Владо Поповски побара да се интервенира во предложената Преамбула

Владо Поповски побара да се интервенира во предложената Преамбула
Премиерот Зоран Заев денеска ја отвори првата јавна дебата за нацрт-амандманите на Уставот посочувајќи притоа можни прифатливи предлози кои би можеле да станат дел од нив, а се изнесени на дебатата во собраниската Комисија и на пленарната седница.

Дел од овие предлози се за примената дома на договорот, во Преамбулата таму каде што се зборува за референдумот од 1991 година да биде вметнато и Уставот на РМ, за граѓаните кои живеат во нејзините граници да стои „и граѓаните кои се дел од албанскиот народ…“, а исто така, рече премиерот, важно е во делот на државјанството да се прецизира што е државјанство, а што етничка припадност…

Професорот Владо Поповски даде сугестија да се интервенира во Преамбулата на Уставот, која, според него, создава најмногу дискусии, сомневања и изговори. Во Преамбулата, според Поповски, треба да стои „граѓани на Северна Македонија, македонски народ“, бидејќи укажува на битен фактор - а тоа е дека граѓаните на Република Македонија не се национален државен субјект туку се колективен субјект кој се бори за своја држава. Во тој дел, поповски нагласува дека треба да стои и „граѓани кои се дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, бошњачкиот и ромскиот народ, а не како што досега стоеше „граѓани кои живеат во нејзините граници“.

Тој бара во Преамбулата да стојат и решенијата од АСНОМ кои имаат конститутивно значење, а не да се употребува Прогласот, бидејќи тој, според него, е само информација.

Неговиот колега од Правниот факултет, професорот Љубомир Фрчкоски кажа дека предлагачот треба да нагласи дека со уставната интервенција не се загрозува граѓанскиот карактер и дека амандманите се прифатливи во однос на идентитетските одредници и во некои делови тие го зачувуваат и зацврстуваат идентитетот. Решенијата, според Фрчкоски, се во рамките на уставно-правните стандарди, односно Македонија не прави „чудо“ поради некаков притисок од Грција.

(Н.К.)

Споделување со вашите пријатели: