Функционална неписменост или неписменост на писмените

Функционална неписменост или неписменост на писмените
Звонко Давидовиќ

Иднината на една земја се поколенијата што доаѓаат, младината која еден ден ќе ја управува државата. Тие генерации се веќе во училишните клупи или универзитетските амфитеатри и се на чекор до активното вклучување во сите општествени процеси почнувајќи од формирањето на семејството до креирањето на државата и нејзината иднина, а со тоа и иднината на народот кој во неа живее. Секоја земја што води сметка за својата иднина посветува исклучително внимание на образованието на овие поколенија кои стасуваат, но и на условите во кои тие се развиваат.

Писменоста, како прв и основен чекор кон образованието и воопшто човечката еманципација, е едно од основните човекови права, кое уште во 1948 година како дел од правото на образование е вградено во Општата декларација за човековите права. Подоцна, а поради развојот на човештвото и технологијата, истото право е проширено на едно ново ниво на писменост која ја вклучува и информатичката писменост.

И покрај огромниот технолошки напредок и кумулирање на знаењето во последните дваесетина години, во кои светот напредуваше технолошки повеќе отколку во последните двесте години, состојбата со писменоста на населението е алармантна и изнесува скоро една петтина од вкупното население. Согледувајќи ја неписменоста како глобален проблем уште во 2000 година УНЕСКО зацрта неколку големи образовни цели и тоа намалување на неписменоста за 50 отсто во наредните 15 години, изедначување на образовните можности на жените со оние на мажите и овозможување на образование за што поголем број на деца.

И покрај вака смело и одлучно зацртаните планови, огромен број од државите не успеаја во зададените цели поради различни фактори и околности, како што се војни, огромен раст на населението, раселувањето, верските обичаи. И денес околу 20 отсто од вкупното население е неписмено или околу 780 милиони луѓе, а 75 милиони деца не посетуваат училиште и образованието им е недостапно, што претставува глобален проблем.

Во Европа овие бројки се помали и состојбата со неписменоста е нешто подобра но ни од далеку не е така добра како што би се очекувало. Во Европската Унија неписменоста е околу 1 отсто, но загрижува фактот што дури 20 отсто од населението имаат тешкотии со читањето и пишувањето. Оваа состојба на нашите простори е поалармантна, па според податоците од 2012 на УНЕСКО бројот на неписменото население во Србија изнесува 165.000, но дури 850.000 никогаш не посетувале училиште или завршиле само неколку одделенија, во БиХ неписменоста изнесува 15 отсто, во Црна Гора 8.000, а во Македонија 43.000 неписмени лица постари од 15 години.

Но, состојбата во регионот доколку внимателно се читаат и споредуваат податоците ни од далеку не е добра ако се има во предвид функционалната писменост на населението. Тука состојбата е поразителна и катастрофална и го отсликува и образовниот систем, и образовните, работни, демократските и моралните навики и принципи на населението.

Функционалната писменост се дефинира како концепт кој подразбира знаења, вештини и вредности кои на поединецот му овозможуваат контрола на сопствениот живот на квалитетен начин, вршење на основните граѓански должности и решавање на различни проблеми на работното место, во семејството и општествениот живот воопшто.

Покрај функционалната неписменост, битно е да се спомне и медиумската писменост односно неписменост која според индексот на медиумската писменост Македонија ја рангира на дното од 35 европски земји заедно со Турција. Финска, Данска, Холандија, Шведска и Естонија се највисоко рангирани држави според индексот на медиумската писменост, а најлошо рангирани се Србија, Бугарија,Црна Гора, БиХ, Албанија, Турција и Македонија. Она што посебно се истакнува и што е интересно во рангирањето е тоа што земјите од Балканот се најподложни во Европа на влијанието на лажни вести а што е директна последица на недостатоци во образованието, ниските медиумски слободи и недовербата кај луѓето. Македонија од можни 100 бода е рангирана на последното место со само 10 бода. Индексот односно рангирањето на медиумската писменост најмногу се базира на индикаторите на медиумските слободи на „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“, на ПИСА резултатите на учениците, индикаторот за е-партиципација на Обединетите нации и довербата на граѓаните според Еуростат.

Кога, пак, се во прашање ПИСА резултатите на учениците состојбата е поразителна. На ПИСА 2000, од 41 земја учеснички во студијата, во читање со разбирање и во математичка писменост бевме на 38. место, а во писменост во природните науки на 36. Место. На ПИСА 2015 од 72 држави учеснички во студијата во читање со разбирање и во писменост во природните науки бевме на 69. место, а во математичка писменост на 68. место. Овие резултати сами по себе се поразителни а таквата оценка е уште полоша и ја прави состојбата катастрофална кога резултатите ќе се споредат со другите земји. Овие резултати покажуваат дека образовниот систем со кој долго време се експериментираше не само што не го унапреди образовниот процес туку истиот го уназади и резултатите споредени со 2000 година покажуваат само опаѓање на квалитетот на образованието кој како производ дава функционално неписмени ученици кои понатаму стануваат функционално неписмени граѓани на ова општество.

Покрај сите овие резултати и индекси кои се поразителни, неопходно е да се спомне дека во Македонија се оперира со бројка од 7.000 редовни читатели. Ова покажува дека само незначителен број од населението во нашата земја има навика да чита и прочита книга, а дека најголемиот број, да не кажам останатите два милиони ниту прочитале книга откако ги напуштиле училишните клупи ниту, пак, со својот пример и однесување придонесуваат за правилно воспитување и образование на своите деца. Ако на ова се додаде фактот дека скоро во сите градови во Македонија, со исклучок на Скопје, не постои книжарница во која можете да купите белетристика или друг вид литература, состојбата станува исклучително лоша.

Кога ваквите резултати и состојби ќе ги пресликате или преведете со дефиницијата на функционалната писменост односно неписменост, сегашноста во нашето општество и општествените процеси кои се одвиваат стануваат јасни, како и дел од причините кои водат кон нив. Да повторам уште еднаш функционалната писменост се дефинира како концепт кој подразбира знаења, вештини и вредности кои на поединецот му овозможуваат контрола на сопствениот живот на квалитетен начин, извршување на основните граѓански должности и решавање на различни проблеми на работното место, во семејството и општествениот живот воопшто.

Ако сите резултати покажуваат дека во Македонија функционалната неписменост опфаќа речиси 75 отсто од учениците, ако 99 отсто од населението не чита и не се надградува, а медиумската неписменост е огромна и е во ист ранг со Турција, тоа значи дека поединецот односно најголемиот број на граѓани на Македонија немаат знаења, вештини ниту вредности кои им овозможуваат контрола на сопствениот живот на квалитетен начин односно истите многу лесно можат да бидат манипулирани, искористувани и маргинализирани. Токму ваквата состојба на населението е една од причините за состојбите во општеството кои го разнебитија во последните дваесетина години. Токму ваквата состојба во која најголемиот дел од населението нема потребни знаења, вештини и вредности да го контролира својот живот и да му даде потребен квалитет, а со самото тоа и да ги извршува основните граѓански должности, но и да ги исползува основните граѓански права доведе до ваквата состојба во која државата се смета за сопственост на политичката партија која е на власт, а состојбата на институциите кои се заробени за нормална. Само во општество во кое луѓето се функционално неписмени владее незаинтересираност за состојбите кои се далеку од нормални и ненормалното полека, но сигурно станува нормално. Само во такви општества во кои писмените се фактички неписмени можно е да се изродат тоталитарни системи и еден човек да креира иднина за сите во општеството во која само неколкумина имаат корист и ќар и удобен и нормален живот, а сето останато е машинерија за гласање или протестирање.

Ако на сево ова се додаде и последниот дел на дефиницијата за функционалната писменост, односно неписменост во нашиот случај, а тоа е знаењето и умеењето да се решат различните проблеми на работното место, семејството односно општеството воопшто, причините стануваат појасни, односно дел од нив, зошто е можно да се појават поединци кои државата и институциите ги сметаат за свои и ги ставаат во функција на своите интереси и богатење, а притоа да нема реакција на општеството и таквата состојба да трае со децении.

Токму ваквата состојба на функционална неписменост на луѓето овозможува да се појави апатија, незаинтересираност, страв а што пак создава полтрони, „подлизурковци“ воопшто ефект на сончогледи во секоја сфера на општествениот живот. Не била залудна поговорката „Неписмен народ, силна држава“.

Споделување со вашите пријатели: