Mакедонски макијавелизам: Сатира и упикување

Mакедонски макијавелизам: Сатира и упикување
Ило Трајковски

Некои човечки дилеми траат откако се светот и векот. А ќе траат сè додека има човек да филозофира, да мисли и дејствува. Да дејствува било како креатор на нови дела, било како пасивен сеирџија или, пак, како апологет и лакташ, седено. Така, деновиве гледаме, читаме и слушаме како со една од најстарите дилеми се борат повеќемина наши политичари, видни новинарски и академски пера, а со нив и ние. Нормално, највоочливи се оние што носат истовремено по две-три капи на своите мислечки глави – советници и колумнисти, поранешни или сегашни политичари и поранешни или сегашни универзитетски професори и дипломати. Тие како доверливи толкувачи на вистината, со сиот свој претпоставен авторитет ја убедуваат јавноста дека целта ги оправдува средствата.

Во своите напори да ги оправдаат тековните политики на премиерот Заев по секоја цена да го протурка договорот од Преспа и од него условените уставни амандмани се повикуваат на Николо Макијавели. На Макијавели му се припишува дека во неговото дело „Владетелот“ ја промовирал реалполитичката формула дека целта ги оправдува средствата, односно дека на секој владетел главна цел му е одржувањето на власта и дека во името на таа цел оправдано е секое средство. Во тој т.н. макијавелистички дух и нашите апологети отворено ѝ препорачуваат на актуелната власт дека таа, просто со самото тоа што е власт, има легитимно право да ги искористи сите средства за да ја одржи својата власт.

Притоа, таквиот свој макијавелизам го пласираат во македонско пакување. Во таа варијанта протуркувањето на договорот и уставните амандмани се прикажува како прашање на одржување на самата држава, а не како прашање на одржување на актуелната власт. На оваа макијавелистичка формула би им завидел и самиот Николо Макијавели.

На Макијавели, барем, му било многу јасно дека во политиката поважна е појавата или, во денешна смисла на зборот, поважен е јавниот имиџ отколку вистинските цели и дејанија на власта. Во таа насока, обраќајќи му се на владетелот на кој му се додворувал, му вели: секој гледа како изгледаш, а само неколкумина знаат што си навистина ти... а и тие малкумина што знаат каков навистина си не се осмелуваат да застанат наспротив општото јавно мнение. Затоа, и тие јавно те претставуваат таков каков што ти сакаш да се прикажеш и да бидеш виден од јавноста.

Во тој дух, и нашите апологети соочени со непријатноста од фактот дека власта со својата политика го повредува правото, сепак, стегнуваат заби и на јавноста ѝ кажуваат дека и да е така тоа е помало зло во споредба со злото кое би се направило ако се почитува правото! Не само што политиката на власта е над и пред правото, туку инсистирањето од страна на некои за владеење на правото „ги повредува перспективите на државата.“ Еден друг учен макијавелист, пак, уште поексплицитно признава дека не е многу доблесно јавно да се кажува што навистина прави владетелот - дека постапува неправедно. Но, сепак, со едно етичко салто мортале истакнува дека во името на историскиот карактер на политиката на нашиот „владетел“ нему му е допуштено да го стави парламентот во рацете на осомничени криминалци! И тука пак стапува Макијавели на сцена – на владетелот тоа му е допуштено во име на револуционерната одлука и политика за ослободување на државата Република Македонија од „ропството на нејзиниот национализам!“

Интересно е што посочените и други самопромовирани македонски макијавелисти својот макијавелизам го потпираат на Макијавели како референтен авторитет. Но, за тоа нема пишана основа. Познавачите на неговото дело истакнуваат дека самиот Макијавели никогаш и никаде не ја има напишано максимата според која „целта ги оправдува средствата“. Значи макијавелизмот опстојувал и опстојува и без Макијавели. Исто како што груевизмот опстојува и ќе опстојува и без Груевски - не само без него на власт, туку и без него во земјата! Од таа перспектива прашувам која би била разликата меѓу макијавелизмот што го практикуваше Груевски и макијавелизмот што му се препорачува на Заев? Дали можеби вториот е подоблестен од првиот и зошто!

Велат дека Лоренцо де Медичи, владетелот на Фиренца на кого Николо Макијавели додворувачки му ја посветил книгата „Владетелот“ не бил воопшто воодушевен од подарокот. Лоренцо го презирал Макијавели бидејќи тој претходно ѝ служел на Фиорентинската Република. Подарокот очигледно не бил доволен за де Медичи да му додели на Макијавели некоја владетелска привилегија. Според тоа, макијавелизмот не му се исплатил на самиот Макијавели. Тој го завршил својот живот далеку од политиката и каква било јавна функција.

Луѓето од фамилијата Де Медичи, кои во тоа време биле на власт, веројатно разбрале дека Макијавели и нив ги гледа само како средства за остварување на своите лични амбиции. Можеби и луѓето што се денес на власт кај нас го ќе сфатат тоа во однос на целите на македонските макијавелисти. Во политичката пракса и политичката теорија има и доблесни политичари. За нив како и за други доблесни граѓани неморално е другите луѓе да се искористуваат како средства за остварување одредени цели. Емануел Кант, на пример, два века после Макијавели го формулираше начелото за етичкиот императив. И Кант, како и Макијавели, ја спозна и призна несовршеноста, па дури и коруптивноста на човечката природа. Но, за разлика од Макијавели, Кант сметаше дека луѓето како луѓе имаат чисто морална -значи не калкулантска – обврска да работат на тоа да ги поправат и отстранат неправдите, а не да склучуваат договори со неправедните. Мирот, вечен или пократок, не е можен без правда.

Општеството не може да опстојува долго по принципите на макијавелизмот. Особено не она општество што се декларира како „едно општество за сите“. Општествата насочени само кон ред и стабилност на власта и државата не се праведни општества. Тие се повеќе како куќа од карти. Се распаѓаат брзо и за кратко време. За да не дојде до тоа општеството мора да обезбеди правда и праведност. Прва претпоставка за тоа е праведна власт, праведна држава. Без праведна држава, општеството запаѓа во макијавелистичка состојба во која секој тежнее да го искористи и загрози другиот. Само праведна држава може да генерира праведно општество.

Но! Има познавачи на ликот и делото на Макијавели кои велат дека тој и не бил толку сериозно ортодоксен „макијавелист“ во она што му го препорачувал на владетелот, како што го претставуваат, туку дека бил само сатиричен. Во оваа теза поверував во моментот кога ги слушнав изразите „меѓународно уставно право“ и „меѓународен устав!“ Тие беа искажани за време на една од фингираните јавни расправи за нацрт-текстот на уставните амандмани во функција на договорот од Преспа. Ги искажа еден, порано, угледен професор по уставно право. Сигурно станал макијавелист, но сатиричен!

Споделување со вашите пријатели: