На чекор до трамвајот

На чекор до трамвајот
Сања Наумовска

Проектот трамвај повторно стана актуелен во Скопје. Сосема неочекувано, крајот на 2018 година во главниот град беше обележан со најавата дека, сепак, тој нема да остане пуста желба на скопјани. Заборавен во изминатите десетина години, трамвајот сега е најсериозната понуда како алтернатива за решавање на хаосот во јавниот превоз. Само една линија од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, според проценките на градските власти, може да замени 40 отсто од автобуските линии на овој потег, што е голема работа. Особено за актуелните услови во кои се наоѓа градскиот превоз. Новите автобуси одамна не се нови, Јавното сообраќајно претпријатие нема ниту сервис ниту делови за да ги оспособи кинеските и украинските возила. Сето тоа паѓа врз грбот на граѓаните, принудени да патуваат во недостоинствени услови, а од нивните џебови сè уште се отплаќаат кредитите за набавката на автобусите чиј износ е 80 милиони евра.

Заради тоа, и првиот впечаток од тајната мисија на градоначалникот Петре Шилегов за изработка на проект, заедно со загрепските колеги од ЗЕТ, е дека трамвајот и не е толку скап потфат. Скопјаните се научени да плаќаат луксузи, скап стиропор претставен како мермер, тони бронза, железа, столбови, мостови, лавови, кои нè чинеа најмалку половина милијарда евра, па проценките дека големото подобрување во сообраќајот може да го платиме само со 150 милиони евра дојде како пријатно изненадување.

Затоа и со право скопјани се прашуваат зошто трамвајот не беше одамна направен. По само неколку години, стана јасно дека купувањето кинески и украински автобуси воопшто не го реши прашањето за подобрување на јавниот превоз на долги патеки. Потребите на Скопје очигледно се поголеми и посериозни, па така и треба да се пристапи кон ова прашање. Градскиот превоз одамна не го следи растот на градот, а резултат на тоа е големото незадоволство кај граѓаните, намножувањето на возила и енормното загадување на воздухот. А, сега, на чекор сме да се качиме во трамвај.

Останува само градските власти да бидат доследни на ветувањата дека годинава ќе биде посветена на реализирање на сета инфраструктура која, јавно или тајно, ја нацртале во 2018. Но и да останат цврсто зад проектите што ги најавуваат, иако нема да им биде лесно да ги исполнат ниту, пак, ќе добијат аплауз од сите страни. Самото спомнување на трамвајот веќе ја подели јавноста на табори за и против. Можеби и држи тезата на „контрашите“ дека трамвајот е превозното средство на 20 век и дека сме можеле да добиеме и подобро нешто, но да бидеме реални и Скопје од ниту еден аспект не е подготвено за ултрамодерни решенија. Идејата дојде во пакет со можноста да се затвори за сообраќај срцето на градот, опција која многумина скопјани ја посакуваа уште одамна, но и како добра можност да се намали потребата од возила во урбаните средини и да му даде шанса за почист воздух на еден од најзагадените градови во светот.

Заради тоа, многу е важно Шилегов да го издржи притисокот на јавноста и да не се повлекува пред поделените мислења на граѓаните. Факт е дека без жртва и нарушување на комодитетот, трамвај, а со тоа и подобар јавен превоз, нема да добиеме. Секој жител на Скопје на своја кожа почувствувал како изгледа сообраќајот кога ќе се затвори само една улица и јасно му е дека со овој интензитет на раст на бројот на возила градот нема да може уште долго да функционира.

Уште полошо ќе биде кога ќе се отворат нови градежни фронтови на двата најфреквентни градски булевари, „Партизанска“ и „Јане Сандански“, каде што ќе треба да поминува трамвајската линија. Најмалку две години возењето може да биде кошмар, а највиновен за нервозните возачи и патници ќе биде Шилегов. Во таа насока клучна е и поддршката од Владата, особено во финансискиот дел, за проектот да може што побрзо и поефикасно да се реализира и што побрзо да се почувствуваат благодатите од него.

 

Споделување со вашите пријатели: