Есра и Исра Ќаили, новите кулинарски ѕвезди: Новогодишна магија на трпеза

Есра и Исра Ќаили, новите кулинарски ѕвезди: Новогодишна магија на трпеза
Сестрите близначки, студентките Есра и Исра Ќаили (19) од Скопје, се новите млади кулинарски ѕвезди на социјалните мрежи. Нивните јадења, кои се приготвувани со љубов и се микс од традиционалните и модерни рецепти, направија бум во јавноста. Велат, не можат да се одлучат кој од 900-те рецепти им е омилен. Ама сега е време за дарување, заблажување, повторно зближување, споделување љубов и за благодарност.

Ги пробавме некои од рецептите: Првиот залак е изненадување. Вториот залак е совршен вкус. Третиот залак е задоволство. А, сите три залаци од едно јадење се непроценливо искуство. Ни открија зошто се толку омилени во јавноста.

Од каде љубовта за готвењето?

- Љубовта за готвење е дел од нашата фамилијарна традиција која почнува од нашите баби и трае до ден денеска.

Од колку години почнавте да готвите?

- Ние почнавме да готвиме од многу мала возраст, секогаш ја гледавме мајка ни како готви и готвењето ни претставува голема љубов.

Кој ве научи да готвите?

- Кога нешто навистина сакаш, ќе научиш, секако од мајка ни и баба ни, особено традиционалните јадења. Ама почнавме да креираме и свои рецепти, иако мајка ни секогаш сака да се концентрираме повеќе на учењето. Ама секако ако сакаш можеш сè да постигнеш.

Кои рецепти најмногу сакате да ги приготвувате?

- Ние сме познати како многу традиционален народ и, се разбира, повеќе готвиме традиционални рецепти, но и има многу убави нови рецепти, па правиме миксови од сè по малку.

Кои рецепти ви се најпопуларни на Фејсбук?

- Животот е многу динамичен, а и жените се вработени, и сите гледаат да направат нешто побрзо и повкусно. Значи, брзите и вкусните јадења се најпопуларни.

Како го подготвувате менито? Во однос на сезоната или специјално за празници?

- Немаме некое специјално подготвување на менито. Рецептите што ги подготвуваме се секојдневни, ги јадеме и дома. Значи, што ни се јаде, тоа и го приготвуваме.

Кои рецепти ги препорачувате за Нова година?

- За Нова година препорачуваме за главно јадење зачинето месо печено на фурна со зеленчук, традиционалната баклава и некои колачи и убава чоколадна торта.

Што е најбитно кај рецептите? Вкусот или и изгледот?

- Се разбира, вкусот е најбитен, ние се секогаш се концентрираме на тоа. Но и изгледот е многу битен. Ние и дома кога јадеме секогаш ни е убаво сервирано на чинија, така сме пораснале и ни остана тоа како традиција.

Дали готвењето ви е хоби или занимање?

- Ние сме прва година на факултет и се разбира факултет ни е приоритет. Но не можам да кажам и дека готвењето ни е и само хоби, зашто тоа го правиме секој ден и со многу љубов.

Кој ви е омилен готвач од странските готвачи?

- Има многу професионални готвачи низ целиот свет и ние ги следиме сите, но најмногу ни се допаѓаат Арда Туркмен и Гордон Ремзи. Многу се професионални во својата работа и многу убаво објаснуваат, може секој да ги разбере.

Споделите со нашите читатели ваши омилени рецепти?

- Ние имаме повеќе од 900 рецепти и имаме многу омилени и не би можеле да издвоиме некој рецепт. Кај нас има специјален вкус што те тера да го правиш почесто, пробајте да ги направите, ќе се уверите сами. Можете да нè најдете на:

Јутјуб: „Ikizlerin mutfagi“, „Kuzhina e binjakeve 2“

Инстаграм: „Kuzhina_ebinjakeve“

Фејсбук: „Ne kuzhine me binjaket“

Лејла Сабит    Фото: Приватна архива

Споделување со вашите пријатели: