Тома Димовски преку 22 уметнички дела го претстави „невидливото“

Тома Димовски преку 22 уметнички дела го претстави „невидливото“
Тома Димовски од Скопје синоќа во Ликовниот салон во Велес се претстави со својата нова изложба „Невидливото“, на која претстави 22 дела – портрети, мртва природа и пејзаж, работени во техниката акрил на платно.

Тома Димовски, роден во 1968 година, е лице со посебни потреби кое твори од својата 13-та година. Како што рече промоторката Билјана Димитрова: Тома е борец и творец и не случајно го избира Велес за промоција на оваа нова самостојна изложба од неговата работа во изминатите десет години.

Секојдневно се разминуваме со луѓе, рече Димитрова, но најчесто не забележуваме ништо и никого, а невидливото стана наш начин на живот.

– Задлабочени во бремето на современата, речиси ништо не гледаме, ниту надвор, ниту внатре во себе. Невидливото стана нашиот начин на живот. Кога велам нашиот, мислам на човечкиот. Човекот стана дух, една обична бројка која пополнува статистики, маркетинг, стратегии, формации, фокус групи, концерти, болници, гласачки кутии, лудници и гробови, а животот стана безвреден за живеење. Кога животот губи вредност и смисла, тогаш невидливиот простор сè повеќе расте, ја брише нашата меморија, нашите сетила и траги, а иднината станува превидлива и очајна. Она што копа и боли е невидловото кое означува дека нешто од видливото станува невидливо, истакна Димитрова.

Таа појасни дека изложбата на Тома Димовски е рефлексија на невидливото, визуелна поезија која ни ги прераскажува нашите одрази во силни лирски бои.

– Изразот на авторот е реално-импресионистичен, со посебен идентитет што континуирано се проткајува, а речиси секоја слика е своевиден автопортрет. Сликарски увид во сличното преку личната перспектива и оригиналниот израз на Тома Димовски, кој и самиот е препознатлив помеѓу толпата, додаде Димитрова.

Тома Димовски дипломирал етнологија, а сега е студент на четврта година на ФЛУ во Скопје во класата на Антони Мазневски. Ова е негова прва самостојна изложба во Велес. Со други свои дела тој досега имал изложби во Скопје и Прилеп, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјава. По промоцијата во Велес, новата изложба „Невидливото“ Димовски ќе ја претстави и во други градови во Македонија.

Споделување со вашите пријатели: