Дури 635 кутии од МРП-вакцината со декларации со истечен рок

Дури 635 кутии од МРП-вакцината со декларации со истечен рок
Вкупно 635 кутии од МРП-вакцината, на кои стојат погрешно залепени декларации, биле пронајдени деновиве при направена внатрешна контрола во сите здравствени домови, во вакциналните пунктови, соопштуваат од Министерството за здравство. Залепените декларации биле од претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година. Тие се пронајдени во здравствените домови во Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар,  Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје. Од Министерството потенцираат дека сите дози од МРП- вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител „Глаксо Смит Клајн“ (GlaxoSmithKline)  од Белгија.

„МРП-вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има два сертификата, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија од вакцините и на секое шишенце вакцина има т.н. воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок. Направен е и вонреден инспекциски надзор од страна на МАЛМЕД во Скопје. Во текот на утрешниот ден, инспектори од МАЛМЕД ќе одат повторно на терен за да ги потврдат наодите каде што се детектирани вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во другите градови“, стои во соопштението на Министерството.

Директорот на Агенцијата  за лекови и медицински средства  - МАЛМЕД, Ќахил Ибраими, за „Независен“ вели дека по сето ова ќе следува повлекување на вакцините со декларации со истечен рок од вакциналните пунктови, кои ќе бидат вратени во компанијата увозник на вакцината МРП, компанијата „Македонија лек“.

„Потоа нашите инспектори повторно ќе излезат во контрола, да проверат дали одговараат на записниците што ние сме ги направиле. Треба да се совпаѓа бројот - колку вакцини со аплицирани декларации со истечен рок се регистрирани на терен и колку се вратени во компанијата“, вели Ибраими.

Инспекторите на МАЛМЕД беа и во контрола на компанијата увозник на вакцината МРП, „Македонија лек“, додава Ибраими и нагласува дека ја провериле целата документација. Тој потенцира дека деновиве ќе обелоденат кој ќе ја сноси одговорноста за пропустот -залепените декларации со истечен рок на вакцините МРП.

 

Состанокот на министерот за здравство Венко Филипче со одговорните претставници на белгиската компанија производител на вакцината МРП „Глаксо Смит Клајн“ од Белград, кој требаше да се одржи вчера попладне, се одложи, бидејќи тие не успеале да пристигнат поради временските услови и заглавиле на еден европски аеродром, при што утринскиот лет им бил одложен. Средбата најверојатно ќе се одржи денеска, дознаваме од извори во Министерството за здравство. Тие доаѓаат во земјава откако Министерството го извести производителот на вакцините за настанатата ситуација, односно направената техничка грешка со аплицирање декларации со истечен рок на вакцините.

 Вероника Мароска-Леова

Споделување со вашите пријатели: