Да не им продаваме на Грците византиски игри

Да не им продаваме на Грците византиски игри
Ерол Ризаов

Како да забегуваат новите и старите уставотворци и уставобранители. Впечаток е дека луѓево заборавија дека се работи за неколку уставни амандмани кои се дел од компромисот стриктно одреден со Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција. Четирите амандмани со отстапки, во замена за европската иднина на Македонија, се претворија не само во пишување нов устав, туку и во ревизија на Уставот со јавно наддавање за уставни промени што предизвикува загриженост дека целата работа може да пропадне и Македонија и Грција да се вратат кај што беа, како инцидент на историјата.

Македонија во тој случај би се вратила никаде, со голема неизвесност дали може да ги задржи истите позиции на земја кандидат за ЕУ. Ќе остане и натаму како БЈРМ, изолирана балканска сиромашна држава и како најголем губитник и виновник пред здравиот разум дома и пред светот бидејќи ја испуштила историската шанса правејќи кардинални грешки во добиена позиција. Грција останува таму кај што беше, во ЕУ и во НАТО и меѓу 30 земји во светот со највисок квалитет на живеење, со позитивна оценка дека покажала добра волја и храброст да прифати отстапки за добрососедство. ЕУ и светот ќе искажат петминутно жалење со оценка дека сè што беше разумно со Преспанскиот договор е уништено со уставни промени спротивни на договорот потпишан меѓу двете влади. Најсреќни, се разбира, ќе бидат противниците на членството на Македонија во НАТО и во ЕУ во Македонија и во Грција.

Тоа се најмалите последици од вознесот на новите уставотворци да вршат крпење, поправки и доправки во Уставот небаре се работи за курдисување на уставотворно собрание на нов АСНОМ. Поголемите штети се дестабилизација на државата и нејзин распад, кој станува реална опција доколку не се усвојат уставните измени и не се оствари членството во НАТО и ЕУ.

Наместо целата концентрација да се насочи кон суштината на Договорот и негова имплементација во Уставот со неопходните веќе договорени амандмани, се мудрува како да станува збор за пишување на нов Устав во три тома. Ако некој умислил дека со трикови и подметнувања ќе ги надмудри Грците и ЕУ, тој нема абер со кого си има работа. Нема наивни играчи во оваа работа која е простудирана и анализирана од врвни експерти од првата до последната буква, до точка и запирка. Да не им продаваме на Атина и на Брисел византиски игри бидејќи тие ги измислиле.

За нас најважно е што компромисот на кој се согласивме е прифатлив, не ги оспорува основните идентитетски обележја на македонскиот народ и јазик и на тоа треба да се остане. Тоа е добитната позиција за иднината на Македонија како европска земја. Така државата ќе опстои и со секој успех ќе ја зајакнува својата посебност, својот јазик и култура. Една Нобелова награда, еден олимписка златен медал, едно учество, или трофеј од светско, или европско првенство значат повеќе за идентитетот и за јазикот отколку сто преспански договори.

Што се однесува со Уставот на Република Македонија, тој одамна е стасан за комплетен ремонт. Но тоа мора да се направи во еден сосема поинаков амбиент, во една многу подобра атмосфера. Слабостите на Уставот и слободниот простор за дијаметрално спротивни толкувања на уставните одредби нанесоа големи штети во македонската парламентарна пракса. И најновите актуелни настани во државата кажуваат за уставни неиздржаности особено околу ингеренциите на претседателот на државата каде што има голем празен простор за злоупотреби. Во уставните надлежности на парламентот, на владата, на премиерот, на министерствата и министрите, во регулацијата на локалната самоуправа, за буџетот, за државните фондови и уште еден куп други уставни недоречености и непрецизности прават големи недоразбирања и конфликтни ситуации кои треба да се допрецизираат до степен да не остават простор за различни толкувања дури и кај уставните експерти. Особено се лабави уставните недоречености пренесени во законската регулатива во врска со попречување на владеење на правото и запирање на демократските процеси, како и попречување на стратегиските интереси и приоритети на државата за кои има општ консензус и кои се влезени во сите развојни документи на Македонија и се темел на општествено економскиот и политичкиот поредок на државата. Тоа се евроатлантските интеграции на Македонија. Оваа определба треба да биде уставна категорија.

Потемелни уставни промени се работи за едно постабилно и помирно време. Сега се во прашање амандмански промени произлезени од компромисен договор со Грција кој никогаш повеќе нема да се повтори и на тоа треба да се остане.

 

Споделување со вашите пријатели: