Погба се повреди, го пропушта дуелот со Рединг

Погба се повреди, го пропушта дуелот со Рединг
Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, ќе го пропушти натпреварот против Рединг од третото коло од ФА Купот на Англија поради повреда. Ова го објави менаџерот на тимот, Оле Гунар Солскјер.

Французинот беше повреден во дуелот со Њукасл, кога Џонџо Шелви влезе остро во неговата десна нога. Сепак, ситуацијата на халфот не е загрижувачка и тој треба да биде подготвен за натпреварот со Тотенхем за една недела, увери Солскејер.

Норвежанецот објави дека напаѓачите Ромелу Лукаку и Алексис Санчез ќе започнат како носители против Рединг, а тоа ќе биде прв старт и за двајцата, откако Солскјер е на чело на тимот. Лукаку постигна два гола во последните два натпревари на тимот, влегувајќи како резерва, додека Санчез направи асистенција за голот на Маркус Рашфорд против „страчките“.

Се очекува дека ќе има повеќе промени во тимот, и сосема е можно играчи од академијата да се најдат меѓу првите 11 против Рединг.

Дуелот помеѓу Манчестер Јунајтед и Рединг е утре од 13:30 часот по македонско време на „Олд Трафорд“.

Споделување со вашите пријатели: