Се отвора патот кон нарачателите на крвавото сценарио

Се отвора патот кон нарачателите на крвавото сценарио
Александар Василевски-Нинџа е последниот обвинет за упадот во Собрание кој треба да даде своја одбрана и тој ќе ја каже денес својата верзија кој го организирал упадот во Собрание на 27 април минатата година. Од неговата одбрана зависи дали на крајот од овој судски процес ќе се открие повисокото ниво на организација на упадот во Собранието, односно кој му давал наредби на Нинџа за да го организира упадот.

Во судот како сведок треба да се појави и неговиот брат Благоја Василевски, кој му беше телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски. Според обвинението, на 27 април минатата година братот на Нинџа бил во Виена со Груевски. Оттаму му се јавил на својот брат во Скопје и по овој повик почнал упадот во Собранието. Браќата Стефан и Михаил Младеновски и еден од телохранителите на Нинџа, Захарие Симовски, беа првите обвинети кои во овој судски процес кажаа детали за организацијата на крвавиот четврток, а по нивните сведочења во притвор во Шутка заврши поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски.

Еден ден по нивните сведочења обвинителката која го води овој предмет, Вилма Русковска, побара, а судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор по три точки од Законот за кривична постапка: опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност дека може да го повтори кривичното дело. По завршувањето на распитот пред судија на претходна постапка, завчера по полноќ, Русковска образложи зошто побарала притвор. За Русковска доволен основ дека Атанасовски може да избега е тоа што тој како поранешен директор на УБК сигурно има стекнато многу пријатели по исти вакви служби во регионот и пошироко и дека за кривичното дело за кое се товари му се заканува минимална казна затвор од четири години. Обвинителката смета дека тој како поранешен директор е способен да влијае врз сведоци или да ги уништи трагите на кривичното дело. Опасноста од повторување на делото Русковска го поврзува со протестите што и сега се организираат пред Собранието.

Тој навистина не е директор во УБК, но сепак како поранешен директор има големо влијание на дел од вработените таму, но и меѓу луѓето. Знаеме дека секојдневно се одржуваат мирни протести, повторно пред зградата на Собранието, мирни протести како што беа и протестите што ги организираше иницијативата ‘За заедничка Македонија’, протести кои ескалираа во крваво насилство“, изјави Русковска.

Атанасовски се гони за кривично дело здружување заради непријателска дејност од член 324 став 1 според кој тој се товари за заговор, банда, група или друго здружение на лица за кривични дела против државата, меѓу кои е и кривичното дело за терористичко загрозување на уставниот поредок. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку четири години.

По распитот во кривичниот суд, Атанасовски беше спроведен во истражниот затвор во Шутка каде што се наоѓа и неговиот претходник Сашо Мијалков.

Адвокатот на Атанасовски, Јордан Апостолски, брат на адвокатот, Антонио Апостолски, кој го брани Мијалков, изјави дека Обвинителството прави голема грешка што им дава доверба на обвинети кои се соочуваат со доживотен затвор и кои, според него, би кажале сè само да ја избегнат казната.

Знаеме дека сите предмети досега пратени во Европскиот суд за човекови права од Македонија се изгубени, дека Обвинителството треба да понуди конкретни докази и факти врз основа на кои околности ја докажуваат намерата за бегство или да се повтори делото. Делото што му се става на товар е дека како директор на УБК организирал група која го сторила кривичното дело. Сепак, Влатко Атанасовски веќе година и пол не е директор на ДБК и доколку сакал да преземе некои дејствија во ова време, тој би ги презел, би се вдал во бегство и би влијаел на сведоци. Се разбира, тој тоа не го направил, така што беспредметно е барањето за притвор“, рече Апостолски.

Од официјално достапните информации обвинителството отворило истражна постапка против Атанасовски која Русковска има намера да ја прошири и да опфати и други лица. Постапката што се води против Атанасовски не е во рамките на предистражната постапка. „Индиции кои биле организаторите во оваа фаза не можам да споменувам, не особено за колку лица имам индиции“, вели обвинителката.

Во својата одбрана браќата Младеновски освен Атанасовски споменаа и уште неколку лица кои биле вработени во УБК и давале насоки за упадот во Собрание: поранешниот разузнавач Никола Бошкоски-Прскачот, кој заедно со поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, се обвинети за масовното прислушување и сега се во бегство во Грција. Освен Бошкоски, беше споменато името и на Дејан Димковски-Боксер, кој е предложен како сведок од страна на одбраната на Нинџа.

Од вкупно 33 лица обвинети за упадот во Собрание, одбрана дадоа само неколкумина, а клучни информации соопштија браќата Младеновски и Симовски. Пратениците обвинети дека ги отвориле вратите во Собрание, организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ предводниците на патриотските здруженија не го искористија своето право и не дадоа одбрана пред судот. Паралелно со судскиот процес во Собрание тече и процесот на помирување со кој е предвидена селективна амнестија за упадот во Собрание. Доказната постапка за овој случај е при крај, следуваат завршните зборови на обвинителството и обвинетите и потоа судијката Добрила Кацарска треба да ја соопшти пресудата.

Фросина Факова-Серафиновиќ

 

 

Споделување со вашите пријатели: