Претставата „Мојата ти“ вечерва премиерно во кумановскиот театар

Претставата „Мојата ти“ вечерва премиерно во кумановскиот театар
Претставата „Мојата ти“ по текст на Олга Димитријевиќ и во режија на Драгана Милошевски Попова вечерва премиерно ќе биде изведена во кумановскиот театар.

– Во „Мојата ти“ се среќаваме со повеќе теми, кои лирски се среќаваат со староста, слободата, осаменоста, фаворизирањето на младоста и сите помагатели кои таа ги носи. Се преиспитуваме низ ликовите на различните жени и од сопствената визура, вели режисерката Милошевски Попова.

Ова е нејзина трета соработка со кумановскиот тетатар.

Во „Мојата ти“ играат, Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Сања Русеска, Марко Трајковиќ и Владанка Димковска.

Продуцентката во кумановскиот театар Симона Тоскиќ, вели дека ова е еден од четирите проекти поддржани од Министерството за култура годинава.

– Прв реализиран проект на македонски јазик беше „Физика на тагата“ по текст на Георги Господинов, во режија на Милош Б. Андоновски, а во меѓувреме беа реализирани и една комедија „Мани, мани, мани“ по Реј Куни, во режија на Бојана Краљевска и Горан Илиќ, една ко-продукција „Драга Јелена Сергеевна“ во режија на Кети Дончевска Илиќ, како и два текста на албански јазик, изјави Тоскиќ.

Во јануари на репертоарот на Театар Куманово публиката ќе може да ги проследи „На погрешно место, во погрешно време“, „Драга Јелена Сергеевна“, „Физика на тагата“, „Јованче и Марика“, „Мани, мани, мани“, „Ни ваму, ни таму“ – на албански јазик, „Жена од минатото“ како и репризните изданија на „Мојата ти“.

Споделување со вашите пријатели: