Тевдовски: Во 2018 јавниот долг e ставен под контрола

Тевдовски: Во 2018 јавниот долг e ставен под контрола
Јавниот долг е ставен под контрола, а годинава е направен сет од десет клучни реформи за подобар систем на јавни финансии, оцени денеска министерот за финансии Драган Тевдоски.

Тој посочи дека со даночната реформа ќе се обезбеди фер даночен систем и постепена фискална консолидација. Пензиската реформа ќе го стабилизира ПИОМ и ќе го намали дефицитот во Фондот, додека реформата на социјалниот систем ќе овозможи гарантиран минимален приход и подобро таргетирање на социјалните трансфери.

-Годинава имаме сет од десет клучни реформи во јавните финансии. Јавниот долг е ставен под контрола и се спроведува постепена фискална консолидација. Во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8 отсто, а денеска изнесува 48,2 отсто. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите. Годинава издадовме 30 годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто. Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг, а за следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ, рече Тевдовски на денешната средба со новинарите.

Министерот нагласи дека Владата направила и системско решение за заостанатите обврски од претходната власт.

-Прво направивме закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа пристапивме кон решавање на проблемот и голем дел од обврските се сервисирани. Направивме законски механизми кои ќе спречат натрупување на нови обврски, рече Тевдовски.

Во контекст на десетте клучни реформи, Тевдовски истакна дека системот за јавни набавки е усогласен со европските стандарди, како и дека Владата се бори против корупцијата преку мерките за спречување перење пари. Тој посочи дека се воведени алатки како претпополнета годишна пријава и други мерки кои ги олеснуваат постапките за граѓаните и фирмите.

Министерот рече дека континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии.

Според Тевдовски, економијата годинава ја одбележаа растот на платите, намалувањето на невработеноста, како и враќањето на довербата кај инвеститорите.

-Платите заклучно отктомври пораснаа за 5,7 отсто. Невработеноста е значајно намалена и се приближува до 20 отсто. Отворени се над 14 илјади нови работни места. Странските директни инвестиции се значително повисоки во однос на минатата година. Индустриското производство во континуитет забележува добри резултати, додека извозот има двоцифрен раст, потенцира Тевдовски.

Во Буџетот за 2019 година, додаде, се предвидени покачување на платите во здравството, образованието, најмногу средства досега за активните мерки за вработување, повеќе средства за поддршка на претпријатијата, средства за крупни инфраструктурни проекти.

Тој во 2019 година очекува резултати од реформите преземени во 2018 година, односно платите да растат, невработеноста да се намалува, инвестициите да се зголемуваат, а јавниот долг да остане на контролирано ниво.

Споделување со вашите пријатели: