Стејтери, хејтери и скејтери

Стејтери, хејтери и скејтери
Звонко Давидовиќ

Биди ин, користи рисајкл бин. Биди ин, храни се здраво. Биди ин, не мораш да бидеш фин. Денес не е битно колку си паметен, одмерен, колку знаеш ниту колку вредиш, денес е битно да си ин. А ин си ако се облекуваш онака како што тоа го замислиле и осмислиле квази бербери и кафеански певаљки, луѓе без образование и професија. Ин си ако висиш на коњопој по точно определени кафулиња на таканаречени афтерворк парти, а ако добро ги погледнеш фаците, истите се од сабајле по кафулињата, што би се рекло на бифор афтер ворк парти, или ти по старо на матине. Денес си ин ако седиш само по оние ресторани на кои некој новопечен богаташ кого го гони обвинителството им ставил ознака ин или некој надобуден политичар кого го гони СЈО. Денес си ин ако си стрејтер.

Стрејтерот е „исправен“ граѓанин кој не забегал по светските модерни трендови и глупости. Стрејтерот оди редовно во црква, вика поп дома да му го освети лепчето, а понекогаш и новата кола и канцеларија, но не се моли и не верува баш секогаш во Господ, освен кога треба да му исполни некоја желба. Тоа што го поткраднува буџетот кој му е доверен и им закинува на платите на вработените и не е некој грев, само ги вежба за издржливост и преживување. Има жена и најмалку три деца, а четвртото е на пат и сигурно има најмалку една швалерка која одвај да е полнолетна. Редовен гостин е во обложувалниците, но редовно пали свеќа во црква, а само за викенд оди во казината во Гевгелија. Член е на партија и кога не е во обложувалница или кафеана, сигурно е во штабот и чека да биде на некоја позиција. Ги знае сите во партијата кои имаат некаква моќ и секогаш е присутен кога треба да им се заврши некаква работа или нешто да се слави. Стрејтерот е „толерантен“ и не ги мрази педерите, балерините, глумците, дизајнерите, режисерите, активистите и лобистите, ама ги гледа под око недоверливо, ги држи подалеку од себе и семејството да не го фати истата „зараза“. Горд е на своите деца и нивното воспитување и покрај тоа што децата ги исчувале баба и дедо поради неговата зафатеност. Очекува син му да биде исто стрејтер како него, да оди во обложувалници, да не користи дезодоранс, да оди на натпревари и да биде комита, чкембар, гробар и да потпевнува патриотско-нацистички песнички исполнети со љубов.

Хејтерот е исто ин. Тој не станува рано затоа што сабајле се мрази себеси до пладне, а од пладне ги мрази сите. Не станува рано затоа што цела ноќ хејтал на „Фејсбук“ и „Твитер“, па и не е во состојба да стане пред пладне. Хејтерот е човек без професија и знаење, без образование и сопствено мислење, но со голема омраза кон сè и со ограничен речник, но сепак доволен да ја изрази омразата. За хејтерот аргументите и логиката не важат, за него вистината е во омразата, а душевна храна му е плукање на луѓе и работи кои воопшто не ги разбира. Многу лесно се препознава по постовите и коментарите кои се најчесто неповрзани, нелогични и вон контекстот, а и тешко ги пишува, а уште потешко изговара долгите и сложени зборови со повеќе од три слога. Хејтерот е и селектор и лектор, адвокат и судија, аналитичар и критичар, лекар и што ти уште не по потреба и покрај тоа што никогаш не отишол на натпревар, не прочитал книга, правна литература не видел со очи, а и средно одвај завршил. Таквите луѓе се храбри единствено на социјалните мрежи и со нив секоја полемика е невозможна затоа што се и глуви и слепи за сè освен за омразата која им ја разјадува душата. Ретко излегуваат, а и кога ќе излезат молчат стуткани во некој ќош и сè околу набљудуваат со омраза и негодување и никогаш не го кажуваат своето мислење така соголени во живо без заштитата на мониторот. И кога коментираат, не го читаат до крај она што го коментираат туку веднаш почнуваат со коментирање кое најчесто почнува со „а ти да не си поарен“ или „а ти што направи“, завршувајќи со етикетирање на „предавници“, „крадци“, „крвопии“, „забегани“...

Најмногубројни се скејтерите и тие се најин од сите овие ин фаци. Ги има секаде и се размножуваат со геометриска прогресија. Тоа ти се луѓе што немаат свое јас, немаат начела ниту вредности, но имаат исклучителен осет за време кога треба да го сменат своето политичко убедување и лоцирање на луѓето кои ќе станат моќни. Тие имаат свое мислење кое зависи не од личното убедување и начела туку од моменталната потреба и актуелната власт. Тие точно знаат, како глувците на бродот што тоне, кога да ја напуштат партијата која ја губи власта, но и маестрално да се прилепат до партијата и луѓето што ќе ја освојат власта. Скејтерите знаат и умеат со леснотија од еден табор да преминат во друг, и тоа онака тивко и незабележано како лизгачите на мраз. Воопшто не им пречи ниту се срамат што до вчера ги плукале луѓето со кои се денес најдобри пријатели. Сеедно е кој е на власт и кој управува со државата, тие се секогаш со власта и во власта. Тие се вечни министри, директори, управители, советници и присутни се во секој миг со секој премиер. Скејтерите може многу лесно да ги препознаете ако внимателно ги погледнете фотографиите од минатото и сегашноста на кои се нашите премиери, тие се секогаш на фотографиите таму некаде зад нивното десно рамо. Овие ин фаци се вечни, непроменливи и незаменливи, силата на триење и времето за нив ништо не значат ниту влијаат врз нив, како ни изборите и промената на власт.

Сите ние преостанати мора да сме заостанати.

Споделување со вашите пријатели: