Приведен советник во косовската Влада од српската гранична полиција, реагира Харадинај

Приведен советник во косовската Влада од српската гранична полиција, реагира Харадинај
Небојша Јаковљевиќ, советник во Министерството за труд и социјала во Владата на Косово е запрен од српската полиција на граничниот премин Мердаре, меѓу Косово и Србија, недела дена откако истото се случи и со заменикот министер за култура Бобан Станковиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како и во претходниот случај, и овој пат веста ја објави косовскиот премиер Рамуш Харадинај, нагласувајќи дека со овој чин српските власти продолжуваат со притисокот врз граѓаните на Косово од српска националност.

– Приведувањето на Небојша Јаковљевиќ од српските власти во Мердаре е уште еден чин кој е неприфатлив и за осуда. Јаковљевиќ е советник во Министерството за труд и социјала, дел од партијата СЛС (Српска либерална странка) и брат на потпретседателот на општина Обилиќ, чие семејство го посетив во текот на месец декември, напиша Харадинај на својата страница на Фејсбук.

Тој, во името на Владата на Косово, остро ја осуди оваа, како што вели, „форма на притисок и закани врз граѓаните од српската заедница во Косово“.

– Овој чин не е единствен и изолиран, туку е дел од една оркестрирана кампања на српската власт, со цел да предизвика директна закана за безбедноста на нашата земја, вели Харадинај.

Косовскиот премиер бара од Европската унија и од меѓународната заедница да извршат притисок врз Белград за да престане со таквите дејствија.

– Косово е посветено на дијалогот, кој ќе овозможи постигнување на еден конечен договор со соседната држава и секој чин кој го попречува ваквиот дух е неприфатлив. Апелирам кај ЕУ и меѓународната заедница да направат напори да извршат притисок врз Белград да прекине веднаш со таквите секојдневни дејствија против граѓаните на Косово, од кои јасно се препознава патот кој го одбрала Србија против слободата на движење, европскиот дух на соработка и заедничките вредности, напиша Харадинај.

Споделување со вашите пријатели: