Иванов на исчезнување

Иванов на исчезнување
 Ерол Ризаов 

Дали државниот јавен обвинител чека Ѓорге Иванов да избега од земјата, па да покрене обвинителен акт против претседателот на државата кој со години прави тешки кривични дела со попречување на правдата, учествува активно во блокирање на остварувањето на најзначајните стратегиски државни интереси, како што се евроатлантските интеграции и членството во ЕУ и во НАТО, флагрантно го крши уставот повеќе пати, заштитува криминалци и корумпирани политичари и го нарушува угледот на земјата дома и во странство пласирајќи лаги за својата земја на меѓународни конференции, па дури и од говорницата на ОН како пророк најавува апокалиптични прогнози за исчезнување на Македонија. Улогата на Иванов во настаните од 27 април лани станува сè поевидентна не само со пролонгирањето да го даде мандатот на мнозинството, туку и со неговата подготвеност да прогласи вонредна состојба во земјата, што ако се докажат сведоштвата го сместуваат меѓу организаторите на државниот удар.

Ѓорге Иванов деновиве во својата серија сам против сите се огласи и од Полска, со закана дека нашата татковина ќе ја снема бидејќи договорот со Грција значи дека Македонија се откажува од историското минато и од универзалното право на самоопределување. Усвојувањето на уставните измени ќе го означат крајот на постоењето на државата и на македонскиот народ и македонскиот јазик, извикува Иванов, злоупотребувајќи угледни собири, како да е на митинг во Валандово.

Ваква анатема и шизма уште никој не фрлил врз Македонија. Но мора да се признае дека е во право за една работа. Најкусиот пат кон исчезнување на Македонија и на Македонците беше трасиран и донесен во одмината фаза на остварување откако тој стана претседател на Македонија и откако послушно како бруцош ги извршуваше домашните задачи дадени од Никола Груевски, денес избеган осуденик и азилант во Унгарија, кого Иванов злоупотребувајќи ја својата функција сакаше да го аболира и да го ослободи од секаква одговорност. Исчезнувањето на Македонија е спречено со падот на режимот на Груевски, а почетокот на евроатлантските интеграции ќе биде означен со падот на Ѓорге Иванов и неговото соочување со правдата.

Македонија ќе биде долговечна со ослободување од најнеспособниот и најлошиот претседател што го имала во својата 74-годишна парламентарна историја. Фрустриран од својот беден учинок и бадијала поарчени десет години од животот на Македонија, на заминување од политичката и од јавната сцена го изедначува сопственото исчезнување со исчезнување на државата. Претставувајќи се лажно како божји пратеник проповеда дома и по светот: после мене потоп. Кога тој ќе се симнел од Водно, ќе ја снемало Македонија. Приказна по која со леснотија се дијагностицира авторот и без лекарска диплома. Издржавме цели десет години забеган претседател на држава. Тоа не кажува ништо добро и за нас. Изгледа со нас нешто не е во ред кога прифатиме да ја трпиме оваа марионета, која наместо на обвинителна клупа како попречувач на правдата и поттикнувач на државен удар, уште ја претставува државата по дома и по надвор.

Ниту еден претседател на Република Македонија сиве овие децении не им нанел толкава штета и срамота на својот народ и на својата земја со своите одлуки и говори, но и со својот молк и апстиненцијални кризи при исполнување на уставните обврски како што тоа го правеше итарпејовскиот селски итрец. Катастрофални се штетите кои се направени во земјата и по угледот на државата на меѓународната сцена што сè уште го прави Иванов на голема жал и несреќа непречено од никого во десетгодишниот на двапати сомнително добиен мандат.

Вџашувачки е како никој не му застана на патот на Ѓорге Иванов. Освен критиките кои очигледно Иванов добро ги поднесува и ги прифаќа со чалам како доказ дека успешно ја врши својата мисија од бога дадена, тој ниту еднаш не беше повикан од јавното обвинителство и од Уставниот суд на распит да ги појасни своите постапки особено кога одлучи да не потпишува укази по законски и легитимни одлуки на Собранието кои е должен според Уставот да ги потпише. Не беше повикан и кога одлучи да го попречува конституирањето на највисокиот законодавен дом од страна на мнозинството во парламентот по веродостојни и слободни избори.

Ѓорге Иванов покажа цели два мандата од десет години каков претседател не ѝ е потребен на Македонија. Тој со своите катастрофални грешки, со своите политички ДНК истраги за пославно античко минато, со својата одбрана на криминалот и грабежот на земјата, со учество во осиромашувањето на граѓаните, со своите антиевропски и антинато, антикомшиски постапки со својата антидемократска и антислободарска определба, со потикнување на меѓуетничка нетрпеливост отфрлајќи да биде претседател на сите граѓани, прифаќајќи еднопартиски позиции, целосно се стави на страна на режимот како еден од најголемите носители и пропагатори на груевизмот во Македонија. Историјата многу бргу ќе го смести онаму каде што му е местото, а во колективното памтење ќе остане како една безлична фигура која во време на груба партизација и фалсификување на избори станал претседател на Македонија и таму останал како орман за алишта цела една деценија. За жив срам на сите современици и сведоци на историските грешки на патот кон прогресот и слободата.

Споделување со вашите пријатели: