Дух

Дух
Лејла Сабит

Во празничен, новогодишен и во духот на добрососедските односи ја очекуваме новата, надежна, поубава, со поголем стандард, добро здравје и во кругот на најблиските - 2019 година!

Лошите искуства, спомени и одлуки ги оставаме во старата 2018 и со позитивни мисли, расположение и со нови планови, очекувања и желби ќе ѝ посакаме добредојде на новата дама, дотерана и со стил, ама со народско срце и душа.

Духот е невидлив, ама е тука или ви се причинува, да ви помогне и кога е лошо да биде добро, и кога е грдо да биде убаво, и кога се чувствувате уморни, да ви даде енергија, и кога ви мислат лошо, да вратите само со добро, и кога не ви е до песна, да уживате во претпразничниот дух.

Духот ви помага да се опуштите, да не мислите на килограмите, ниту на работата, туку на пријателите и на семејството, на претпразничните забави, на украсувањето на домовите, на китењето на елката, на купување подароци и планирање каде ќе ги поминете новогодишните празници.

Духот е тука да ви исполни три желби, не мора да триете магични ламби, само ако силно посакате, ако верувате во Дедо Мраз и ако се радувате на новогодишни пакетчиња како малите деца.

Па нели, за Нова година, малите сакаат да бидат големи и да легнат подоцна,  големите да бидат мали и да се вратат во убавото, магично детство, постарите да бидат помлади, сиромашните богати, богатите хумани, гладните најадени, најадените да држат диета, дотераните опуштени, опуштените дотерани.

Ако се одморате во планински амбиент, духот е тука да ве стопли како меко ќебе, да ви приготви топол чај, греано вино или да ве загрее со жесток пијалак, да ве послужи со домашни колачи со ѓумбир и цимет и да ви раскаже топла приказна за добра ноќ.

Ако се чувствувате осамени, да ве гушне силно, да ве облече во божикно џемперче, да ви ги соблече чевлите со високи потпетици, да ви облече термо чорапи, да ве седне во удобна фотелја и да ви пушти филм со божиќна тема.

Ако одлучите да бидете во семејна атмосфера – ништо не е случајно. Тоа духот ве чести со најубав новогодишен подарок, најблиските да се соберат околу масата, да се слушаат џагор и смеење, да си споделите муабети и празнично расположение.

Една е Нова година, а 1 јануари е нов ден, како што вели Вивиен Ли во „Однесено со виорот“!

 

Споделување со вашите пријатели: