Изложба на Петре Николоски во Чифте амам

Изложба на Петре Николоски во Чифте амам
Изложбата на Петре Николоски насловена „Бесконечност (Infinity)“ вечерва, во 19 часот во Чифте амам, е завршна манифестација на чествувањето на 70 години од постоењето  на Националната галерија на Македонија.

Изложбата на Николоски се состои од повеќе мултимедијални дела и инсталации, кои се во најголем број изработени специјално и исклучиво во контекст на архитектонскиот и идеолошко – дискурзивен наратив на/зад Чифте амамот. Клучни дела се обелискот од книги и бесконечната полица, кои како машки-фалусоиден принцип е поставен во женскиот дел на амамот и комплексната инсталацијата од дрвен материјал, волница и коноп, кои обликуваат специфична, топла, вмрежена инсталација во облик на „утерус“, како симбол на женскиот принцип, позициониран во машкиот дел од амамот.

Првиот клучен објект – обелискот, како и бесконечната полица, се обликувани од книги кои беа набавени со алтруистички придонес на институции, издавачки куќи и индивидуалци, со што скулптуралното дело е обликувано со нетрадиционален скулпторски материјал. Авторот тежнее кон мултидисциплинарност, поместувајќи ги границите на класичната ликовна форма, имплементирајќи ја книжевноста и литературата, проширувајќи го кругот на публиката и иницирајќи ја соработката помеѓу институциите од различен профил.

Другата инсталација пак, која е конципирана да го повика посетителот да влезе во самиот нејзин облик, нуди посебни и однапред зададени патишта и правци на движење, во обликовен и формален смисол, нудејќи просторно опозитна линерна трансформација на арабеската и декорациите од куполата.

Во останатиот дел од амамот ќе бидат поставени видео инсталации, колажи – објекти и други просторни инсталации.

Изложбата ќе биде достапна за јавноста до средината на февруари 2019 година, а куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос.

Споделување со вашите пријатели: