Без жртва, нема почист воздух

Без жртва, нема почист воздух
Сања Наумовска

Истиот ден кога во Скопје и во уште неколку македонски града беа регистрирани пиковите на најголема загаденост на воздухот во сезонава, со десетпати повисоки вредности на ПМ10 честичките од максимално дозволените, Царинската управа ја обелодени информацијата дека Македонија е депонија за најстарите возила од цела Европа.

Во првите девет месеци, според податоците од Царина, биле увезени 21.069 возила, или 5.286 возила повеќе отколку истиот период лани. Колку се стари овие возила, дали задоволуваат некој еколошки стандард, имаат ли катализатори или навистина препродавачите во Бугарија ги вадат и ги препродаваат за дополнителна заработка.

Многу прашања без одговор, многу постапки без да се бара одговорност. Одговорност не само од институциите кои очигледно е дека со години потфрлаат во имплементацијата на законите. Потфрлаат во казнувањето, во спроведувањето на мерките што самите ги носат, во спроведувањето на инвестициите што треба да нè помрднат од статус кво точката која ни го уништува здравјето.

Туку има одговорност и од самите нас, граѓаните. Ние истите што ги увезуваме овие возила, кои ги возиме без око да ни трепне, во денови кога ПМ10 честичките надминуваат и 500 микрограми на кубен метар. Ни требаат ли нам препораките на Јани Макрадули, на Венко Филипче, на Институтот за јавно здравје за да ги почитуваме или да им се потсмеваме. Не знаеме ли дека е нормално, кога е загадено, да излеземе од дома и на работа да заминеме со јавен превоз, а не со автомобил. Најмалку, пак, со автомобил што е дизел или, пак, што нема катализатор.

Да бидеме реални, колку што сме жртви на загадувањето, толку не правиме никаква жртва да го намалиме. Не може со конформизам и со проформа-заложби и излитени фрази, повторувани како на расипана лента, да се уверуваме дека нешто сме направиле да се ослободиме од смогот. Кој се грее со дрва „збогатени“ со пластика, гума и слично. Ние, истите што го возиме ѓубрето од Европа. Истите што се буниме кога ќе се воведе пар-непар, истите што сега се буниме што возилата ќе имале еколошки налепници. Тоа ќе било удар врз тие што најмалку имале, што биле сиромашни, па немале електрични возила, па колку ќе чинела налепницата... А сиромашните имаат ли пари за дизел, да го наполнат резервоарот и да заминат на работа? Тоа поевтино е од билет во ЈСП? Колку има што ќе се откажат од возилата на дизел само поради тоа што загадуваат? Не баш многу, ако им веруваме на податоците од студиите на МАНУ дека најголем дел од возилата во градовите, особено товарните се дизел.

А сакаме чист воздух.

Зошто драстично се намалува бројот на велосипедисти и пешаци во зимските месеци. Заладува, секако, дува ветер, студи на велосипед, рано се стемнува, не се оди пеш.... изговори илјадници, а вистината е дека во автомобил е попријатно.

Сè додека не тргнеме од себе и не направиме длабок рез и лична жртва за поголемо добро, ништо нема да се промени. Институциите по кои на цел глас викаме ги водат луѓе. Секој секому мора да му е пример, политичарите на граѓаните. Досега не видовме ниту еден министер, градоначалник, директор... да дадат личен пример, да си го нарушат комфорот и да отпешачат на работа. Да имаше таков, многу веројатно е дека ќе беше подготвен и професионално, без многу размислување да се заложи и да дејствува и да ги спроведе истите мерки. Без разлика колку болно и непопуларно да изгледа, без да тргнеме од себе и без жртва, нема да дојдеме до почист воздух.

Споделување со вашите пријатели: