Македонија ќе игра руски рулет

Македонија ќе игра руски рулет
Ерол Ризаов

Скопската Котлина опколена со планини кога нема ветер да ги оддува отровите е меѓу најзагадените подрачја во светот. Оваа стравотна, но многу бајата вест сè уште ќе ја примавме со спокојство како да се работи за некоја далечна, во џенем, индустриска четврт ако загадувањето преку ноќ не стана значајна политичка пресметка. Ќе си останеше човековата средина мегдан за очајна борба со ветерни мелници само на „здодевните“ екологисти. Политиката и медиумите направија хит од оваа трагедија како сериозна конкуренција и спасоносен вентил бидејќи политичката сцена е повалкана и поотровна од сите други.

Од планините одвреме-навреме ќе дувне посилен северец, кој обессилен одвај ќе се пробие низ кинескиот ѕид до задушените градови и ќе ја расчисти авата на ден-два кога полесно се дише, додека во политичкиот котел вријат отрови чии испарувања ги дишеме и јадеме без прекин, радосни од нова доза како зависници. Во тој казан нема ветре ни лист да заниша, ни дождец колку-толку да освежи.

Македонија се гуши во сопствените отрови кои ги испуштаат политичките лидери и профитери во битките за пари и за власт. Не можат да се запрат со молитви и абра кадабра магии загадувачите на воздухот, водата и почвата, на човекова околина која со години е нацицана како сунѓер со отрови. Не можат да се исклучат оџаците што со чадот прават црни облаци бидејќи илјадници луѓе од тоа одвај преживуваат со бедни надници за умирање на рати, а само неколкумина се богати како кнезови од продажбата на отровниот производ. Сиромаштијата што живее од старите печки на комунистичките и тазе капиталистичките фабрики се грее на сурови дрва, ќумур и нафта, се вози во крнтии и го гнете светскиот отпад од храна и од лекови. Најголемите загадувачи не можат да се гасат и исчистат ни со пожарни, ни со заштитни маски, а најмалку со додоли и врачеви, со ветувања за спектакуларни решенија.

Ако е тоа одмаздата на деценискиот удар врз природата и свеста на луѓето конечно на умирање да научат дека белите дробови на државата, на градовите, на земјата, на воздухот и на водата, на планините и на реките, веќе се канцерогени во трет стадиум, а метастазите ги зафаќаат и нив, и нивните поколенија, тогаш колку ли се опасни озрачувањата по експлозиите на политичкиот македонски Чернобил кои го оставија зад себе неугаснат сите власти ослободени од обвиненијата на жртвите. Со децении оваа банда нè труе непречено, лесно се извлекува од одговорност за злосторствата со сеење магла да не се видат сите бербатлаци таложени и покривани со лаги и со подмитување за да се мижи пред злоделата на големите загадувачи кои каде и да пипнаа сè исушија.

Сега во моментот се одвива најголемото загадување од политичките кујни и оџаци откако постои Македонија како држава. Во тек е заедничка акција на сите трујачи за никогаш да не се исчисти ова парче земја. Се минира изградбата на единствената и најголема прочистителна станица на очиглед на граѓаните на заболеното општество. Скриени зад штитот дека ја спасуваат Македонија нудат чист воздух во конзерви. Треба да се убеди само еден човек, или за секој случај - двајца, да ги прифатат заложбите на нивните истомисленици од Грција и да не се донесат уставните измени во Собранието кои ги отвораат вратите на Брисел за преговори со ЕУ. За влезница во НАТО и во ЕУ се бара глас повеќе за да се биде или не во Европа. Македонија во Собранието на 15 јануари ќе игра руски рулет.

Организаторите на овој најтрагичен самоубиствен атентат подметнуваат револвер кој има само една празна дупка во буренцето. Ако се прифати тој руски колт самоубиството е гарантирано успешно во вториот обид. Македонија ќе ја кренат во воздух атентатори кои не го кријат својот потфат. Засега добро им оди во подготовките и правењето хаос и амбиент на конфузија од која може да се спасиме, како што проповедаат, со самоубиство на државата. Притоа, ужасно лажат дека даваат силна поддршка за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, ама Договорот со Грција не може да помине, што во суштина не значи ништо друго туку пукање во сопствената слепоочница.

Кога ќе кажете дека ние сме за НАТО и ЕУ, ама не со овој договор, е како да барате Вардар да го смени својот тек со ветување дека ќе му направите подобро корито и поубаво море за вливање. Така наликуваат упорните обиди на опозициските лидери во Македонија и во Грција дека ќе направат подобар договор за заштита на гордоста на своите народи. Значи, Мицотакис смета дека договорот е предавство на грчките национални интереси, а неговиот пандан Мицкоски е на исто мислење дека договорот е капитулација на националниот идентитет. Двете малцински страни во парламентите се незадоволни од одредбите во Преспанскиот договор за иста работа - за македонскиот национален идентитет и за македонскиот јазик. И сега замислете што овие двајца политичари можат да договорат ако се појават на сцената да одлучуваат. „Пиши куќи пропало“. Ништо друго. Само што последиците за Македонија ќе бидат трагични.

Ова е доволно владата која го склучи историскиот договор со Грција да не препушти ништо на случајности во третото гласање во парламентот, да не испадне некадарна и да препушти сè на среќата при вртењето на буренцето во колтот. Рускиот рулет е коцкање со животот, а Собранието не смее да биде коцкарница откако на двапати беше кланица. Добитната комбинација за европската иднина на Македонија мора да биде извесна и со ништо не смее да биде доведена во прашање. Тогаш ќе почне генералното чистење на сите загадувачи.

Споделување со вашите пријатели: