Матера и Пловдив се европските престолнини на културата за 2019

Матера и Пловдив се европските престолнини на културата за 2019
Белгија- Матера во Италија и Пловдив во Бугарија се европски престолнини на културата за 2019 година.

Целогодишната манифестација со разновидни настани во Матера официјално ќе биде отворена на 19 јануари. Стариот дел од овој јужноиталијански град во покраината Базиликата е на листата на светско наследство на УНЕСКО благодарение на древното градителство. Две области во градот (Сасо Кавеосо и Сасо Барисано) се познати по праисториските пештери, за кои има наоди дека биле населени 7000 години п.н.е. Се сметаат за најуникатни предели на Медитеранот.

Вториот по големина град во Бугарија – Пловдив, пак, се вбројува меѓу најстарите европски градови со историја долга повеќе од осум илјади години. Низ него поминувал најважниот воен римски пат на Балканот – Виа Милитарис. Римјаните изградиле многу јавни градби и денес може да се видат урнатини од тој славен период во неговата историја.

Официјалното отворање на „Пловдив – престолнина на европската култура 2019“ ќе биде на 16 јануари. Според организаторите, целогодишната програма со мото „Заедно“ е структурирана во четири тематски целини поврзани со карактеристиките на градот – неговото културно наследство, историјата, ритамот на живот…

Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на проектот „Европска престолнина на културата“. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ, но на лауреатот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјите можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.

За изборот решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на Европската Унија.

Во 2020 година престолнини на европската култура ќе бидат Риека во Хрватска и Голвеј во Ирска, во 2021 титулата треба да ја делат три града – романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад, а во 2022 – литванскиот Каунас и Еш во Луксембург.

Споделување со вашите пријатели: