Подобро контроверзен крај отколку контроверзи без крај

Подобро контроверзен крај отколку контроверзи без крај
Тешко е да се оцени што беше пофрустрирачко вчера попладне во собраниската сала: пораките што претседателот Ѓорге Иванов им ги испрати, главно, на владејачките претставници од СДСМ, со оглед на тоа што ДУИ и годинава го бојкотираше неговото обраќање, или атмосферата на граница на скандал што владееше во текот на последниот претседателски говор на Иванов пред македонскиот парламент.

Тоа што шефот на државата беше приморан да го прекинува својот говор за, со забелешки од типот „соберете си ги фрустрациите“, да ги смирува пратениците од мнозинството кои му дофрлаа и довикуваа, всушност беше подоброто сценарио за него. Со оглед на постапките на Иванов, посебно во однос на СДСМ во речиси сите десет години откако дојде на функцијата, а особено пред и по смената на власта во 2017 година, реална беше можноста неговото „проштално“ обраќање да се реализира пред само четириесетина пратеници колку што останаа во политичкиот табор на ВМРО-ДПМНЕ. И чиј аплауз на крајот на седницата не го избриша впечатокот дека, за цела една деценија, Иванов не успеа да се наметне како претседател на сите граѓани, туку дека заминува од резиденцијата на Водно како бранител единствено на политичката опција што во два наврати го етаблираше на формално највисоката позиција во државата.

Дел од критиките што тој ги упати вчера на адреса на владејачкото мнозинство, можеби, ќе држеа вода и ќе беа сфатени како искрени, доколку Иванов уште од самиот претседателски старт во 2009 година или барем нешто подоцна негуваше сличен пристап и во однос на претходната гарнитура на власт и доколку во неговиот втор мандат не се промовираше како кочничар на процесите – прво за надминување на големата политичка криза, потоа за конституирање на новата влада по изборите во 2016 година, а оттогаш и за остварување на евроатлантските перспективи на државата.

Доколку Иванов своевремено не ја донесеше контроверзната одлука за колективна аболиција за аферата со прислушувањето и ако имињата на негови советници не се спомнуваа во контекст на настаните на 27 април, сега можеби ќе беше сфатена сериозно неговата забелешка дека со најновите „амнестии“ се уриваат принципите на правната држава. Ако по избувнувањето на политичката криза во земјава Иванов не ги штитеше посочените сценаристи на масовното прислушување, овојпат можеби ќе беа разбрани како релевантни неговите тврдења дека бил цел на закани, навреди и понижувања, како и дека бил следен врз основа на усна наредба. Да не ја опструираше пред една и пол година смената на власта на „Илинденска“ и да не бараше гаранции за заштита од измислената „Тиранска платформа“, како што измисли подоцна и „џебно вето“ за законите за јазиците и за ратификација на Преспанскиот договор и како што од позиција на „татко на нацијата“ го бојкотираше референдумот за името, сега, можеби, ќе имаа поголема тежина неговите оценки дека народот го одбранил името на државата и дека целосната двојазичност ќе предизвика и целосна блокада на институциите.

Доколку шефот на државата, во последните две години имаше волја да придонесе за нормална кохабитација меѓу двата лоста на извршната власт во земјава и доколку во собраниските архиви не се чуваа неговите претходни обраќања во периодот 2009-2015 година, кога најчесто се држеше настрана од каква било критика на потезите на тогашната власт и острицата ја насочуваше кон опозицијата, неговиот вчерашен говор, можеби, ќе беше вреднуван како легитимен и објективен. И најдолговечниот досега македонски претседател немаше да се најде во ситуација да се довикува од собраниската говорница со пратениците од средната редица.

Иванов не ја искористи шансата што му беше пружена уште во далечната 2009 година, кога тогашната опозиција првпат по претседателски избори во земјава го призна легитимитетот на избраниот претседател и почна да учествува на седиците на кои тој им се обраќаше на пратениците. Неможноста во годините потоа да покаже политички интегритет и да се одлепи од сенката на политичката врхушка што му ја даде довербата да ја води државата, како и често декларираната нетрпеливост кон меѓународната заедница и неретките изливи на конзервативизам и национализам му се вратија како бумеранг на Иванов. На само пет месеци пред завршувањето на неговата претседателска кариера тој говореше во собраниска сала во која опозицијата, практично, беше приморана да му аплаудира за да го замаскира отсуството на претставници од албанскиот камп и да ги задуши дофрлањата на пратениците од власта. Тие, сепак се појавија во салата, заедно со премиерот и со уште неколкумина министри – веројатно во духот на кохабитацијата – во чии води не умееше или не сакаше да плива Иванов. Затоа и неговото збогување со парламентот беше во најмала рака контроверзно. На неговите политички опоненти од различни политички и општествени табори, што со текот на годините стануваа се побројни, пак, може да им биде утеха дека е подобар ваков контроверзен крај на една политичка кариера, отколку контроверзи без крај - со оглед на тоа што Иванов веќе во мај заминува од претседателската функција.

Александра М.Митевска

Споделување со вашите пријатели: