Семејство Корубин: Со љубов и добра мисла ќе ја дочекаме 2019 година

Семејство Корубин: Со љубов и добра мисла ќе ја дочекаме 2019 година
Кај и да си, за Божик кај Лиле и Рубенс да си, се шегуваат секоја година пријателите и роднините на членовите на уметничкото семејство Корубин, кои својот дом и ателје во Сарај пред Нова година го „дизајнираат“ како луксузна тоалета и го „сликаат“ како врвно уметничко дело - блескаво и светкаво. Семејството и гостите им се восхитуваат на богато накитената елка со декорации во боите на гардеробата и карминот на домаќинката Лиле и на божикната трпеза преполна со деликатеси - неизбежната мисирка, салати, пити и колачи декорирани новогодишно... И салфетите, и чиниите, и чашите имаат новогодишен шмек, се слуша новогодишна музика, смеа на возрасни и деца... Сите сакаат да се сместат на удобната софа покрај каминот кој целиот амбиент го прави топол и романтичен. Лиле, која е моден дизајнер и уметница, е исклучителна домаќинка, нонстоп се движи меѓу гостите, фотографира, ги прашува дали им е убаво, им се јавува на братот и сестрите во Канада и во Англија и ги поздравува... Рубенс, угледен академски сликар, како исклучителен домаќин е задолжен за пијалакот... И во една таква топла, романтична, семејна атмосфера и празничен дух, сите сакаат да си наздрават за уште поубава и посреќна нова 2019 година, здравје и исполнување на новогодишните желби кои не се оствариле оваа година.

Што значи Божик за вас и вашето семејство?

- Божик е денот на Христовото раѓање и христијански празник полн со симболика. Да се видиш со своите најблиски, добредојден е секој што ќе дојде да честита, да посака добро здравје, добар живот и љубов, а ние да му возвратиме со истото. Таа традиција ја негуваше мајка ми Павлина, јас ја продолжувам во моето семејство.

Тој ден ни доаѓаат фамилијата - синовите Михаил со сопругата Каролина и Дамјан со девојката Фросина и пријателите, верници или не, но сите со љубов и добра мисла во срцето. Момент кога можеби само за кратко ќе успееме да ги ставиме секојдневните проблеми настрана, да ја обновиме нашата животна енергија со истрајност и трпение и со голема животна мотивација да зачекориме во следното утро. Тоа е суштината и пораката на празникот, меѓусебното почитување и добра мисла.

Божик има уште една интимна симболика. Рубенс и јас се запознавме кај мене дома за Божик и затоа овој ден има посебно значење за нас.

Меѓу пријателите важите како исклучителна домаќинка која го собира своето друштво на божикна вечера, во новогодишен амбиент што е традиција во вашето семејство.

- Ни се допаѓа ентериерот во домот, а и во ателјето да биде ексклузивен, но не и да има крута атмосфера. Сакам кога во домот има топлина, ноншалантност, комодитет... Не би можеле да живееме во простор кој е решен како класичен салон, на пример. Во таквиот простор, иако навидум сè е перфектно, всушност ништо не функционира.

Покрај елката, масата е втората работа која ми е важна, во изборот на храната и декорацијата со божиќно гранче. Секако дека има разни деликатеси, мисирка и печено прасе, многу зеленчуци, а слатките се во духот на празникот, по вкус и декорација.

Оваа година добив на подарок повеќе видови новогодишни колачи од моите најблиски кои беа на патување во декември.

Вие и вашето семејство сте познати и по украсувањето на новогодишната елка. Која боја доминира на украсите оваа година?

- Црвената сè разбира е една од главните бои на сезонската декорација. Заедно со зелената и белата, таа ја прави традиционалната композиција на новогодишните украси. Црвената е омилена боја за многу луѓе бидејќи секогаш се истакнува во ентериерот, така што го олеснува создавањето на акценти. За да додадам малку космополитски дух, а воедно и актуелен тренд, елката ја декорирав со фенери, а декорацијата ја финиширав со еден елегантен допир, со бели пердуви кои ѝ даваат еден безвременски стил и елеганција. Во ист дух се декорирани и скалите кои водат кон галеријата. Всушност, секогаш ги користам старите лампиони и додавам нови, но декорацијата е секогаш со нова тема.

По што ќе ја паметите 2018?

- Годинава што изминува ќе ја паметиме по големи политички стресови, од еуфорија до крајна апатија, со големи надежи дека од сето ова можеби и нешто подобро ќе се случи. Во секој случај, се чувствува огромна потреба повторно да се сплотиме заедно, анимозитетот да исчезне и севкупната енергија да биде насочена кон подобра клима за работа и тоа да биде вистинскиот натпревар. Ние сме креативни и вредни луѓе и кога мислата ќе ни биде помалку оптоварена со политика, резултатите и живеачката ќе ни бидат подобри.

Што ќе си посакате во 2019?

- Во 2019 си посакуваме добро здравје и среќа на целото семејство, фамилијата и пријателите.

Лично, посакуваме успеси и на професионален план, во семејството нè чекаат реализирање на две самостојни изложби, едната на Рубенс, втората на Михаил, концерт на Каролина со Македонската филхармонија во февруари. Дамјан е зафатен со работа во „Скопје сити мол“ ( маркетинг менаџер) каде што го чека возбудлива година со големи предизвици. А јас, да продолжам успешно со работата како уредник на Divianarts, креативен сајт.

Веруваме дека надлежните ќе се потрудат да се справат со загадувањето на воздухот бидејќи други градови тоа успешно го направиле.

Повеќе разбирање и љубов меѓу луѓето, прифаќање на сите различности што постојат како неопходно богатство и сила на животот.

Лејла Сабит

Споделување со вашите пријатели: