Време за политичко отрезнување

Време за политичко отрезнување
Александра М. Митевска

По не баш пријатната политичка завршница на 2018 година, новогодишните празнувања веројатно за многумина поминаа над очекувањата. И го поправија донекаде горчливиот вкус од отстапките што беа направени во име на повисоката цел што треба да продолжи да се остварува веднаш по божикните празници.

Не само што владата, со инстант-одлука, ја врати можноста за продолжена прослава на новата година, како во старите добри времиња. Туку и тактички им беа понудени „леб и игри“ на граѓаните, како што, на пример, беше фасцинантниот огномет на скопскиот плоштад или најавата за понатамошен раст на минималецот и на просечната плата...

Но прашање е се уште дали тоа ќе биде доволно да се оправдаат големите отстапки што беа направени во очи на новогодишната прослава, во случај политичкиот есап со амнестиите да  не се преслика на  постбожикната „парламентарна берза“ при финалното гласање за измените на Уставот. Тоа е опција што, веројатно, не ја посакуваат ниту  најгласните критичари на политичките пазарења што се одигруваа пред финишот на старата година, а кои претходно, беа, главно благонаклонети кон Преспанскиот договор – како уникатна можност за враќање на Македонија на евратлантскиот колосек.

Пред се тоа е и најмалку посакуваното сценарио за владејачката постава, не само затоа што на таков начин би се разнишале темелите на коалицијата на „Илинденска“, туку и поради тоа што евентуален таков исход би значел сигурен влез во нова и долгорочна политичка несигурност на земјава. Во таков случај, добивка од „игрите на среќа“, што предновогодишно беа приредени во законодавниот дом, ќе имаат само неколкумина колебливи пратеници или нивни роднини, како и уште десетина обвинети од СЈО или за 27 април 2017 година,  кои „ни криви, ни должни“ се најдоа во барабанот за амнестија. Сите други ќе бидат губитници, особено оние што ги оставија највисоките влогови, но и оние кои сето ова време се обидуваа да печалат политички поени на картата на негација на Преспанскиот договор и уставните амандмани што произлегоа од него – како своевидна гаранција дека нивното донесување ќе значи премија за државата во годината што почнува со надеж за членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.

Македонската политика затоа не смее сега да си дозволи луксуз да се врати илјадници километри назад од патот што, по цела деценија застој, беше изоден со гуливерови чекори во 2018 година. Празничните денови веќе одминуваат. Страстите поради отстапките и пропустите во изминатата година постепено стивнуваат, што не значи дека во деновите и месеците што следат не се очекува да се испорачат ефекти од нив, како и да се лоцира и покрене одговорност за грешките.

Веднаш по Божик, на политички план, следува време за отрезнување. Уставните  измени се враќаат на дневен ред во парламентот во својата финална фаза. Овој пат, во очекување на гласањето за амандманите, а потоа и за уставниот закон, најмалку премиерот Зоран Заев смее да си дозволи дефетизам, како што веќе си дозволи со изјавите дека при изјаснувањето на пратениците ќе се види дали има двотретинско мнозинство. По серијата отстапки што тој и владејачкото мнозинство беа приморани да ги направат во последните три месеци, откако референдумот за името не ги донесе посакуваните резултати, сега премиерот мора да игра на сигурно. Затоа што не само за него лично или за неговата влада и партија, туку пред се за државата ќе биде овој пат превисока политичката цена што ќе треба да се плати во случај на помалку гласови од неопходните осумдесет. За тоа сега треба да бидат свесни и сите оние кои во изминатиот период го уценуваа и условуваа процесот, користејќи го моментот на своја незаменливост, за задоволување на лични или тесно-партиски интереси.

Македонската политика можеби не може да влијае многу на тоа како понатаму ќе се развиваат релациите и политиките во Грција, откако и во тамошниот парламент ќе дојде на агедндата ратификацијата на Преспанскиот договор. Домашните политички фактори тешко дека ќе може да влијаат и на односите и интересите што следат во ЕУ, од аспект на престојните избори за Европскиот парламент, а потоа и конституирањето на новиот состав на Европската комисија. Затоа, пак, македонските политички чинители се обврзани овој пат беспрекорно да го завршат својот дел од работата, без импровизации како на 19 октомври и по сите „подготовки“ што ги направија во тој правец во последните месеци од минатата година. Добро завршената домашна задача ќе значи валоризација на  трудот што беше вложен во меѓувреме, неретко и со употреба на макијавелистички методи, а во очекување дека на крајот ќе  бидат постигнати посакуваните резултати. Односно дека сериозниот пристап во исполнувањето на обврските од Преспанскиот договор прво ќе ѝ го обезбеди местото на Македонија во НАТО, а потоа ќе ги отстрани и последните препреки за почеток на преговорите со ЕУ.

Споделување со вашите пријатели: