Да се биде или не

Да се биде или не
Александар Кржаловски

Насловот е „позајмен“ од Шекспировото дело „Хамлет“, односно најпозната негова фраза „To be or not to be“, која отсликува голема дилема и момент на одлука која мора да се донесе. Инспирација за насловот секако е ситуацијата во која се наоѓа неделава целата држава, а особено 120-те пратеници во Собранието, на кои лежи одговорноста за носењето на одлуката за усвојување на уставните измени. Дилемата пред нив е многу јасна и може да се сведе на гласање за промена на името на државата (во Република Северна Македонија) покрај неколкуте други повеќе или помалку битни работи во Уставот - или не. Главен аргумент за такво гласање е отворање на патот кон очекуваното членство во НАТО и Европската Унија, како што впрочем беше наведено и во референдумското прашање.

Од досегашниот развој на настаните (од самите преговори за Преспанскиот договор, неговото потпишување, референдумот, гласањето на 19 октомври за почеток на постапката за уставни промени), може да се заклучи дека одлуката треба да се донесе денес, односно ќе се усвојат уставните измени со гласање „за“ на веројатно точно 80 пратеници или плус некој повеќе. И очекувано е дека тоа нема да се остави на случајот, односно како и на 19 октомври, самото гласање ќе се одлага сè додека не е сигурно дека најмалку 80 пратеници ќе гласаат „за“. Во таа смисла за мене нема дилема дека ќе се изгласаат уставните измени и ќе се смени името, прашање е само дали ќе биде веднаш или ќе потрае уште некој ден, со дополнителна драма, која, на пример, деновиве ја прават пратениците од Беса.

Мислам дека немаат дилема и најголем дел од пратениците. Седумдесетина од владејачкото мнозинство се одамна решени дека ќе гласаат „за“, а 40-ина од опозицијата дека се против сето ова и како што гледаме деновиве - нема да гласаат (ниту учествуваат на седницата). Но не би сакал да сум во кожата на 10-ината пратеници за кои ова сè уште е дилема и се прекршуваат дали кога ќе дојде времето за гласање ќе го стиснат зеленото копче или ќе се премислат и ќе најдат аргументација дека нивните заложби или барања не се (целосно) исполнети и содржани во конечните формулации на уставните амандмани. Во моментов тоа го тврдат пратениците од Беса и можеби затоа не гласаа за дневниот ред на седницата (да демонстрираат дека нема сигурни 80 гласа, сè додека тие не се задоволни од текстот). Од друга страна, попуштање во насока на нивните барања, може да „пишмани“ некој (или сите) од осумте опозициски пратеници, кои сепак го поддржаа овој процес на првото гласање на 19 октомври.

За некои од нив, како што видовме од процесот и законот на амнестија, самово гласање не е дилема и тие тоа ќе го направат. Нивната дилема беше на 19 октомври и може да се сведе на констатацијата „Македонија ми е мила, но слободата ми е помила“. И тоа е разбирливо, меѓу другото и затоа што после правото на живот, слободата е меѓу најважните основни човекови права утврдени и во соодветната декларација на Обединетите нации. И верувам дека поголем дел од граѓаните на Македонија би постапиле исто така кога би се нашле во слична ситуација.

Дилемата ја имавме и сите ние на 30 септември при изјаснувањето на референдумот токму по ова прашање. Резултатите ги знаеме и отприлика 1/3 од граѓаните гласаа „за“ на референдумското прашање, 1/3 гласаа „против“, уфрлија неважечко ливче или го бојкотираа референдумот, а 1/3 од запишаните секако не гласаат на ниедни избори (не се во државата или едноставно - не ги интересира). Но уверен сум дека од овие 2/3 определени (за или против на референдумот), и едните и другите во својата лична дилема, сметале дека се на страната „да се биде“, односно дека го оправдувале својот избор со тоа дека е токму тој е исправниот став. Првите (кои гласале „за“) со логиката, дека ако не се искористи оваа шанса и прифати договорот, нема никогаш да станеме членки на ЕУ и НАТО, а со тоа можеби за некое време нема ни да постоиме како држава, т.е. нема да нè биде!

Вторите (кои гласале „против“, уфрлиле неважечко ливче или го бојкотирале референдумот), се воделе од тоа дека со промена на името (а со тоа и на идентитетот, а подоцна и други работи), нема да нè биде - т.е. ќе ја биде некоја друга (северна) држава.

Но ова е сега повеќе за филозофска расправа и одговорот можеби ќе е појасен за десетина години од сега, кога историјата, после гласањето неделава, ќе фати одреден тек.

Дилема „да се биде или не“ имаше (а се чини и сè уште има) и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Уште по објавувањето на договорот, претседателот на партијата изјави дека е против договорот и на референдум ќе гласа „против“. Потоа ставот против договорот остана, но за референдумот препорача да гласа кој како сака и најголем дел од нивното членство и симпатизери го бојкотираше.

Против беа и на 19 октомври за отворањето на процесот на уставни измени, но од нивните редови дојдоа осумте пратеници кои го овозможија процесот (7 од партијата и 1 од нивната коалиција). Да, потоа ги исклучија од членство, но не го спречија процесот. А не го спречуваат ниту сега, иако и натаму се против договорот и не учествуваат во работата на Собранието (но не користат ништо од репертоарот кој сме го гледале многу пати порано, да го спречат или барем одложат донесувањето на уставните промени: од предлагање на свои амандмани, преку пријавување за долги дискусии - како што два месеци го одложуваа изборот на новиот спикер на парламентот лани пред 27 април, па до опструкција на работата на Собранието - како што, на пример, правеше СДСМ на седницата за буџетот во декември 2012 година). Можеби полесно ќе си ги разрешеа своите дилеми ако Владата „ги качеше на бродот“, односно постигнеше консензус, уште на лидерските средби пред склучувањето на договорот, или барем во дебатите во јули кога се „крчкаше“ референдумското прашање, но засега и ова ќе остане во доменот на претпоставките, а одговорот може ќе го добиеме веќе на претседателските избори напролет.

Дилемава што е сега пред пратениците сигурно први ја имале и премиерот Заев, министерот Димитров и преговарачкиот тим околу нив, некаде во мај, кога се прекршувале дали е ова доволно добар договор и дали ќе убедат мнозинство граѓани во тоа и дали ќе успеат да го истуркаат процесот до крај. Верувам дека и меѓу нив тогаш имало несогласувања и жестоки расправи, но треба да им се оддаде признание дека кога веќе еднаш се усогласиле и го прифатиле договорот каков што е сега, конзистентно и до крај стоеја зад одлуката и го доведоа процесот до крај (особено ако и навистина се изгласаат уставните промени и со тоа завршат сите обврски на Македонија во оваа фаза). Впрочем, Никола Димитров беше и првиот што во еден свој фејсбук-статус ги употреби овие зборови од насловот „ќе нè биде“, во одбрана на договорот. Додуша и тоа е засега само добра желба... дали ќе нè биде (дури и со членство во НАТО, а евентуално некогаш и во ЕУ), ќе остане да видиме и преоцениме за десетина години.

Не би должел понатаму, но вреди да се спомене дека дилемава дали „ќе нè биде“ не е од сега. Да не се навраќаме и подалеку, во 1903-та и дилемата „да се крева востание или не“, но и на референдумот за независноста 1991 година имаше резерви околу тоа, па на референдумското прашање се додаде делот „...со право на влез од иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Сметам и дека голем дел од актуелната поларизација во општеството, особено меѓу двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ лежи во таа основна дилема, дали ќе нè биде или не, поточно „дали можеме сами или не“. Додека првите, уште од основањето и тогашниот харизматичен лидер Љупчо Георгиевски зборуваа за самостојност, независност и во основа дека можеме и сами (иако и тие беа и се за членство во евроатлантските структури, на рамноправна основа), за СДСМ, како наследник на Сојузот на комунистите (потоа СКМ-ПДМ) се чини (и ден денес преку колумни на нивни поранешни членови и/или високи државни функционери) дека го заменија Белград со Брисел (се разбира, со оправданата логика дека ако сакаме да стигнеме во ЕУ и НАТО, треба да слушаме и правиме што ќе ни советуваат оттаму). Но, ова е поголема тема и можеби повеќе за тоа во некоја следна колумна.

За крај на оваа, мојата увереност дека секако ќе нè биде - и со и без Преспанскиот договор и уставните измени. Секако, нема да биде баш исто (немам ни јас никаква дилема дека ќе е подобро со членство во НАТО и ЕУ), но исто така не верувам дека ќе биде и многу различно, барем во првите неколку години. Поточно, за да „нè биде“ - треба сами да го направиме и овозможиме тоа (како Словенците што направија уште во првата декада од својата независност и станаа членки и на ЕУ и на НАТО до 2004 година). Впрочем и ЕУ нема да не сака во членство ако не нè бива, или со други зборови - ќе нè биде, па ќе станеме членка на ЕУ!

Споделување со вашите пријатели: