Интервју со Александра Грозданова: Квалитетот на вакцините најригорозно се контролира

Интервју со Александра Грозданова: Квалитетот на вакцините најригорозно се контролира
Во екот на епидемијата со морбили претседателката на Комитетот за имунизација Александра Грозданова вели дека квалитетот и безбедноста на вакцините се едни од најригорозно контролираните процеси во фармацевтската индустрија и дека им се даваат на милиони деца на светско ниво со децении наназад. Процесот на производство на вакцините трае и по повеќе години, а земјите при набавката мораат најмалку една година претходно да ги резервираат количините за одредена вакцина.

Ниту едно лице од заразените со морбили не ја примило МРП вакцината. Во Скопје е прогласена епидемија на мали сипаници, очекувате ли таа да се прошири и во другите градови?

Бидејќи опфатот на имунизација со вакцината МРП и во другите градови од Македонија не е задоволителен, над 90 отсто е можно да се појават случаи на морбили и низ другите градови. Во моментов, сепак, немаме такви пријави.

Општините Центар, Карпош и Аеродром имаат најмал број вакцинирани деца, и тоа дури половина од нив. Порано статистиките покажуваа дека опфатот на невакцинирани е помал во руралните средини, а сега е обратно. Колкав е процентот на невакцинирани деца со оваа вакцина во Македонија?

Точно, опфатот во трите скопски општини е најнизок и се движи меѓу 67 и 78 отсто. На територијата на Македонија е 82 отсто, конкретно за МРП вакцината.

Граѓаните се исплашени од квалитетот на вакцините и од последиците што можат да ги предизвикаат тие. Дали со забрана за одење во градинка и други казни ќе се натераат родителите да ги имунизираат децата? Како здравствените власти да ја вратат довербата за да не се вратат болести што се искоренети пред децении?

Присутен е постојан тренд на опаѓање на опфатот на вакцинацијата во Македонија во последните години, кој е најизразен во урбаните средини, што се должи на повеќе фактори. Покрај постоењето на антивакцинални движења кои се активни по социјалните мрежи, состојбите како генералната недоверба на населението во јавните здравствени политики, нетранспарентноста за начините на набавка и квалитетот на вакцините што се користат, влијанието на информациите добиени од непроверени и непрофесионални извори кои се лесно достапни до родителите, како и ниското ниво на здравствена едукација на општото население, имаат удел во ваквата состојба. Она што е најзагрижувачко се несигурноста, некомпетентноста и недоволната едукација на дел од здравствените работници за имунизацијата, што често резултира тие наместо да бидат промотори на превентивата, да бидат пропагатори на нестручни информации за имунизација. Ваквата состојба ги доведува родителите во дилема и голем дел од нив потпаѓаат под влијанието на социјалните медиуми преплавени со неточни информации за имунизацијата.

Антивакциналната кампања трае подолг период. Освен кај родителите, сомневање во квалитетот на вакцините има и кај лекарите, кои ги подучуваат родителите да ја одложат вакцината МРП, а ги подржуваа и тезите за штетноста на вакцините и за нивна поврзаност со различни заболувања. Колку време се следат нуспојавите во земјава и колкав е процентот на несакани реакции?

Сосема ги разбирам родителите, секој му го посакува најдоброто на своето дете и секако дека се грижи за можните несакани реакции од вакцините. Сочувствувам и како здравствен работник и како родител со семејствата што чувствуваат несигурност во однос на вакцините и нивната поврзаност со аутизам, дијабетес и други заболувања. На овие дилеми ќе ви одговорам и научно и како родител. Во науката, огромен број клинички студии и истражувања јасно потврдуваат дека нема директна асоцираност помеѓу вакцините и појавата на овие заболувања. Квалитетот и безбедноста на вакцините се едни од најригорозно контролираните процеси во целата фармацевтска индустрија, и да не заборавиме дека им се даваат на милиони деца на светско ниво, со децении наназад. Како родител, јас моите две малолетни деца ги вакцинирав со сите вакцини од редовниот календар за имунизација во нашите здравствени домови, со вакцини што се користат во Македонија.

Какви реакции се јавуваат најчесто од вакцината? Кај колку деца има појава на потешки реакции и какви се?

За 2017 година пријавени се два случаи на реакција од ДТП вакцината, а во 2018 година имаше само еден официјално пријавен случај со несакан ефект од истата вакцина. Официјални податоци за несакани реакции од МРП вакцината немаме.

Од Министерство за здравство уверуваат дека МРП вакцината е висококвалитетна и дека стравот кај родителите е неоправдан. Како се подготвуваат вакцините, колку време претходно се врши нарачката и какви се процедурите?

Процесот на производство на вакцините трае и по повеќе години, а земјите при набавката мораат најмалку една година претходно да ги резервираат количините за одредена вакцина. Државите при својата набавка до производителите доставуваат барање за резервирање на одредени количини бидејќи на светско ниво бројот на производители на вакцини е релативно мал. Често кај малите земји, како што е и Македонија, може да има дефицит на вакцини. Потоа следува проверка на национално ниво преку Агенцијата за лекови и Министерството за здравство, се проверуваат задолжителните критериуми што вакцината мора да ги исполни, а тоа се најмалку два сертификата од производителот на вакцината и од независна меѓународна контролна лабораторија. Обезбеден е и ладен синџир на дистрибуција на вакцините до здравствените домови. Исто така, производителот мора да е земја од Европска Унија и да ја користи вакцината во таа земја. Шест земји од Европската Унија ја користат МРП вакцината од компанијата „Глаксо Смит Клајн“ (GlaxoSmithKline) од Белгија.

Вероника Мароска-Леова

 

 

Споделување со вашите пријатели: