Достигнувања и потфрлања

Достигнувања и потфрлања
Никола Поповски

Крајот на 2018 и почетокот на 2019 година беше добар повод да се оценат достигнувањата и потфрлањата на светската и на македонската економија. Како и обично, зависно од тоа дали оценувачите се владини или опозициски, провладини или проопозициски, оценките за домашната економија варираат од тоа дека резултатите се одлични и се создадени претпоставки за иден уште подобар развој, олицетворени во изјавата за „клучни 10 позитивни економски показатели и придобивки во 2018 година“, па сè до тоа дека македонската економија доживува тежок неуспех олицетворени во изјавата „економската 2018 година беше катастрофална за граѓаните и фирмите“.

Објективно, македонската економија никогаш и не била во добра состојба, ниту пред ниту по независноста, и ниту пред една или друга власт во земјава и таа постојано се бори со тешки и сериозни проблеми. Се разбира дека економијата повремено покажува одредени скромни резултати или поголеми потфрлања, при што вториве се многу поредовни и често потрауматични, но никогаш не била во состојба да ги задоволи макар и минималните очекувања на нејзините граѓани. Секако, ниту некогаш толку многу потфрлила за да се доведе во состојби, што од разни причини ги доживеаја, на пример, Србија со нејзината хиперинфлација и низок стандард во првата половина на 1990-тите, Бугарија со недостигот на основните прехранбени стоки во средината на 1990-тите и распадот на албанската економија во еден момент во истиот тој период или Грција во времето на нејзиното формално банкротирање во периодот по светската криза од 2009 година. Кога македонската економија, таква каква што е - една од најлошите на европскиот континент, има добри моменти таа ни од далеку не може да постигне нешто забележливо и видливо добро, но и кога е во прилично безизлезна и лоша состојба, таа не ги остава граѓаните без нивните лични и јавни потреби. Таа некако постојано „живурка“. Така и во 2018 година. Таа испорача одредени скромни резултати, но не испорача некои видливи резултати и остана далеку зад ветувањата и очекувањата, но не доживеа ниту некаков крах или влошување што може да биде сериозно.

За да се оцени објективно минатата година, најдобро е да се анализираат стандардните, вообичаени и некои други позначајни макроекономски податоци. Тоа е објективен пристап без пристрасности, но за тоа ќе оставиме прво тие да се објават во целина, некаде до крајот на март 2019 година.

Тоа истото важи и за движењата во светската економија која, според предвидувањата на најважните економски институции во светот, во 2018 година пораснала за околу 3,6-3,9 отсто. Тоа е задоволително и со тоа таа им овозможува на луѓето во светот и понатаму да живеат сè подобро и со растечки стандард имајќи предвид дека светското население расте со многу помала брзина од глобалната економија. Проблемот на сè полошата дистрибуција на новосоздадениот доход и понатаму ќе претставува голем предизвик за светот.

Но, во меѓувреме, можеме да разгледаме некои други важни и интересни податоци и факти за светската економија и за животот во светот воопшто, што по повод Новата година ги објави Светската банка. За еден од најважните се смета фактот што денес само околу 10 отсто од светската популација или „само“ 736 милиони луѓе живеат во екстремна сиромаштија со 1,9 американски долар или помалку на ден и иако тоа изгледа многу, всушност, е историски најдобриот податок. Најголем дел од оваа сиромаштија се концентрира во Подсахарска Африка. Мерењето во 2018 година се однесуваше на комплетираните податоци за 2015 година и тоа е многу подобро од, да речеме, 1990 година кога околу 36 отсто од светската популација живееше во екстремна сиромаштија. За минатите две и пол декади над милијарда луѓе се извлекоа од таа тешка состојба. Но, од друга страна, во минатата година дури 68,5 милиони, што е близу еден отсто од светската популација беа присилно раселени од своите живеалишта и тие во најголем дел потекнуваат од, но и се раселуваат во земјите од Блискиот Исток и Африка. Германија, на пример, со примени околу еден милион бегалци на нејзината територија е само седма земја примател на азиланти во светот по Турција, Јордан, Либан, Пакистан, Уганда и Иран, секоја со број на бегалци меѓу еден и четири милиони лица на нивните територии. Јасно е дека економската моќ на Германија далеку отскокнува од онаа на останатите.

Светот и светската економија се соочува и со јасна тенденција на забрзано задолжување на земјите со низок и среден доход, „привилегија“ што до неодамна ја имаа само земјите со висок доход. Нивното задолжување во 2017 година се зголеми трипати во однос на 2016 година и достигна 607 милијарди долари, а нивниот јавен долг во истата година достигна до 7,1 илјади милијарди (7.100 милиони) долари, наспроти, на пример, 3,1 милијарди долари во 2007 година. Над 1/3 од овие земји се веќе високо задолжени со надворешен долг што изнесува над 60 отсто од нивниот годишен БДП. Како што може да се види, македонскиот тренд на нагорно задолжување е во рамките на истиот негативен тренд и кај земјите со низок и среден доход во кои и ние спаѓаме.

Друг, иако неекономски, важен факт е што планетата сè уште забрзано се загрева. Минатата година планетарното загревање достигна до 1,0 Целзиусов степен повеќе споредено со прединдустриската доба и тоа е индуцирано само од активностите на човекот. Треба да се преземат многу активности за до 2040 година затоплувањето да се задржи на границата на растот до 1,5 Целзиусов степен и да не ја надмине границата од 2 степени, што би овозможило морското и океанско ниво да се покачат за само околу 10 см.

Едновремено, забрзано се одвива миграцијата на населението кон градовите. Ако во 1960 година 1/3 од населението на планетава живееше во градовите, во 2018 година тоа веќе е 55 отсто, а до 2050 година тоа население ќе достигне околу 2/3 од вкупното. Урбанизацијата е многу забрзана. Се чини дека Македонија се движи точно според моделот на светското население, иако за тоа плаќа сопствена цена на влошување на условите за живеење во градовите за која сите сме сведоци.

За нас би бил утешителен, доколку не е поразувачки за светот, фактот дека, според податоците на СБ, дури девет од 10 жители на планетава дишат загаден воздух. Најзагаден регион во светот е Источниот Медитеран на кој и ние спаѓаме во поширока смисла. Светската здравствена организација проценува дека секоја година во светот околу седум милиони луѓе умираат од презагадениот амбиентален и домашен воздух. Дополнителен проблем од сличен карактер е што над 1/3 од светскиот отпад произведен од човекот секојдневно се истоварува или согорува на отворено. Во земјите со висок доход тој проблем постои со само околу 2 отсто од отпадот, но во неразвиените земји тоа изнесува дури 93 отсто. Од македонска гледна точка се чини дека далеку е патот до успехот.

Што се однесува до образованието состојбите се драматични од аспект на тоа колкаво знаење поседуваат учениците. Тестирањето кое требаше да покаже колкави се знаењата на учениците како еквивалент на години поминати во формално образование покажаа драматични резултати. Додека во развиените земји со висок доход показателите се меѓу 11 и 12 години, што е де факто еквивалент на нивното формално образование, кај земјите со среден доход тој показател е во границите меѓу 8 и 10. Македонија, иако земја со среден доход, за жал, има показател од само 6,8. Ние сме единствената европска земја со показател под 8,8 што треба да биде повеќе од аларм за системот на јавното образование. Нашите ученици, де факто, завршуваат нивоа на образование што ни од далеку не одговараат на нивните знаења. Поразувачки за сегашноста и за иднината на нашата земја и нашето општество.

За крај, нешто и за родовата еднаквост. Во светот во кој популацијата се наближува до бројот од 7,7 милијарди луѓе, постојат дури 2,7 милијарди жени на кои, де факто, не им е овозможен истиот избор на работно место како и на мажите. За среќа, Македонија не е во земјите со вакви ограничување. Нешто светло што може да служи за пример дека ако се сака може да се постигне и светски стандард во некоја област од живеењето.

Споделување со вашите пријатели: