и правни, а тоа е: нека ‘одлучат историчарите’. Тоа е најдобриот повик што Република Македонија може да го упати до Грција и до светот за тоа кому и колку припаѓа од античкото наследство. Тоа е фер понуда до светската научна мисла. Со овој гест и со запирање на политичката кампања во потрага по античките корени Македонија нема ништо да загуби. Само ќе добие, бидејќи најголемите светски историчари на античкиот период и на големите цивилизации и империи одамна имаат сериозни резерви околу самопрогласувањето на одделни земји за единствени наследници на античката историја и на големите цивилизации од пред нашата ера. Такви резерви историчарите имаат особено спрема Грција околу македонското античко кралство и империјата на Александар Велики. Но уште поголеми се резервите дека тоа античко наследство ни припаѓа само нам. Во овој момент, се чини, многу поважно е наместо емоции, фрустрации и партизации да си ја научиме поновата историја која е чиста, научно верификувана и признаена во светот. Ако успееме да се ослободиме од античките вируси и сосема трезвено ги погледнеме историските факти кои се вреднувани како светски докажани вистини, ќе видиме дека нема ништо спорно за признавањето на македонската држава, македонската нација, македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Напротив, има многу историска вистина за гордеење. Ќе видиме дека практично таа вистина ниту може да се негира ниту може да се поништи со политичка одлука на кого било. Тоа е така ако се држиме до потврдената вистина за нашето минато кое во Македонија сега самоубиствено се замаглува со политички превреднувања на историјата. За жал, само малкумина ја согледаа опасноста дека може да го изгубиме она што го имаме и што е општо прифатено во светот.

Денеска шансата на Македонија е во нова креативна државна и дипломатска стратегија. Македонија треба да се потпре на фактите од својата понова историја која не може да се оспорува научно. Со тоа ќе ги неутрализира цврстите националистички ставови на соседна Грција. А ќе ги омекне и Бугарите. Општоприфатливо е научното мислење дека античките цивилизации и историја се светско наследство на кое сите имаат право. Но она што е најважно за Македонија, како и за сите соседи, е сепак иднината. За историјата секогаш има време. Таа може да чека. Иднината не чека. Македонија влегува во петтата година на кандидат за ЕУ без покана за преговори. Европа, пак, нè одби како незрели за ЕУ. Навредливо, сурово, но вистинито. Повторно испишуваме дел до тажна и губитничка историја без оглед кој колку е виновен. Македонските политичари го забораваат фактот дека колку побогата држава и посреќни граѓани толку пославна историја. На крајот само по тоа се вреднува успешноста на политиката и на политичарите. Сè друго, помалку или повеќе, е пораз“.

Споделување со вашите пријатели: