2019 е наша година

2019 е наша година
Петар Арсовски

По сè изгледа, 2019 година ќе биде наша година. Полека, не радувајте се. 2019 ќе биде наша година, но не затоа што сè ќе ни тргне од рака, туку зашто сè ќе зависи најмногу од нас. Тоа се, сепак, во најголем дел, лоши вести.

Втората половина од 2018 година, како што впрочем констатира и Флоријан Бибер, е многу отрезнувачка по еуфоријата што го зафати регионот во првата половина од годината што е зад нас. По првичниот залет со Преспанскиот договор, со отворањето разговори помеѓу Белград и Приштина и дарежливите пораки за политичка и суштинска поддршка за евроатлантските интеграции на регионот, 2018 година изгледаше како година во која Балканот, после години жабарник, одеднаш ќе направи квантен скок нанапред и ќе реши неколку дотогаш големи проблеми и дека на „брза патека“, најмногу со политичките критериуми, ќе го фати возот за ЕУ.

Сепак, доследни на својата карма, сите земји од регионот во втората половина од 2018 година успешно ги закочија позитивните процеси. Разговорите Белград - Приштина не даваат повод за надеж дека таму набрзо ќе има сеопфатно решение, напротив, ескалацијата на реториката и потезите од двете страни повеќе наликуваат на движење наназад, кон заострени и влошени односи одошто кон трајно решение. Самите земји членки на ЕУ, најмногу Франција и Холандија, покажаа дека европроширувањето повторно е на дното на нивните агенди, дури изразувајќи сомнеж дали тоа треба да продолжи со ова темпо. Приближувањето на европските избори ги направи и другите земји повнимателни со поддршката за овој процес. Во Македонија ратификацијата за договорот од Преспа не е до крај сигурна, а и процесот во кој таа се носи остава трајно горчлив вкус, полн со непријатни и антиевропски компромиси, и не остава многу простор за еуфорија, особено што уцените со кои е врзан овој политички компромис се директно спротивни на европските вредности и реформи неопходни за почеток на преговори наредната година.

Притоа, „навлечени“ на позитивните политички сигнали, мислам дека во наредната година ќе бидеме разочарани од „пасивноста“ на Европската комисија, која ќе ја чека разврската на изборите во ЕУ. Сè на сè, мислам дека во 2019 ветерот во грб кој досега го имавме ќе го снема, а тој недостаток ние ќе треба да го надоместиме со сопствени сили. Тоа е помислата која треба да нè исплаши.

Прво, во ЕУ следуваат избори во мај 2019 година. Наредниот состав на Европскиот парламент речиси сигурно ќе биде понационалистички и популистички од овој досега, иако можно е промените кон десно да бидат помали од очекуваното, најмногу поради научените грешки од изборот на Доналд Трамп и од „Брегзит“. Но, и покрај овие трендови, составот на новиот парламент, поради десните партии и напливот на крајно десни движења, сигурно ќе биде далеку порезервиран и поскептичен околу проширувањето. Ваквите тектонски внатрешни промени можат да донесат многу сериозни промени на ова поле, дури дотаму што во наредната Комисија може да нема комесар за проширување, или, на пример, тој да биде од Унгарија. Не знам која од овие работи би била полоша за нас.

Второ, дури и ако се остане исто, проактивната поддршка, која досега ја уживавме во овој процес, ќе ја снема додека трае политичкиот расплет во ЕУ, а сè поголем дел од товарот ќе паѓа врз нас. Ние ќе треба, со интерни сили, не само да ја оправдаме довербата и позитивните сигнали од сегашната Комисија, туку да бидеме толку активни, што нашите „успеси“ ќе го победат надоаѓачкиот евроскептицизам. Сериозно имам дилема дали ние самите, без толку присутни позитивни пораки и активна поддршка од меѓународната заедница ќе успееме да го одржиме ова ниво на напредок, а камоли да оствариме подобро темпо.

На крајот, успехот во добивањето на датум за преговори за Македонија во 2019 година ќе зависи од два клучни фактори: (1) нашата интерна способност да го движиме политичкиот процес и процесот на реформи напред; и (2) политичката волја на земјите членки активно да работат на проширувањето. Овие два фактори се поврзани - ако има висока политичка волја, дури и просечно способни земји „поминуваат“, и обратно, ако нема политичка волја, треба земјата да направи некаков чудесен напредок што ќе го компензира недостатокот на политичка волја во ЕУ. Ние се наоѓаме во оваа, вторава, ситуација. Целиот труд и напор вложен во постигнувањето и ратификацијата на Преспанскиот договор може да не бидат доволни за добивање датум за почеток на преговорите во 2019. Членството во НАТО изгледа сигурно, но тоа ќе биде мала награда доколку во вториот процес, за ЕУ, бидеме разочарани.

Македонија помина една таква катарза во Букурешт 2008 година. Дојдовме до прагот на пробив и тој не се случи. Брзината со која локалната политичка сцена после тоа западна во длабок национализам, популизам и општа декаденција беше застрашувачка. Се надевам дека ова сознание ќе го држиме при срце и сега, додека ги правиме крајните напори за добар извештај за нашиот напредок, а дека при срце истото сознание ќе го имаат и оние што ќе одлучуваат за нашиот датум за неколку месеци.

Дотогаш, оставени сме сами на себе. Историски, тоа секогаш за нас било рецепт за катастрофа.

 

 

Споделување со вашите пријатели: