Холивуд: Вечерва се доделува „Златен глобус 2019“

Холивуд: Вечерва се доделува „Златен глобус 2019“
САД – Вечерва ќе се одржи првото доделување награди во Холивуд, 76. церемонија на доделување на „Златните глобуси“ за 2019 година, за ТВ-шоуа и филмови, во хотелот „Беверли Хилтон“ на Беверли Хилс. Водители се актерите Сандра Ох, добитничка на „Златен глобус“ во 2006 година и Енди Самберг, добитник на два „Златни глобуса“.

„Златниот глобус“ годинава ќе го следат 210 земји од светот и во филмскиот свет важи за предвесник за „Оскарите“. „Вајс“ со шест номинации води пред „Ѕвездата е родена“, „Зелена книга“ и „Омилените“ кои имаат по пет номинации. Ќерката на Идрис Елба, најсекси мажот за 2018 година според „Пипл“, Исан Елбан, е годинашен амбасадор на „Златниот глобус“, а актерот Џеф Бриџис е добитник на почесниот „Златен глобус“ - „Сесил Б. Демил“, кој го доделуваат странските новинари што се акредитирани во Холивуд.

Секој од присутните гости и ѕвезди ќе може да проба од специјалното мени наменето токму за оваа пригода. Оваа година храната ќе ја подготвува Метју Морган, кој беше прогласен за главен готвач на Беверли Хилтон во март 2018.

Тој на славните ќе им подготви лесно јадење од чилеански бранцин со црн ориз, шпаргли и карамелизирани моркови.

Како десерт ќе биде послужена чоколадна торта од бело чоколадо, без брашно, дело на Томас Хензи, кој е главен слаткар на церемонијата. Првпат десертот ќе биде безглутенски, како последица на зголемената побарувачка за безглутенска храна за време на церемонијата.

Официјален шампањ ќе биде „моет и шандон“, 28. година по ред. Ѕвездите ќе може да изберат меѓу различните видови шампањ, како и да го пробаат коктелот „Мое Бел“.

Овој коктел го „измисли“ актерката Камила Бел, инспирирана од своите бразилски корени. Во коктелот има мое, бразилска ракија која се прави од шеќерна трска, сок од манго, сируп од ѓумбир, сок од лимета и шампањ на „моет и шандон“ познат како „брут империјал“. Коктелот се сервира со мраз и бела орхидеја.

Споделување со вашите пријатели: