Новогодишен разговор со „Дупер“: Празниците ќе ги славиме дома

Новогодишен разговор со „Дупер“: Празниците ќе ги славиме дома
Мартина, Борис и Илчо одекнаа на домашната поп-сцена под името „Дупер“ и на многумина им станаа љубов на прво слушање. Заразниот ритам на нивната прва издадена песна „Не сум твој тип“ им донесе над еден и пол милион прегледи на Јутјуб. Речиси и да нема човек што не знае да ја отпее целата песна. Одличен одѕив имаа и за втората „Тело за на ТВ“. На нашата домашна музичка сцена е реткост некој артист да стартува кариера со ваква силна поддршка и од публиката и од колегите. Бидејќи бендот „Дупер“ е вистинско освежување на македонската поп-сцена, одлучивме годинава да ја завршиме токму со овој бенд и да дознаеме повеќе за идните планови на неговите членови.

Минатава година ви беше навистина наклонета. Кои моменти најмногу ќе ги паметите, што ви остави најголем впечаток?

Борис: Дефинитивно првиот и вториот настап, првпат кога ја чувме „Не сум твој тип“ во „Хавана“, промоцијата на првиот сингл, првпат кога нè познаа на улица.

Покажавте дека може да ги соберете симпатиите од сите возрасти и со само две издадени песни да полните концерти. Колкава е одговорноста?

Илчо: Јас лично многу ѝ се радувам на најмладата публика. Нивните реакции се најискрени, тие вистински ја чувствуваат енергијата на музиката. Чувствувам одговорност, но тоа не ме лимитира во правењето музика.

Имавте два настапа во живо, во рамките на фестивали што се одржуваа во МКЦ. Забележливо беше присуството на луѓе што се дојдени само поради вашиот настап, што значи дека уште сега можете да направите соло-концерт. Какви се плановите во овој правец?

Мартина: Никаде не се брзаме, но целиме кон тоа. Многу ни значи што луѓе доаѓаат и нè поддржуваат. Секако, сето ова го правиме за наше и нивно задоволство.

Добивте голема поддршка и од колегите музичари, колку ви значи тоа?

Борис: Убаво е да се почувствува поддршка од секого. Она што искрено нè радува е што македонската музичка сцена се држи заедно. Се надеваме дека тоа така и ќе продолжи.

На сцена оставате впечаток дека секој има своја улога, на пример Илчо е оној најсериозниот или најодговорниот, Мартина е шефицата од заднина, а Борис е задолжен за лудото танцување. Какви се улогите надвор од очите на јавноста?

Илчо: Добро се познаваме и знаеме како да си ги поделиме одговорностите и улогите. Се стимулираме еден со друг за да постои некој генерален баланс. Немаме конкретни улоги, но секој придонесува на различен начин...

Кои се вашите скриени таленти за кои не знаеме? Хоби, спортување?

Сите: Возење точак, цртање, играње фудбал, гледање фудбал, литература...

Важите за вљубеници во Скопје и не би го менувале за ниту еден друг град. Да ја имате функцијата градоначалник, што прво би промениле/подобриле?

Мартина: Зеленило, зеленило, зеленило. Ветер. Велосипедски патеки, маалски живот...

Ви се случила ли некоја интересна ситуација на улица, сега откако ве препознаваат луѓето?

Сите: Имало многу ситуации, но не би можеле да издвоиме една. Сите ни се мили.

Потпишавте со „Авалон продукција“, дали тоа значи дека во скоро време ќе излезе и првиот албум?

Сите: Дефинитивно, сè во свое време. Како и да е, ставени сме во полн погон и работиме на случајот.

Каде ги поминувате празниците и колку ви значат? Каде ќе ја славите Новата година?

Во домашна атмосфера. А инаку се водиме по мотото „Кај и да си, за Божиќ дома да си“.

Што посакувате во 2019?

Илчо: Да бидеме среќни, за да можеме да ги правиме и другите среќни.

 

Ивана Настеска

фото: Приватна архива

 

Споделување со вашите пријатели: