Шапка има 2.000 скијачи дневно, а може да има и до 30.000

Шапка има 2.000 скијачи дневно, а може да има и до 30.000
Ски-центарот „Попова Шапка“, во условите во кои работи, во изминативе години во просек има по 2.000 посетители на ден, а има капацитет да прими и до 30.000. Проблемите со нереализираните ветувања и планови се одразуваат негативно не само на работењето на ски-центарот, но и на севкупната економија на Тетово и на северозападниот регион. Слабите инвестиции во нова инфраструктура, во уредување на пристапот за возила до ски-центарот и во паркинзите, обезбедувањето и одржувањето на старата опрема ја прават Шапка неатрактивна и за домашните и за странските туристи.

Временските услови, кои во последните години го скратуваат периодот со снег, дополнително придонесуваат за слабата понуда. Иако планините во Македонија нудат идеална клима и природни услови за скијање и за зимски туризам, сепак, со години наназад бројот на ноќевања и на домашни и на странски туристи во нашите центри е сè помал. Без вештачки снег и само со најавување на инвестициите во нашите ски-центри ги натераа нашите туристи да станат редовни гости во соседството. Бугарските центри Банско и Боровец и српскиот Златибор се многу поатрактивни и поевтини од нашите.

Да се направи стратегија за заживување на ски-центрите и да се реализираат најавените инвестиции, се дел од барањата и на граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ која за денеска најави протест пред жичарницата, како резултат на револтот од состојбите во овој ски-центар.

На Шапка ѝ требаат инвеститори кои ќе вложат сериозни средства во заживување на ски-центарот, а убедени сме дека ќе им се врати петкратно. ЕЛЕМ Турс нема капацитет ниту пак експертско знаење за водење на ски-центар и организирање зимски спортови“, вели Хамди Сулејмани, кој е дел од иницијативата.

Посочува дека е несериозно и неодговорно со природните убавини и со можностите што ги нуди Шар Планина да се постапува на ваков начин. Тој нагласува дека на денешниот протест ќе го повикаат премиерот Зоран Заев да дојде на Шапка, но како обичен граѓанин и на тој начин да ги доживее сите проблеми со кои се соочуваат туристите.

Го повикувам премиерот Заев да дојде и да види колкава е колоната возила пред ски-центарот. Туристите се откажуваат и си заминуваат затоа што не можат да најдат паркинг. Хотелите се стари, инвестиции нема. Ски-лифтовите се од времето на Југославија, а скијачите пеш се качуваат по патеките. Минатата влада вети 300 милиони евра, а оваа Влада пред четири месеци најави дека ќе се посвети на средувањето на состојбите и на одржувањето што треба да го прави ЕЛЕМ Турс, но од сето тоа ништо. Новата скијачка сезона почна, а старите проблеми останаа“, вели Сулејмани.

Иницијаторите велат дека ЕЛЕМ Турс ветувале инвестирање на 80 милиони евра до 2015 година, со кои требало да се реконструираат хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“, да се изгради катна гаража, езеро за вештачки снег, да се реновираат скијачките патеки и жичницата Тетово-Лисец-Попова Шапка.

ЕЛЕМ Турс: Се работи на шестоседот, наскоро ќе биде во употреба

Во функција е ставен двоседот „Св. Илија“, воведени се електронски билети за да се намали метежот на жичниците и ски-лифтовите, а во ски-центарот има дежурен лекар од Клиничкиот центар во Тетово, кој работи 24 часа, седум дена во неделата, велат во ЕЛЕМ Турс, одговорни за ски-центарот „Попова Шапка“. Од таму информираат дека пред почетокот на сезоната се направени сите вообичаени подготовки за редовно одвивање на скијачката сезона. На располагање имале и возило на Брза помош во ургентни случаи, а ангажирана е и една од најдобрите лиценцирани екипи за спасување, како и агенција за обезбедување.

Во изминативе денови се соочивме со еднодневен прекин на електрична енергија најавен од страна на ЕВН, кога без електрична енергија остана не само ски-центарот, туку и дел од општина Тетово и околните планински села. Застојот во ски-центарот Попова Шапка за време на првиот ден од почетокот на зимската сезона кој беше бесплатен за сите посетители, настана поради големата посетеност на центарот со оглед на преоптовареноста на системот, силниот ветер и врнежите кои го забавуваат работењето на ски-лифтовите и во одредени моменти во такви услови е потребно нивно исклучување од безбедносни причини“, велат од ЕЛЕМ Турс.

На забелешките за отсуството на инвестиции, од компанијата велат дека во тек е подготовка на анализа за состојбата на ЕЛЕМ Турс, која работи со тешкотии и загуби од самото нејзино основање во 2012 година. Извештајот ќе биде поднесен до Владата, која треба да пресече за судбината на фирмата, а со тоа и на ски-центарот.

Изградбата на шестоседот, кој беше најавен дека ќе биде готов во 2015 година, е во финална фаза. Од ЕЛЕМ Турс велат дека се работи за голема капитална инвестиција на која во последниве месеци бил направен извесен напредок, како и дека се правеле напори што поскоро да биде пуштен во употреба.

На Попова Шапка во моментот во функција се ски-лифтовите „Тетекс 1“ „Тетекс 2“, „ГЕ“ и двоседите „Церипашина“ и „Св. Илија“. Од вчера започна и ноќното скијање, од 19 до 22 часот.

Сања Наумовска

Споделување со вашите пријатели: