Промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски

Промоција на книгата „Радио“ од  Љупчо Јолевски

Во рамки на манифестацијата „Роденден на уметноста“ на Младинскиот културен центар, вечер од 20.30 часот во кино „Фросина“ ќе биде промовирана книгата „Радио“ на новинариот Љупчо Јолевски. Со повеќе од 730 страници и речиси толку фотографии, таа е избор на авторот од текстови и интервјуа што ги остварил со познати претставници на македонската културна сцена во последните пет години, објавени за Радио Слободна Европа – програма на македонски јазик.

-Поделена е на неколку целини – музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија… преку информациите, најавите, разговорите, интервјуата, рецензиите, освртите… се обидува да понуди негово видување на македонската култура во изминатава половина декада, соопшти МКЦ.

Книгата ќе ја претстават рецензентите Елизабета Баковска, Марко Коловски и Ана Франговска, а промоцијата ќе биде збогатена со изведби на актерот Игор Трпчевски, пијанистката Дуња Иванова, гитаристот Ибрахим Мехмети и перкусионистот Ратко Даутовски, Васко Атанасоски (Бернајс Пропаганда) и бендот „Сетстат“ со диџејот, автор на текстови и пејач Мирко Попов.

Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е речиси  четири  децении. Кариерата ја почнал во „Млад борец“ на почетокот од 1980-тите. Бил соработник на белградските магазини „Рок“ и „Време“, потоа долг период во Радио-телевизија Скопје и во Македонското радио – Втора програма. Работел и во други медиуми и бил соработник на  интернет-порталот „Блесок“, на Југословенската и Ексјугословенската рок-енциклопедија, на Светската и на Европската музичка енциклопедија и безмалку една декада – автор и водител на музичката емисија „Скопје – Париз – Тексас“ на Радио Равел. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Споделување со вашите пријатели: