Календар

Календар
Лејла Сабит

Џебен, на маса, закачен на ѕид, верски, новогодишен, на „Пирели“...

Ни ги брои миговите, деновите, месеците, годините, убавите и лошите моменти, длабоките и избледени чувства, депресијата и еуфоријата, радоста и тагата, енергијата и заморот, надежта и очајот, оптимизмот и песимизмот.

Брчките и естетските операции, килограмите и влакната на косата, лузните на телото и на душата, кој има бел, а кој нема образ, кој се срами, а на кој му е сеедно.

2018 пополека изминува како дама од добро семејство, која добро се омажила, здрави деца родила, дочекала пензија и сега ужива на патувања во странство.

Се радуваме на Новата 2019, ама тешко ни е да го свртиме погледот назад, на годинава што изминува, за некого пребргу, за некого пребавно, ретко за кого тамам.

Колку луѓе, толку карактери и желби.

Некој е заглавен во минатото, некој живее само за сегашноста, а некој се радува на иднината.

За некого Нова година е само една обична ноќ, за некого нова животна страница, за некого издувен вентил, а за некого шанса да ја покаже новата гардероба.

Некој ќе се забавува за Нова година, некој ќе ја преспие, некој ќе се дотера, некој ќе ја слави во пижами, некој ќе биде дома, некој во ресторан, некој на море, некој на планина, некој сам, некој во друштво, некој со пријатели, а некој со непознати.

Некој ќе биде носталгичен, некој еуфоричен, некој романтичен, а некој рамнодушен.

Некој ќе се изнапие, некој ќе се изнајаде, некој ќе се разбуди мамурен, некој ќе остане трезен, а некој нема да се сеќава.

Некој ќе посака многу, некој малку, некој сѐ, а некој ништо.

Некој се радува на убаво завиткан подарок, за некого најголем подарок е семејството, на некој му е важно вниманието, а некој ќе заборави.

Така е тоа за Нова година. Почнува со фолк, а завршува со валцер. Од маса на Виенски концерт.

Кој за што учел, каде живеел, со кого растел и кој му бил идол.

Само да сме живи и здрави, сѐ што е наше ќе си дојде во Новата 2019!

Споделување со вашите пријатели: