Скопје

Скопје
Никола Поповски

Скопје, главниот град на нашата татковина и нејзиниот најзначаен административен, политички, економски, образовен, здравствен, културен, транспортен и урбанистички центар, е на патот кон изумирање. Да, кон изумирање. Градовите, како и сите други структури се раѓаат, растат, созреваат и се гаснат. Полека, незабележливо, за човечки живот невидливо, но се движат по таа патека. Некои побрзо, некои побавно. Ако човечкиот фактор ги потпомогне тие процеси, можат и да се забрзаат молскавично. Минатиот 20 век беше период во кој Скопје од обичен мал град молскавично се претвори во моќна урбана структура која има значење за поширокиот регион. За жал, во 21 век веројатно ќе се претвори во симбол на нешто што треба да се избегнува.

Нашиот главен град за период од само една и пол декада на целосна негрижа и запоставување на неговите витални потреби, придружени со управување што е на ниво на окупаторско и со апсолутно насилничко однесување врз неговата структура стана еден од главните проблеми на неговите жители и целата заедница. Тој стана град што не ги решава проблемите на неговите жители туку го згорчува нивниот живо. Урбаното централно јадро неповратно се уништи и за тоа воопшто не треба да се дава никаква дополнителна аргументација. Не постои ниту еден стручен текст, изјава, анализа или напис што укажал дека тоа не е уништено, но затоа, пак, постојат многумина во земјава и светот што се вчудовидени од реалноста и такви што тоа го исмејуваат. Тоа е нефункционално и несмасно, кичерајско и целосно бесмислено. Тој дел од градот, во основа, веќе треба да се избегнува, но ако некој мора да помине, да престојува или да се движи низ него најдобро е тоа да го стори во најкратко можно време.

Старите структури на Скопје од отоманскиот период, кои главно се наоѓаат на левата страна од Вардар, се сосема запуштени и запоставени, а сè ново што се прави во тој дел личи на еден голем блискоисточен хаос во кој европските стандарди и вредности на живеење се напуштаат и се заменуваат со нешто што најдобро се опишува со зборот – одвратно. Тој дел од градот треба да се избегнува, но ако некој мора да помине, да престојува или да се движи во тој дел од градот најдобро е тоа да го стори во најкратко можно време.

Традиционалните делови од градот и населбите создавани во периодот меѓу двете светски војни, какви што се Кисела Вода или Дебар Маало од убави места за живеење се доведени во состојба на организиран и испланиран хаос. Во тие делови за само 20-ина години сè стана пренатрупано, задушено, нефункционално и глупаво. Зградите и другите објекти се преблиску една до друга, немаат слободни површини, нема паркинг-места, нема доволно социјални објекти, нема ни приближно удобни транспортни решенија, дури нема ни тротоари бидејќи на нив или се паркирани возила, или нешто се продава, или некој ги узурпирал или, пак, воопшто не се планирани и не постојат. Тие делови од градот, исто така, треба да се избегнуваат, но ако некој мора да помине, да престојува или да се движи во нив најдобро е тоа да го стори во најкратко можно време.

Постземјотресните населби се посебна приказна. Лоцирани на убави места во вториот прстен околу централното градско јадро од Влае до Лисиче и од Бутел до Пржино и Црниче, тие целосно назадуваат и урбанистички се уништуваат. Постојано се нечисти, неодржувани, раскопани, со неодржани јавни површини, урбанистички тероризирани од лоши локални власти и импровизатори и почнуваат да стануваат нефункционални станбени зони, со релативно лош квалитет на живот што се задржал уште од времето на нивната изградба пред повеќе од половина век (во средината на 60-тите години од минатиот век), но дополнети со разно-разни доградби, надградби, полулегални, односно нелегални шупи, стоваришта, работилници, закрпени објекти, примитивни гаражи и слични во сите можни површини на дворовите. Освен за потребите на живеење на нивните жители во нив нема што друго да се бара. И тие делови од градот треба да се избегнуваат, но ако некој мора да помине, да престојува или да се движи во нив најдобро е тоа да го стори во најкратко можно време.

Модерните урбани и големи населби како Аеродром, Карпош и други се посебно унаказени во последниве децении. Замислени и изградени како модерни урбани живеалишта најголем дел од нив се претворија во апсолутен хаос. Сè што беше празна површина во нив на криминален начин се пополни со згради – и тоа високи згради од десет и повеќе ката - и ништо друго освен згради. Тие станаа нефункционални населби во кои луѓето живеат како во мравјалници со сè помалку хумани услови. Повеќе од 2/3 од жителите на овие населби денес од своите прозори не гледаат ништо друго освен други прозори. Тие делови од градот нема посебна потреба да не се избегнуваат, но ако некој мора да помине, да престојува или да се движи во нив најдобро е тоа да го стори во најкратко можно време.

Импровизираните и неурбанизирани диви и полудиви населби во и околу градот, а ги има повеќе со тенденција на нивно растење, од кои некои достигнаа и неколку десетици илјади жители, се посебна и жална приказна на Скопје. Најголем број од жителите на Скопје ниту ги знаат ниту се свесни за нивното постоење и проблеми. За нив не треба да се каже ни збор за да не се случи погрешно разбирање на мотивите за спомнување. Тие делови од градот едноставно треба да се избегнуваат.

Но проблемите не завршуваат тука. Општите проблеми на градот се намножија. Транспортот, како и станбеното живеење е ужасен. Секое движење со превозно средство е немилосрдно губење многу време и ресурси. Додека се градеа и се градат згради со нови и нови жители, транспортните решенија само се запоставуваа. Најчесто се превеа мали проширување на постојните улици што ништо не решаваат со цел да се замачкаат очи на граѓаните. Сè ова и многу други фактори доведоа до состојба во која Скопје почна да се задушува. Задушувањето стана и буквално со нивото на загаденоста за која не се гледа решение. Барем не на начинот на кој сега се бара решението. Барем не со изградба на нови висококатници во строгиот центар за што се уништи постоен паркинг и слободен простор за која властите премолчано го овозможуваат.

Скопје полека но сигурно, од град метрополис станува град тиранополис – град што наместо да го олеснува и хуманизира животот на своите жители и да им овозможува подобри услуги и услови за развој, тој ги тиранизира своите жители со своите нефункционални системи и услуги, вклучувајќи го и управувањето (владеењето) со него и го дехуманизира животот. Град што ги загадува жителите со високотоксични честички што ги приморува да живеат со постојани болести, а според експертите, дури и да го скратуваат нивниот живот за 4-10 години. Тоа ќе придонесе луѓето да престанат да се доселуваат во градот, а постојните жители постепено да го напуштаат. Цените на урбаните приватни и јавни добра ќе се намалуваат, а економијата и животот ќе стагнираат и ќе се деградираат. На многу долг рок градот од тиранополис тој ќе се претвори во полунапуштен, неперспективен, проблематичен и полумртов. Тој ќе стане еден вид на некрополис – град што постепено умира без перспективи за живот.

Ако има какви било шанси оваа тенденција да се забави или во некое најоптимистичко сценарио и да се запре, тогаш мора веднаш и безмилосно да се запре натамошното вертикално и хоризонтално ширење на градот по секој основ. Ничии лични и посебни интереси не се над општите и затоа компромиси не смее да има. Но, за жал, тоа сценарио, засега, се чини е невозможно.

Споделување со вашите пријатели: