Сите наши надежни историски години

Сите наши надежни историски години
Ерол Ризаов

Политиката со голема леснотија секоја наредна година ја прогласува за историска, а секоја измината за многу тешка. Тоа е најдобриот начин очекувањата на граѓаните за подобар живот да се држат на високо ниво, а оправдувањата се одличен изговор за неуспешната и залудно загубена измината година, а во нашиот случај и изгубена деценија на клептократија и тиранија. Потрошена е во исчекување една цела ера која трае 27 години. Остана само надежта. Таа и натаму е најголемиот сојузник на ветувачите за убава иднина, но и наша терапија. Човек без надеж е најтешката пресуда која најчесто ја донесуваме сами.

Некои велат дека надежта последна умира, други дека таа никогаш не умира, но во секој случај се работи за човечка особина, која е опоен олеснувач за долгите исчекувања, но и за ненадејните опасности со кои се соочуваме, дури и кога луѓето ги препознаваат лажните надежи и кога резултатот е поразителен. Истиот тој трагичен миг се раѓаат нови надежи.

Така живееме со децении во надеж дека ќе нè огрее сонце, ќе се збогуваме од бедата и сиромаштијата, ќе се збогуваме од опасноста за опстанок на нашата кутра држава, дека нè очекува остварување на нашиот сон Македонија да биде стокмена со сите нишани кои означуваат просперитетна, чиста и убава држава на среќни луѓе на нашите поколенија. Прогнозите на статистичарите дека ако и натаму одиме напред-назад како досега, со ова темпо, потребни ни се 70 години да стасаме до просекот на земјите членки на ЕУ колку и да се точни не ги уриваат надежите дека тој пат може да се скрати. Не ги попречува очекувањата ниту поразителниот факт дека изминатите 27 години на независност и „самостојност“ беа децении на изневерени надежи кога Македонија не ја оправда ниту независноста ниту слободата.

Уште живееме во поголем страв и неизвесност отколку пред 28 години. Македонските политичари, интелектуални и деловни елити не ги забрзаа историските процеси. Не е остварена ниту една стратегиска цел на државата и на граѓаните. Сиромаштијата е поголема, а квалитетот на животот е полош гледано според сите универзални критериуми на ОН кои означуваат добар живот почнувајќи од стандардот на населението, здравствената заштита, еднаквите шанси за добро образование, заштита на човековата околина, па до должината на човековиот живот и сите други критериуми кои означуваат убав и среќен живот. Не се остварени ниту целите на општествено-политичкиот развој, ниту елементарните мерила на вистинска парламентарна демократија, ниту владеењето на правото, медиумската независност и слобода економските реформи. Сè уште сме жртви на наездата на национализмот, шовинизмот, примитивизмот и провинцијализмот, лажниот патриотизам, популизмот, криминалот и корупцијата, кои заслепуваат толку многу што не можат да се препознаат вистинските и државни интереси. Членството во ЕУ и во НАТО не е прифатено во вистинската смисла на вредности за чие остварување мораме да платиме одредена цена. Европеизацијата не е членство за влез во рајот туку тоа е просветна, културна и економска револуција која ја одредува иднината и ја отстранува опасноста од исчезнување. Тоа е макотрпна и повеќедецениска работа на повеќе генерации која допрва треба да се одработи.

Сега, кога првпат по АВНОЈ и АСНОМ ја имаме најголемата историска шанса, благодарение на глобалните интереси на велесилите и на ЕУ, во Македонија се одвиваат чудовиштни ретроградни процеси да се попречи иднината која е сведена на фарса од демократско изјаснување на уште двајца, пет или десет луѓе кои треба притиснат на собраниско копче и да ја одредат судбината на државата и два милиони (иако никој со сигурност не знае колку граѓани останале да живеат во татковината).

Неизмерливи се количествата на лицемерство и лаги дека се можни подобри решенија, дека плаќаме превисока цена, дека го уриваме суверенитетот и независноста, дека потпишуваме капитулација, предавство на националните интереси, дека го бришеме идентитетот, јазикот, минатото...

Ова го проповедаат претседателот на државата и јавни личности на одговорни позиции во државата, во владата, во парламентот, во опозицијата. Претседателот на државата Ѓорге Иванов зборува како божји пратеник на земјата, изигрува национален праведник и спасител, а го крши флагрантно Уставот. Премиерот Зоран Заев како проповедник во црква бара помирување, простување и помилување на грешници. Неговите албански партнери со кои ја дели власта бараат промени на уставот потешки од компромисите со Грција. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој до вчера бараше целосна амнестија на сите учесници во обидот за државен удар во парламентот и укинување на Специјалното обвинителство, кое ги гони криминалците во врвот на неговата партија, што е најголемо достигнување во обидите да се воспостави правен поредок, денеска без срам и перде е најголем поборник на владеење на правото. Мицкоски како да стасал од друга планета зборува за борба против криминалот и корупцијата, за правда, за сиромаштија и ветува подобар договор со Грција како да е светец. Делителите на правдата судии и обвинители креваат раменици и меѓу себе се обвинуваат како да пресудат и кого да амнестираат според конфузен закон. Многу им е тешко кога сами одлучуваат без нарачка од политиката. Има и една чудна логистика која удира таламбаси од типот - а што ви кажав јас.

Да ме слушавте навреме, сега ќе беа завршени сите работи. А, никој ниту слушнал ниту видел некаде нивни предлог или заложба за да се реши и најмал проблем. Тие бараат само да ушиќарат нешто.

А, што бараме ние. Идиотски како малоумници фаќаме страна на бездарници, на луѓе што сме ги избрале и што ги плаќаме да си ја завршат работата. Наместо да им кажеме - престанете секој ден да нè плашите, да нè избезумувате со глупости. Ги имате на располагање сите механизми за управување со државата да ги решите стратегиските интереси и државни приоритети. Завршете ги вашите обврски за што сте избрани. Однесете ја Македонија каде што припаѓа - во европското семејство.

Во 2019 година, ако не се потврди членството во НАТО и ако не почнат преговорите со ЕУ, ќе нема амнестија за никој. Ни за власта, ни за опозицијата, ни за граѓаните, ни за државата. Седум до десет години преговори со ЕУ се клучната работа. Ќе има многу работа за две-три влади и сите институции на системот. Прифаќањето на уставните измени и на компромисниот договор со Грција е само почеток без кој нема иднина оти сè друго е погрешна насока.

Споделување со вашите пријатели: