Власта во спринт за Антикорупциската комисија

Власта во спринт за Антикорупциската комисија
На Владата ѝ се брза да се формира Антикорупциската комисија, затоа што за кратко време, на почетокот на февруари, ќе бидат распишани претседателските избори. Нема да биде добра порака пред Брисел, како што кажа вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, доколку уште едни избори се спроведат без Антикорупциска комисија.

Власта веќе еднаш го пушти во собраниска процедура Законот за спречување корупција и судир на интереси, па го повлече затоа што ВМРО-ДПМНЕ го блокираше на амандманската расправа. Сега повторно Законот е испратен во Собрание, но со европско знаменце што значи дека ќе се носи по скратена постапка, а за да се изгласа потребно е двотретинско мнозинство. Тоа ќе значи само три дена собраниска расправа, па гласање.

Генералниот секретар на СДСМ, Кирацовски, вчера на прес-конференција во Собранието ги оцени како неевропски амандманите и барањата на ВМРО-ДПМНЕ за измените на предлог-законот. Смета дека тие се во насока на намалување на моќта и ефикасноста на борбата против корупцијата. По ова на потег е Комисијата за европски прашања, каде што ќе треба првично да се разгледува законското решение.

„Ги следиме препораките на ЕУ, која даде многу позитивно мислење за предлог-законот и затоа тој ќе оди со европско знаменце во Собранието. Македонија ќе добие силно независно регулаторно тело кое суштински, а не деклараторно, ќе застане и ќе се спротивстави на корупцијата во нашата земја. Така се гради држава по европски стандарди“, рече Кирацовски.

Еден од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ е ДКСК да нема увид во финансиите на партиите, односно контролата да оди преку УЈП. Според одредени информации оваа партија се залага Антикорупциската комисија да брои пет члена, а не седум како што е предвидено, бидејќи сметаат дека со тоа владата ќе има мнозинство. Убедени се дека овие нивни предлози се во согласност со препораките на ГРЕКО. Во предлог-законот, пак, се предвидува ДКСК да има увид и во финансирањето на изборните кампањи.

„Да се залагаа за вистинска борба со корупцијата од ВМРО-ДПМНЕ, немаше да бараат Комисијата да нема директен увид во сметките на функционерите. Не може да има вистинска борба против корупцијата доколку ДКСК, како независна институција која е надвор од извршната власт, не ги контролира сметките на избраните функционери. За да ја ослабнат позицијата на ДКСК, од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат и формирање на некаков Национален совет - барање зад кое се крие обид за разводнување на ингеренциите на ДКСК и слабеење на најсилната независна институција за борба против корупцијата“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ е категорична дека нема да го поддржи законот во оваа форма како што е предложен. Тие, како што велат, се за формирање на ефективна антикорупциска комисија која ќе се бори против криминалните тенденции на оваа власт. Дури и се надеваат дека власта ќе ретерира и сама ќе го повлече, бидејќи според нив законот е важен и треба да ја има поддршката од сите политички партии.

„Десет месеци во Македонија нема Антикорупциска комисија. Под притисок на ВМРО-ДПМНЕ и јавноста власта се сети дека мора да се избере. Само во правата недела од 2019 година државата ја потресоа два нови коруптивни скандали кои директно се поврзуваат со функционери на власта. Првиот во директна корелација со министерката Мила Царовска, чиј невенчан сопруг добил 1,5 милион денари народни пари, а во другиот е заменик-министерот Јани Макрадули каде што фирмата на неговата сопруга добила 5,4 милиони денари пари на граѓаните“, реагираа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Без оглед дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се премисли или не во дополнителните преговори кои, според информациите, ќе следуваат деновиве, власта се надева дека законот може да се истурка со двотретинското мнозинство кое ќе ги поддржи уставните измени согласно договорот со Грција.

Но спорни се роковите што тешко може да се стигнат. По гласањето во Собрание, треба да се распише оглас за избор на членови кој трае најмалку 8 дена, потоа следуваат интервјуата со кандидатите, кои треба да се пренесуваат во живо на собранискиот канал, а дури потоа е изборот и верификацијата на мандатите на претседателот и членовите на Комисијата. Според извори од Собранието, за тоа се потребни повеќе денови од тие што ги има во собранискиот календар. Приоритет сега е уставната ревизија, а пред тоа антикорупцискиот закон нема да се најде на собраниска седница.

Во новиот закон за спречување на корупцијата ставени се забелешките на Европската комисија. Предвидено е селекција на кандидатите да прави комисија за избор составена од 7 члена, а не собраниската Комисија за избор и именувања, со цел да се намали политичката зависност на Комисијата. Еден член ќе биде номиниран од Народниот правобранител, еден претставник од Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор за областа демократија и владеење на правото, еден член во Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот секторот за областа медиуми и информатичко општество и по двајца пратеници од власта и опозицијата. По селектирањето на кандидатите, комисија ќе организира интервју на кое на кандидатите прашања ќе може да им поставуваат членовите на комисијата, претставници на МАНУ, на здруженијата на новинари, невладини организации, Народниот правобранител и Интеруниверзитетската конференција. Комисијата потоа листата на кандидати ја доставува до собраниската Комисија за изборите и именувањата, која ќе му ги предложи на Собранието.

Инаку, речиси 10 месеци земјава е без Антикорупциска откако пет члена на Комисијата си дадоа оставки по скандалот со бонусите и фиктивните патни трошоци кои сами си ги одобриле со интерна одлука. (Н.К.)

Споделување со вашите пријатели: