Хороскоп: Дами, покажете ги адутите!

Хороскоп: Дами, покажете ги адутите!
Како што би рекол познатиот индиски учител Вивекананда, патот на избавувањето е секогаш индивидуален, затоа е добро да ги познаваме доблестите на својот зодијачки знак. Тајната на личноста лежи во умешноста на преобразување на мааните во доблест и на слабостите во сила, затоа погледнете кои особини го красат вашиот знак и искористете ги во постигнувањето на своите цели и самореализацијата.

Без оглед на еднаквоста на половите, во овој свет сѐуште владеат мажите, затоа жени, девојки и мајки, погледнете како астрологијата може да ви помогне да напредувате, користејќи ги своите адути.

Припадниците на огнените знаци се познати по својот силен темперамент, земјените по практичноста, воздушните по својата комуникативност, а водените по својата емотивност.

ОВЕН: Брз и динамичен знак, кој е речиси секогаш во движење и некаква активност, понекогаш овие личности знаат да превземат повеќе задачи отколку што се спремни да поднесат. Бидејќи сакаат предизвици, динамични се и се храбри, тие скоро и да не знаат да кажат ``Не!``, па затоа неретко се впуштаат во преобемни проекти, потпирајќи се на својата храброст и дарба за преживување. Жените во овој знак имаат кураж, тие не се устручуваат да ја изразат својата љубов и самите да поканат некој на состанок. Контактираат и привлекуваат многу мажи со својот шарм, а сакаат луѓе кои се независни, слободни и храбри колку и тие самите. Добро е да поработат врз слабите точки, а кои се нетрпеливоста, себичноста и непромисленоста. Повлечете се некогаш.

БИК: Личностите родени во овој сензуален знак се сосема спротивни од првиот: тие се бавни, издржливи, темелни и лојални, имаат топло срце и многу љубов, која едвај чекаат да им ја дадат на оние кои ќе ја заслужат нивната доверба. Тие имаат јасно зацртани планови, до кои се држат трпеливо и од кои тешко отстапуваат, а упорноста и тврдоглавоста го красат овој втор пролетен знак. Така и карактерот на овие жени е склон кон практичност, тие се интелигентни, но попустливи и бидејќи немаат потреба тоа да го докажуваат, со задоволство ќе им ја препуштат предноста и пофалбите на останатите. Иако работат повеќе во втор план, секогаш се со јасна цел, а во животот им е потребен мир и рамнотежа. Нивните слаби точки се алчноста, мрзеливоста и нефлексибилноста.

БЛИЗНАЦИ: Лесен и брз знак, полн со младешки ентузијазам и разиграност, ова се луѓе кои ќе ги препознаете по нивната голема комуникативност, мобилност и прилагодливост. Кај овој знак е нагласена духовитоста и младешкиот изглед, а познати се и по тоа што ги знаат сите актуелни случувања, како и многу шеги. Така и жените во овој знак имаат вроден шарм, уметнички и ораторски способности, како и вишок на енергија, поради која што не умеат да се скрасат на едно место. Во љубовта се сензуални и весели, но некогаш превртливи и дволични, сѐ додека не најдат некој кој ќе ги стабилизира со јачината на својот карактер. Затоа е добро да внимаваат на недоследноста, анксиозноста, склоноста кон оговарање, како и на нервозата и површноста.

РАК: Првиот летен знак го красат мајчински емоции, рецептивност, силно чувство за домот и местото каде што се родени, како и интуицијата и сочувство. Нивната најголема доблест е проникнувањето во туѓите чувства, како и имањето слух за туѓите потреби. Истовремено можат да анализираат, сочувствуваат, да се грижат, но и да го променат расположението, да бидат бесни или да советуваат. Овие жени се олицетворение на женственост, мекост, нежност, а нивната маштовитост знае да им приреди убави изненадувања на луѓето кои што ги сакаат. Одлични пријателки, кои секогаш ќе најдат време за вас, како и пожртвувани сестри и мајки. Потребен им е партнер кој што знае да ги изрази емоциите, а треба да внимаваат на носталгијата и променливоста.

ЛАВ: Личностите роден во овој знак блескаат со посебна светлина и се однесуваат широкоградо и добродушно, секогаш знаат да ги поддржат другите и се отворени за нови идеи. Сакаат добро друштво, како и да бидат во центарот на вниманието, имаат силно експресивна страна и не е чудо што во овој знак се родени луѓе со театарски склоности. Иако се чини дека нивната наколнетост е променлива, сепак овие жени се силно лојални и верни, особено ако сметаат дека тоа е вистинскиот човек за нив. Имаат силно харизматична личност и се познати по својата насмевка по кои се истакнуваат меѓу другите жени, а потребни им се партнери кои ќе можат да ја издигнат својата личност на повисоко ниво. Внимавајте на склоноста кон шефување и попување.

ДЕВИЦА: Ова е знак кој го краси голема интелигенција, логика, педантност, скромност, како и срамежливост и воздржаност, а познати се и по тоа што се сигурни, практични и аналитични. Заинтересирани за диети, здрави навики и служба, може да претераат во анализата и да останат парализирани и немоќни да дојдат до решение. Жените во овој знак се во состојба да воочат детали кои останатите не ги нѝ гледаат и имаат нагон да ги исправаат или коригираат другите во нивните обиди. Затоа е добро да внимаваат и да не ја преоѓаат линијата која што би можела да се нарече критика, без оглед дали нивните намери се со добра позадина или не. Потребни им се нежни партнери кои ќе ја омекнат нивната склоност кон перфекција.

ВАГА: Припадниците на овој софистициран знак имаат одлично чувство за друштвените потреби и односите со луѓе, бидејќи се родени дипломати и знаат да го наметнат своето мислење без никој да забележи. Со убави манири, шарматни и проникливи, ретко ќе ги затечете осамени, а покрај нив е секогаш  широк круг на познати луѓе, со кои ги споделуваат своите идеи. Жените во овој знак се пријатни соговорнички, знаат да ве сослушаат да ви дадат совет, но се прилично неодлучни, особено ако станува збор за некој груб тип на човек. Тие сакаат нивните љубени да имаат убави манири, да се културни и еманципирани, а во љубовните односи сакаат да доминираат, иако тоа не го признаваат. Добро е да внимаваат на наивноста и неодлучноста.

СКОРПИЈА: Овој знак го красат силни и комплексни емоции, голема ментална енергија, како и моќен нагон за трансформација. Знаат да вложат огромна енергија во работите што ги сакаат и тежнеат кон апсолутна љубов и верност. Иако на прв поглед делуваат ладно или одбивно, тие се всушност многу кревки и ќе ја покажат својата помека страна само на оние кои ја заслужиле нивната доверба. Затоа и жените од овој знак делуваат мистериозно, но еротски привлечно, имаат воља да им помогнат на другите и знаат да се дадат целосно на оние кои ги поддржуваат. Во сѐ вложуваат огромна страст и силна посветеност, но маана им е што понекогаш се однесуваат компулсивно и опсесивно доколку не го добијат саканото. Потребни им се партнери кои ќе ги приземјат.

СТРЕЛЕЦ: Ова е знак кој важи за голем ентузијаст, оптимист, како и пријател - тие би сакале сите да бидат среќни и весели, а на животот да имаат филозофска перспектива. Сакаат да учат, патуваат и разменуваат искуства со личности од други култури и се секогаш спремни да му се најдат на пријател во невоља и да помогнат, ако ништо повеќе, барем со совет. Така и жените во овој знак имаат смисол за хумор и се искрени и директни. Вљубени во природата и спортот, тие сакаат да откриваат нови простори, а тоа важи и за љубовта, во кои важат за големи заводнички. За припадничките на овој знак може да се каже дека се вечни девојки, на кои им се потребни возбудливи авантуристи, но треба да внимаваат на слепиот ентузијазам и станат неодговорни и несовесни.

ЈАРЕЦ: Кај овој знак е нагласена амбицијата и тие уште од рани нозе се фокусирани единствено на својата цел, без оглед колку високо треба да се качат за да ја постигнат. Сериозни, дисциплинирани и практични, ова се луѓе кои можат да се носат со повеќе одговорности, бидејќи се разумни, искалкулирани, јасни и интелигнетни и сите ги сакаат во своето друштво. Така и жените во овој знак целат да постигнат повисок општествен статус, не се плашат да засукаат ракави и да застанат рамо до рамо во работа со мажите и се неверојатно упорни и трезвени. Затоа се барани како советници бидејќи се спремни за големи жртви и посветување, а потребни им се партнери кои ќе им помогнат да ја продлабочат чувствителноста. Без песимизам и сомничавост.

ВОДОЛИЈА: Ова е знак кој важи за голем хуманист, прогресивен во своите размислувања, има дружељубива и алтруистичка природа, па затоа често пати е баран како советник или како другар, поради својот необичен хумор. Важат за прекрасни пријатели и секогаш се со големо друштво, но тие обично избираат еден или двајца, во кои имаат голема доверба. Така и жените во овој знак имаат мноштво на нови идеи, праведни се и лојални, а во љубовта им е потребен партнер кој ќе им даде неограничена слобода. Секако тие знаат добро да го ценат тоа. Од партнерот бараат да не им го нарушува нивниот личен интегритет, а треба да внимаваат на непредвидливоста, ексцентричноста, нечувствителноста при справувањето со проблемите, како и бегањето од нив.

РИБИ: И последниот зодијачки знак важи за голем романтичар, сонувач и метафизичар, но и идеалист, емотивец и мечтател. Меки и со нежна физичка конституција, овие луѓе љубат да љубат и да бидат заљубени во секое време и пригода - таква е нивната природа. Ранливи, имагинативни и заинтересирани за други светови, тие не се плашат да истапат во нејасното и непознатото. Така и жените од овој знак се склони да ги романтизираат нештата, да веруваат во други димензии на постоење и да се даваат несебично и добродушно во интимната сфера. Ретко имаат лоши намери, а луѓето обично ги сакаат поради нивната добродушна природа и необични соништа и визии. Потребни им се партнери кои ќе ги подржат во нивната истрајност и во физичката реалност.

 

Ирена Танчева

 

АСТРОЛАБ

 

[email protected]

Споделување со вашите пријатели: