Унгарците од дијаспората солидарни против Орбан

Унгарците од дијаспората солидарни против Орбан
Унгарците во Белгија синоќа одржаа протестен собир пред европските институции, на кој говореја бројни унгарски опозиционери.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел. една од пораките на учесниците и организаторите до Македонија беше дека не треба да се надева оти ќе добие екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски.

Протестот под мотото „Стоп Орбан“ и „Каде ви се црвените линии?“ го организираа европратеници од редовите на социјалдемократите во Европскиот Парламент, заедно со членови на зелените и либералите.

Целта на протестот беше, пред сѐ, да се искаже солидарност со десетиците илјади Унгарци кои со недели протестираат на унгарските улици против новиот „робовладетелски“ закон на унгарската Влада, со кој се зголемува прекувременото работење на 400 часа годишно.

Демонстрантите се мобилизира и против сѐ поавторитарното владеење на унгарската владејачката партија Фидес, кое се гледа преку воспоставувањето нов паралелен судски систем под контрола на извршната власт и создавањето медиумски конгломерат во рацете на лица блиски на Орбан.

Иако протестот не броеше многу учесници – унгарската заедница секако не е меѓу најкрупните во Белгија – тие беа главно високообразовани, вработени во европските институции и политички активни.

Ниту еден од нив меѓутоа не сакаше да биде идентификуван со име и презиме, бидејќи повеќето од нив стравуваат од последици. Иако Орбан владее навидум демократски – легитимно избран на избори, учесниците на протестот изјавија дека тоа е само привид.

– На сите ни е преку глава, толку години паѓање во авторитаризам, враќањето назад, доста ни е, изјави еден од демонстрантите вработен во европските институции, кој одби да го каже своето име.

Како причини за нивното незадоволство демонстрантите ги посочија законот за прекувремено работење, состојбата со судскиот систем и медиумите, но и мигрантската политика на Орбан. Разочарани од недостатигот на реакции од Европската Унија, повеќето од демонстрантите меѓутоа велат дека се свесни оти ЕУ е ограничена во своите можности да преземе мерки.

– Знаеме дека пред сѐ е на нас Унгарците да преземеме нешто, вели „Џорџ“, кој признава дека во сегашните услови тоа ќе оди тешко.

– Посакувам ЕУ да направи повеќе…, но поддршката за Орбан е уште многу голема, иако мислам дека не е толку колку порано. Не мислам дека може сега да биде отстранет, но сметам дека неговата моќ треба да биде ограничена, вели друг Унгарец присутен на протестите, кој исто така не сакаше да биде идентификуван.

Барнабас Местер, еден од организаторите на вчерашниот протест, политички активист и советник за социјалдемократите во Европскиот парламент, се согласува со неговите сограѓани дека топката е кај самите Унгарци.

– ЕУ не е изградена на начин да може да реагира против земји членки кои не ги почитуваат правилата. Не очекуваме дека ЕУ ќе може да направи многу, на нас унгарскиот народ и опозициските партии е да ја смениме состојбата во Унгарија и решени сме тоа да го сториме, вели Местер.

За Местер е важно политика да им се приближи на обичните луѓе, да се излезе на улица и опозицијата да обедини. Тој, како и други кои говореа вчера на протестот, ги повика сите унгарски политички партии да се обединат околу заедничка платформа за следните, прво локални избори, а за неколку години и парламентарни. Само така, вели тој, Унгарија има шанса за промена.

Но, што со партиите од екстремната десница во Унгарија, како Јобик? Треба ли и со нив да се обедини опозицијата?

– Прво, се плашам дека Фидес во моментов е повеќе екстремна десница од Јобик, одговара Местер.

Тој објаснува дека има поделба во самата партија Јобик, еден дел од нив, поекстремните „безусловно ја поддржуваат Фидес“.

– Ова е нов феномен во унгарската политика, но се разбира Јобик останува Јобик и продолжуваат да палат европски знамиња. Соработката ќе биде тешка, но во име на иднината на државата мислам дека сите опозициски партии треба заедно да работат, вели младиот активист.

Друг голем страв кај Унгарците, како и кај другите Европејци е дека партијата на Виктор Орбан ќе успее околу себе да ги обедини европските популистички и „нелибералани“ демократии пред следните европски избори и со тоа трајно и значајно да ги промени традиционалните односи на силите во Европарламентот, како и правецот кон кој се движи Европската Унија.

И покрај обидите на Европскиот парламент, кој неодамна се изјасни за активирање на “нуклеарната опција“ против Унгарија, односно членот 7 на Европските повелби, со кој може да биде суспендирано правото на глас на една земја членка во ЕУ, јасно е дека тоа нема да се материјализира. За да стапи во сила таквата мерка потребен е консензус меѓу земјите членки.

Полска, на која и се заканува истата процедура, јасно стави на знаење дека ќе ја брани Унгарија. А со доаѓањето на романското претседателство на кормилото на ЕУ, неизвесно е воопшто дали прекршочните процедури против Унгарија и Полска воопшто ќе останат темелен дел од политичката агенда на Советот.

Па така, на пример, вчера, првпат по повеќе од една година, на агендата на Советот за општи работи не беа ставени на дневен ред овие прашања.

Конечно, Унгарците се фрустрирани и од азилот кој Унгарија му го одобри на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Еден од транспарентите на вчерашниот протест се однесуваше токму на ова: “Азил „а ла“ Орбан: корумпирани поранешни премиери: да. Жртви на војни: не“.

– За мене е скандалозно што му се додели азил, мислам дека е неверојатно што се направи тоа. Но, би рекол дека обичниот унгарски граѓанин не знае многу за тоа или пак му е сеедно, вели Џорџ.

Сите со кој зборувавме се шокирани од одлуката да се прими Груевски како бегалец во Унгарија, но никој не верува дека одлуката ќе се смени, ниту пак дека експремиерот ќе и биде вратен на Македонија.

Впечатокот го потврди членот на социјалдемократите, Барнабас Местер.

– Не верувам дека ќе биде вратен во Македонија. Ако некому му е одобрен азил од една Влада, следната Влада, ако ги почитува демократските правила нема да ја смени таа одлука. Меѓутоа би сакал да кажам дека иако имаме стриктна имиграциска политика во Унгарија, оние кои плаќаат и и се блиски на Владата ќе добијат азил. И јас, и сите опозициски партии, сметаме дека е апсолутно скандалозно што некој како Груевски може да добие азил во Унгарија, од тоа што го видов и прочитав не сметам дека неговото судење беше политичка хајка, вели Местер.

Македонија, вели тој не треба многу да се надева да го добие Груевски назад. Ниту пак дека темата ќе остане актуелна во ЕУ, и покрај некои обиди во Европскиот парламент во декември.

– Знаете, унгарската ситуација толку бргу се менува и влошува што гревовите од минатото бргу се забораваат и мислам дека истото ќе се случи и со скандалот околу господинот Груевски. Други предизвици, нови скандали ќе го засенат ова. На Европскиот парламент е да ја задржи темата, додава Местер.

Споделување со вашите пријатели: