Лондон негира дека преговара со Брисел околу Брегзит

Лондон негира дека преговара со Брисел околу Брегзит
Британскиот секретар за Брегзит Стивен Беркли денеска ги негираше пишувањата на „Дејли телеграф“ дека Брисел и Лондон преговараат за проширување на членот 50 од Лисабонскиот договор, во врска со британското повлекување од Европската унија и нагласи дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март.

„Дејли телеграф“, повикувајќи се на три неименувани извори од ЕУ, вчера објави дека британски и европски претставници ја разгледуваат можноста за проширување на членот 50 од Лисабонскиот договор, кој се однесува на истапувањето од Унијата.

– Не сум разговарал со Европската унија за проширување (на членот 50), изјави денеска Беркли за Би-Би-Си.

Запрашан дали може да го негира пишувањето на весникот, тој одговори потврдно.

– Да, бидејќи можам да бидам многу јасен дека владината политика е таква да ја напушти (ЕУ) на 29 март. Премиерката тоа го разјасни многу пати пред Парламентот, изјави Беркли.

Според „Дејли телеграф“, британските власти испратиле „неофицијална сугестија” и „ја тестираат волјата” за проширување на член 50, дури и ако Владата вели дека нема намера да побара продолжување на преговарачкиот период.

Споделување со вашите пријатели: