За правото на глас и другите „женски“ работи

За правото на глас и другите „женски“ работи
Марија Павлеска

Жените за прв пат добиваат право да гласаат на избори во 1881 година. Историјата ја прави малиот британски остров Ман (Isle of Man), чиј парламент Тинвалд станува првото национално законодавно тело во светот кое им дава на жените право да гласаат на општите избори, со исклучок на жените што стапиле во брак.

Дванаесет години подоцна во 1893 година, право на глас на жените им доделува и британската колонија Нов Зеланд. Само една година подоцна, во 1894, и жените жители на Колонијата Јужна Австралија добиваат можност да гласаат на следните избори, што се одржале во 1896 година. Јужна Австралија, всушност е првата земја која на жените им го гарантира правото и да се кандидираат на избори заедно со мажите.

Големото војводство Финска, кое во тој период е дел од Руската империја, е првата европска земја која ќе ги спроведе изборните права на жените, а воедно и првата која ги избра првите жени во светот на парламентарните избори во 1907 година. По Финска следува Норвешка, давајќи целосно право на глас на жените во 1913 година. Данска им гарантира целосно право на глас на жените две години, во 1915 година.

Потоа следуваат и останатите држави. Интересен е случајот со Швајцарија, денес колепка на демократијата, во која жените правото на глас го добиваат дури во 1971 година.

Еден цитат на славниот американски поет и есеист Волт Витман гласи: „О, еднаквост - ми наштети ли, давајќи им на другите исти шанси и права како мене – не си ли неопходна на моето право и другите да ги имаат истите права?“

Женската борба за добивање најпрво на право на глас, а потоа и можност да се кандидираат на избори не била нималку лесна или кратка борба. Од мирни протести како акт на граѓанска непослушност, до одбивање да плаќаат даноци и парични казни, до штрајкови со глад. Овие штрајкови со глад ги започнуваат бидејќи не биле признавани како политички затвореници. Првата жена затвореник за својата граѓанска непослушност која одбивала храна е суфражетката Марион Валас Данлоп. Данлоп протестирала 92 часа со глад, а потоа била пуштена порано на медицинска основа поради стравот на секретарот за внатрешни работи од можност да се создаде слика на жена маченик во затворот.

Во Македонија жените добиваат право на глас во 1946 година. Тие имаат право да се кандидираат и на избори. Имаме жени градоначалнички и жени советници. Имаме жени пратенички. Можеби за неколку месеци и ќе избереме жена претседател на државата. Но кој е поразот, наш и на историјата, кога од време кога жените ги жртвувале своите животи за да се изборат за права, до денес кога доаѓањето на функција претставува можност буџетот на институцијата која се раководи да се троши на миризливи свеќи, калапи за печење мафини, чајници, дрвени лажици и тропско овошје? Дали суфражетките кои штрајкувале со глад и во најлудиот сон помислиле дека денешните функционерки ќе го користат данокот на граѓаните да си купуваат влажни марамчиња и средства за чистење стакло, ламинат и плочки?

Ако во тек на кампања ветуваш конкретни инфраструктурни проекти од типот канали и фекална канализација - можеби логично е во тек на мандат да трошиш на „доместос“? И тоа е во своја буквална смисла на зборот и постоењето алатка за чистење. А кој би рекол, можеби тавата за мафини и чајникот се за проектот за изградба на ново средно училиште, болница и амбуланта? Мајсторите да се заблажат и хидрираат додека работат со полна пареа?

Но што би рекле борците за женските политички права кога би ги прашале што мислат за успехот на СЈО? Кога за три години постоење (на 15 септември 2019 ќе биде четири години) и поднесени 20 обвиненија, а притоа потрошени милиони за финансирање на институцијата, го извојуваа токму она обвинение за затајување на данок, при што осомничената за наводни потреби на фирмата купила долна облека во вредност од 500 евра. Вистински „велеуспех“.

Овде не се работи за напад на жените на функција, туку се работи дури за благо укажување дека професионализмот мора да се покаже и докаже, затоа што во спротивност токму ваквите неуспеси оставаат трага за следните женски кандидати на истакнати и важни функции. Всушност, токму и ваквите навидум мали пречекорувања се најзначајни за обичното население, затоа што тие можат да си претстават што значи да се пазарува за потребите на домаќинство со плата од 12.000 денари, додека „мајката“ на општината пазарува со службената картичка и суми од 3-7 илјади денари по пазарување на она што по сметките и фактурите, претставуваат производи за главно домашни потреби.

Дури два театра во Македонија имаат жени за директорки. Мал е и бројот на жени на чело кои се директори на домови на култура низ градовите на републиката. И Советот на култура при Министерството за култура, кое деновиве одново се најде во фокусот на вниманието има интересен состав. Од петнаесет члена на Советот само три се жени. Дали трите жени во тој состав се задоволни со тоа што го претставуваат женското мислење и став со една петтина во одлуките на советот? Или не можат да кренат глава, а не па да размислуваат за овие прашања затоа што се брзаат да стигнат на состанок од еден во друг УО?

Фулбрајт во една пригода има изјавено: „Граѓанинот кој ја критикува својата држава, всушност, ѝ оддава почит“. Кај нас ова тешко се разбира, а функциите кои се добиваат оставаат траги само на хартија, зошто сè уште се тера по народната „наведната глава сабја не сече“.

Бидејќи сепак е почеток на годината и покрај сè треба да се концентрираме на убавите работи. Петтиот филм на Теона Стругар-Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ влезе во конкуренција за престижната „Златна мечка“ на годинашниот 69. Берлински филмски фестивал и стана прв македонски филм кој е во трката за награда на Берлинале. Филмот на Теона е приказна инспирирана од настанот што се случи на Водици 2014, кога Борислава Васкова го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село.

Покрај тоа што ова е наш прв филм на фестивалот во Берлин, кој покрај Кан и Венеција претставува еден од трите најреномирани филмски фестивали во светот, за пофалба е што целиот технички тим составен од режисерката, косценаристката Татарагиќ од Босна, директорката на фотографија Сент Маетине од Белгија, костимографката, дизајнерката на звук, монтажерката, кастингот на Николоска од Македонија и секако продуцентката на филмот Лабина Митевска се жени, професионалци во својата работа.

Во Берлин овој февруари, покрај филм во официјална селекција, Македонија на фестивалот ќе биде дел и од програмата „Шутинг старс“ во која ќе не претставува актерот Благој Веселинов, а младата актерка Сара Климовска е избрана во програмата „Берлин таленти“. Токму на вакви успеси треба да бидеме горди, а државата преку институциите на културата, и не само преку нив, да создаде можности за поддршка, развој и промоција.

Споделување со вашите пријатели: