Ако ве завее снег, јавете се на 195

Ако ве завее снег, јавете се на 195
Најавата за нови снежни врнежи од идната недела го активираше Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи. Од таму велат дека се подготвени за соодветна реакција.

„Сите граѓани на Република Македонија кои сметаат дека се загрозени, како и сите граѓани кои имаат сознанија дека други граѓани може да бидат загрозени од снежното време и ниските временски температури, да се јават на бесплатниот телефонски број 195 во Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно навремено доставување на информациите и податоците до сите надлежни институции“, препорача Управувачкиот комитет.

Донесен е заклучок да се активира Главниот штаб, постојано да заседава и да се следат тековно состојби од снежното време и ниските временски температури.  Главниот штаб треба да направи прецизна процена на состојбите на терен, план за постапување и идентификација на итни потреби согласно теренската состојба, како и потреба и локации за доставување на хуманитарна помош, храна и лекови. МВР, во соработка со ЈП „Македонија пат“, треба да го зголемат бројот на дежурни служби и сообраќајни контроли и патроли, особено на повисоките места, кои ќе ги предупредуваат возачите за задолжително поседување на зимска опрема, но и медицинска кутија за прва помош, а по потреба ќе информираат и за забрани за движење и пренасочување на тешки товарни возила. Министерството за здравство веднаш треба да достави наредба до сите ургентни центри со цел нивна целосна подготвеност и мобилност (со материјал, опрема и кадар) во случај на зголемена потреба од давање на здравствени услуги за време на снежното време и ниските временски температури. Градоначалниците треба веднаш да ги мобилизираат кризните штабови во нивните општини и во нив да ги вклучат локалните претставници од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.

Со седницата претседавал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а присуствуваа и членовите на Управувачкиот комитет,  вицепремиерката Радмила Шекеринска Јанковска, министерите за транспорт, за здравство, за труд и социјална политика, Горан Сугарески, Венко Филипче и Мила Царовска и Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена, како и претставници на други надлежни институции

Споделување со вашите пријатели: