Прогресивниот данок оценет како најлош потег на Владата

Прогресивниот данок оценет како најлош потег на Владата
Најавена како пресвртна, 2018 година на економски план почна со големи надежи и очекувања за раст од над 3 отсто. Уште во првите неколку месеци се виде дека капиталните инвестиции, посебно инфраструктурните, ќе потфрлат. Извозот колку-толку ја поправи економската слика. На крај на годината, една сабота во ноември, Владата соопшти дека од јануари ќе стартува скалестото оданочување на личните приходи. Многумина ова го сметаат за најлош потег во втората година на владата на Зоран Заев. Еве неколку видувања за тоа кои беа најлошите, а кои најдобрите потези во 2018 и која е пораката за политичарите во 2019 година:

 „Фајнанс тинк“, Институт за економски истражувања и политики

Добар економски потег во 2018 беше намерата на Владата за целосна транспарентност во водењето на економските политики, и особено околу тоа како се трошат народните пари. Иако можеме да останеме делумно незадоволни за потребите за кои се алоцираат буџетски расходи, сепак потегот за поголема отчетност во тој поглед е добар. Во истиот дух, транспарентноста околу трошењето на средства за политиката на привлекување странски инвестиции придонесе за подобро поставување на оваа политика, со јасни бенефиции кои им следуваат на компаниите - и странските и домашните - кога тие инвестираат во нов или проширување на постојниот капацитет. Во социјалната сфера, нашите истражувања покажаа дека порастот на минималната плата е позитивен и оправдан потег бидејќи позитивно влијаел на животниот стандард на примателите, а не предизвикал негативни ефекти врз вработеноста. Сепак, и самата студија укажа дека просторот за понатамошен пораст на минималната плата е многу ограничен, односно би предизвикал негативни ефекти.

Најлош економски потег го оценуваме всушност отсуството на поконкретен потег да се стабилизираат економските очекувања и бизнисите и граѓаните да живеат во поизвесно економско окружување. На пример, неизвесноста околу курсот на фискалната политика постоеше целата година, особено сврзано со прашањата на воведувањето на прогресивниот данок. Потоа, во други сфери, некои решенија се соопштуваа без да се земе во целост предвид консултативен процес со засегнатите страни.

Она што е потребно за 2019 година е стабилизација на економските очекувања, промоција на извесност во правното и економското окружување и зајакнување на кредибилитетот на институциите. Едноставно кажано, ќе биде добро ако 2019 година биде година без нагли потези во економијата.

Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија

Како најзначајна придобивка од социјалниот дијалог во текот на 2018 година, за Сојузот на синдикатите на Македонија е зголемувањето на минималната плата. Сметаме дека тоа ќе придонесе за подобрување на материјалната состојба на најниско платените работници и ќе биде поттик за зголемување на платата на сите други работници. За поздравување е и првата средба на претставници на ССМ и Владата на РМ одржана на 22.11.2018 година на која се дискутираше за прашањата поврзани со унапредување на правата на работниците, за драфт-верзијата на новиот Закон за работните односи и вклученоста на синдикатите при подготовка на истиот, за функционирањето на трипартитниот социјален дијалог, за зголемување на платите, за колективното преговарање и склучувањето на колективни договори за јавниот и приватниот сектор, за најавената реформа во јавната администрација. Беше договорено повторно да се воспостави праксата на одржување на редовни средби помеѓу ССМ и Владата на Република Македонија, кои се од исклучително значење за унапредување на социјалниот дијалог со оглед на тоа што се отвора можност сите прашања со кои се засегнати работниците и синдикатите да бидат пренесени и дискутирани директно со членовите на Владата на Република Македонија.

Како негативен потег на Владата го издвојуваме неприфаќањето на нашиот предлог минималната плата да не се условува со институтот - нормиран учинок за кој ССМ се залагаше при донесувањето на измените на Законот за минимална плата. Поради тоа, по донесување на измените на законот, ССМ покрената пред Уставниот суд иницијатива за оценка на уставноста на одредбите во кои е наведено дека работодавачот е должен да му исплати на работникот најнизок месечен износ на основна плата која според законските одредби не зависи само од извршената работа во полно работно време, туку и од исполнет нормиран учинок, кој го утврдува работодавачот во рамки на своите дејности во процесот на работење и дејствување. Со интервенцијата на Уставниот суд се овозможи правна сигурност во примената на Законот за минимална плата и исплата на минималната плата за сите работници во РМ.

Приоритетна цел за 2019 година ќе биде завршување на процесот на донесување нов закон за работните односи со кој ќе се унапредат правата на работниците и потпишување на општ колективен договор за јавниот сектор и приватниот сектор со што ќе се обезбедат правата од работен однос за сите работници без дискриминација.

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија

Еден од подобрите потези, кој се надеваме ќе се реализираат во 2019 година, беше тоа што кај капиталните инвестиции беше направен голем исчекор во разрешувањето на проблемите од типот на експропријација, решавање на технолошка документација, средување на проблематични прашања за инфраструктурата, за да може да се каже дека тоа ќе биде правиот план за економски раст. Го издвојувам економски раст од економски развој, веројатно пиар-тимот ги измешал термините бидејќи економскиот раст треба да се базира врз целокупно функционирање на социо-економските прашања во државата, од типот на здравје, образование, потрошувачка, инвестиции, поттикнување на претприемништво. Ќе видиме дали тоа ќе го реализираат квалитетно во 2019 година. Од друга страна, самите економски показатели се умерени, не може да се каже дека се фантастично добри, можеби Владата се надевала на поголем економски раст, но резултатот е тој.

Во креирање економска политика треба да се има на ум и водењето на политиката во државата. Турбуленциите и неконзистентните политички одлуки имаа лош одраз во економијата. Има многу шпекулативно чекање кај бизнисот во однос на економијата, за нови инвестиции, во односите меѓу доверителите и набавувачите и воопшто кај сите релации во економијата. Од друга страна, како надополнување на кажаното, лош потег беше неадекватната транспарентна и социо-економска дебата во врска со даночната реформа. Изговорот дека тоа го имала СДСМ во изборната програма, а потоа е влезено и во програмата на Владата е лош и неумесен став кој директно влијае и на бизнис-заедницата и на граѓаните. За одбележување е и лошото креирање проценки во тимот на Владата, зборувам за економскиот тим кој го советува вицепремиерот и премиерот, во однос на тоа како ќе се одразат овие потези. Луѓето кои имаат поголеми приходи ќе користат „Пејпал“ во другите земји и нерезидентни сметки, затоа што нарушена им е менталната бариера. Можеби парите на богатите не им се проблем, меѓутоа нарушена е менталната бариера и лимитот на кој очекуваат дека ќе бидат оданочени. Тука се и проблемите со владеењето на правото, колку и да изгледа како клише, флоскула, меѓутоа повторно се случува. Во континуитет, последниве три-четири месеци го нарушуваат дури и спокојството, мирот дури и желбата за правичност и правдина која ја очекувавме како бизнис заедница повеќе години, што влијае на економската состојба. Еден потег кој нам ни предизвикува сомнежи, е дека и годинава буџетот е покачен до 3,7 милијарди евра, а за да реализираат тие пари не е сменет законот за јавни набавки. Повторно преовладува размислување дека начинот на спроведување на јавните набавки и капиталните инвестиции ќе биде по теркот на минатото време.

На политичарите, во 2019 им порачувам - ако сакаат да се занимаваат со политика тогаш нека го прават тоа, а не да влезат во политика заради бизнис.

 Ангел Димитров, Организација на работодавачи

Потпишувањето на договорот со Грција не е само најдобар туку и најхрабар потег што оваа влада го одиграла и кој е многу важен. Добар економски потег е да се изедначат домашните и странските инвеститори бидејќи тоа беше голема неправда кон домашните инвеститори. Лош потег е што предвидената помош за стопанството во поглед на минималната плата и за повисоките плати, не се реализираше така како што Владата на почетокот планираше. Владата најави дека за трудоинтензивните дејности ќе издвои 6 милиони евра а на крајот заврши со помалку од 200.000 евра за помош.

Како што Владата покажаа храброст во решавањето на политичкиот спор со Грција, во 2019 година да покаже иста таква храброст за решавање на домашните проблеми – намалување на државна администрација, реформи во образование, во здравство, во правниот систем. Да не калкулира многу со политички математики.

Марјан Николов, Центар за економски анализи

Најлош потег за 2018 е необмисленото, набрзина и без соодветна проценка на влијание, носење на Закон за личен доход.

За 2019 година им посакувам да престанат да не реформираат, да не носат нови измени и нови политики туку она што го зацртале посветено да го исполнат со помалку корупција и повисока ефикасност во трошењето на парите на даночните обврзници.

Анита Салтировска

 

Споделување со вашите пријатели: