Снег нема да врне до понеделник, температурите многу ниски

Снег нема да врне до понеделник, температурите многу ниски
Врнежите од снег денеска и за деновите од викендот ќе прекинат, а ќе продолжат од понеделник, но со многу намален интензитет. Ниските температури, особено утринските, кои ќе се движат од минус шест до минус 16 Целзиусови степени, во следните денови ќе ја задржат снежната покривка и во градовите и на планините. Дневните температури деновиве ќе се движат од минус пет до четири степени, а од понеделник благо ќе се зголемуваат, особено утринските.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека снежните врнежи ќе престанат речиси во целата земја веќе денеска претпладне. Времето ќе биде облачно, но ќе се појавуваат и сончеви периоди, особено во североисточните делови, а ќе дува и умерен северозападен ветер. Од понеделник, информираат од УХМР, повторно ќе заврне снег, но со многу помал интензитет. Ќе се покачат и минималните температури, но сепак ќе останат негативни.

До вчера во земјава преовладуваше вистинска снежна зима. Најдебела снежна покривка има во Маврово, 77 сантиметри, на Попова Шапка 42 и во Лазарополе 35 сантиметри. Врнежите од снег беа особено интензивни во западните и северните делови на Македонија, каде што само вчера снежната покривка се зголеми за десет до 20 сантиметри, а на планините и над 20 сантиметри. Снегот што врне два дена непрекинато во Кичево и Кичевско, веќе предизвикува големи тешкотии во одвивањето на сообраќајот. Во градското подрачје снежната покривка изнесува 30 сантиметри, а пак во руралните средини покривката е двојно поголема.

Во Гевгелија, пак, иако снегот непрекинато паѓаше околу 15 часа, не создаде никакви проблеми во одвивањето на сообраќајот на локалните, регионалните патишта и на градските сообраќајници. Единствениот проблем се јави на делот од патот што го поврзува селото Смоквица со клучката на автопатот „Пријателство“, каде што се работи на расчистување на снегот. Во Охридско-струшкиот Регион снегот непрекинато паѓа веќе втор ден, а сообраќајот се одвива во отежнати зимски услови, а патиштата се проодни до речиси сите населени места. Снежната покривка во Охрид е 33 сантиметри, а во Струга околу 35 сантиметри.

Патиштата се чистат, но да се вози внимателно

Возачите да бидат внимателни бидејќи патиштата се чистат, но сообраќајот се одвива во зимски услови и по влажни коловози, информираат од „Македонија пат“. На сообраќајниците има остатоци од кашест снег, а во вечерните часови е можна и голомразица. Периодот на училишниот распуст се користи и за заминување на зимување, а од Дирекцијата за заштита и спасување на сите граѓани им порачуваат пред да заминат во туристичките центри во земјава и надвор детално да се информираат за состојбата на патиштата и да возат многу внимателно.

„Поради временските услови, наглите промени на температурата и маглата препорачуваме пред патувањето да се провери исправноста на возилото, да не се вози без соодветна зимска опрема, да има доволно гориво за пристигнување до саканата дестинација, но и во случај да дојде до прекин на сообраќајот, да имаат доволна количина на храна, вода, лекови и топла облека“, велат во Дирекцијата.

Според информациите од „Македонија пат“ и АМСМ, од вчера забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Маврово - Дебар, Гостивар - Кичево, преку планинскиот премин Стража, Кичево - Охрид, преку планинскиот премин Пресека, патниот правец Прилеп - Македонски Брод на планинскиот премин Барбарос, како и на патниот правец Тетово - Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема. Вчера беше воведена и забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан и на планинскиот превој Буково на патниот правец Ресен -Битола.

На превојот Плетвар сообраќајот се одвива непречено за сите видови возила. Коловозот е исчистен, има малку кашест снег, но не предизвикува застој во сообраќајот. На Плетвар снежната покривка е околу 30 сантиметри“, информираат од „Македонија пат“.

Авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром во Скопје се одвива со мали задоцнувања, но сите полетувања и слетувања се реализирани. Во зимски услови, но редовно се одвива и меѓуградскиот автобуски и железничкиот превоз.

Во Скопје фрлени 355 тони сол

Екипите на зимската служба на Град Скопје и на општините изминатите два дена работеа на расчистување на снегот од коловозите и тротоарите на улиците и булеварите. На градските улици се фрлени 355 тони сол, а екипите на јавните претпријатија со механизација и рачно го чистеа снегот од тротоарите. Во работата на чистењето на тротоарите ангажирани се 80 работници од „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Паралелно со нив, екипи на „Водовод и канализација“ работат на терен на чистење на сливниците.

Од Градот Скопје апелираше до граѓаните, куќните совети и фирмите да го чистат снегот од приодите до нивните објекти. Комуналните инспектори и редари доставуваа известувања до сите фирми и куќни совети дека согласно Законот за јавна чистота се задолжени да го исчистат снегот пред нивните објекти. Во спротивно може да добијат казна од илјада евра во денарска противвредност.

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ информираше дека поради снегот повеќе градски и приградски автобуски линии не сообраќаат автобусите до Средно Водно и до Нерези и приградските линии со број 64, 74, 80 а и 81. Скратени се линиите 58, 11 и 11 а, 18, 32, 47, 47 а, 51 а, 53, 55 б, 55 в, 56, 56 а, 60, 64 а, 70, 71, 160, 164, 165, 167, 180, а ЈСП апелира граѓаните за детален преглед на линиите да се информираат на нивната веб-страница.

Сања Наумовска

Споделување со вашите пријатели: