Богдановиќ: Читалната „Славко Јаневски“ не се затвара, напротив, ќе се проширува

Богдановиќ:  Читалната „Славко Јаневски“ не се затвара, напротив, ќе се проширува
Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ демантира дека читалната „Славко Јаневски“ се затвара, вели, напротив, ќе се проширува  или во најдобар случај ќе и се најде посоодветна локација од актуелната. Претходно, јавноста реагираше на веста дека општина Центар донела одлука за затварање на читалните кои функционираат на територија на општината, алудирајќи и на читалницата „Ацо Шопов“.

- Општина Центар ја поддржува културата, културниот развиток и читањето книги, а особено делото на Славко Јаневски и на Ацо Шопов. Ситуацијата настана откако газдата ја покачи киријата каде што е сместена читалната. Засега, додека не се најде соодветно решение, читалната ќе функционира на истото место, ни изјави Богдановиќ.

И од Фондацијата „Славко Јаневски“ велат дека градоначалникот ги убедувал дека, сепак, истоимената читална нема да биде дислоцирана.

„Стапивме во контакт со градоначалникот Саша Богдановиќ, кој нè убеди дека читалната нема да биде дислоцирана. Поради настанатите околности Фондацијата реши романите што конкурираат за наградата ‘Роман на годината’ до крајот на конкурсот (15 јануари) да се примаат во читалницата (‘Славко Јаневски’) од 12 до 20 часот секој работен ден, но и во Културно-информативниот центар во работно време“, ни изјави извршниот директор на Фондацијата, Ѕведан Георгиевски.

Читалната „Славко Јаневски“ поседува квалитетен книжевен фонд (а тука се наоѓаат и мошне вредни книги), скулптури и уметнички дела. Најголемиот дел од книжниот фонд и уметничките дела се приватни донации и подароци, меѓу кои најзначајна е донацијата на семејството на Славко Јаневски.

Фондацијата „Славко Јаневски“ го организира конкурсот за престижната награда „Роман на годината“, која годинава го слави својот 20-годишен јубилеј. (Л.С.)

 

Споделување со вашите пријатели: