Со единствениот детски кардиохирург, си заминуваат и две сестри

Со единствениот детски кардиохирург, си заминуваат и две сестри
Освен д-р Владимир Чадиковски од Детска кардиохирургија, ќе си заминат и две сестри инструментарки. Тие заедно ќе работат во приватната болница „Жан Митрев“ од следниот месец, од каде што ќе добиваат и плата. Станува збор за сестри кои досега директно беа инволвирани во Детската кардиохирургијата, обучени од странски едукатори да работат на интервенции на патологијата. Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека нема да заминат други доктори од Клиниката за детска хирургија. Меѓутоа, со новиот договор за јавно-приватно партнерство се отвораат вратите за дополнителна работа во приватната болница на лекарите од педијатрија и интензивна нега.

- Со единствениот детски кардиохирург од Клиника, си заминуваат и две сестри. Тие беа директно инволвирани во Детската кардиохирургија, така примени, така тренирани. За вработените и на педијатрија и на детска хирургија им се отвораат вратите за дополнителна работа, оние што сакаат, сега ги пуштаат договорите. Другите здравствени работници си остануваат на Клиниката за детска хирургија. Таму останува целата интензивна нега, на детска хирургија останува и опрема што беше инвестирана на интензивната нега. Останува цела детска патологија, како третирање на скршеници, кили, вродени мани, урологија, на клиниката ќе дојде експертот за урологија Мирослав Ѓорѓевиќ од Белград. Само најтешките срцеви маани, кои досега се лекуваа на Клиниката, од следната година ќе се извршуваат во болницата „Жан Митрев“ - објасни Филипче

Министерството за здравство планира да го официјализира административниот начин по кој ќе соработува со реномираниот доктор Лазаров од Бугарија, каде што децата од земјава беа испраќани да им бидат извршени комплексни операции на срце. Новиот модел на детска кардиохирургија, според плановите, е да биде референтен центар.

- Целта е да не се испраќаат децата на интервенции во странство. Кога ќе има комплексна интервенција, сакаме доктор Лазаров да доаѓа тука. На тој начин нема да се испраќаат деца во странство. Тоа ќе биде еден мултидисциплинарен тим во кој ќе учествуваат доктори од државните болници. Ќе имаме и кардиолози, детски педијатри сите заеднички ќе ги гледаат децата - објасни Филипче.

Надлежните веруваат дека спојувањето на експертизите во државното и приватното здравство, ќе даде бенефит за лекувањето на најмалите, децата, а ќе се овозможи и докторите да работат во приватните болници и да не заминуваат во странство. Трошоците за пациентите ќе ги покрива Фондот за здравствено осигурување, а со ваквото решение Министерството за здравство ќе заштеди до 300 илјади евра кои ги одвојува за странските едукатори. Доколку е неопходно да се испрати детето на лекување надвор од земјава, конзилијарно мислење ќе дава тимот на Детската кардиохирургија, кој од Нова година ќе почне да работи во болницата „Жан Митрев“ каде што веќе има опрема.

Инаку, во просек околу 20 деца годишно се испраќаат во странство за кардиоваскуларни интервенции, а една интервенција чини од 15 до 20 илјади евра.

Вероника Мароска-Леова

Споделување со вашите пријатели: